Македонскиот лав во Македонската борба (18-20 век)

Додека го склопував  постот за историјата на македоснкиот лав, забележав дека на интернет има многу малку податоци за симболите од илинденското време. За среќа наидов, случајно, на одличниот блог http://documents-mk.blogspot.cz/, и благодарение на неговиот автор ја склопив долната галерија. Линк до знамиња и до грбови

Во овој пост се претставени решенија на Македонскиот лав за периодот 18-20 век. Се надевам дека ги имам пронајдено најголемиот дел од нив.

Лавот се сретнува најпрвин на мијачките знамиња, или бајраци. Двата најстари зачувани примероци се стари околу 200 години. Други два примерока, свадбарски мијачки знамиња, се представени во Музејот на Македонија.




Одозгора лево према десно: Семејно Мијачко знаме (Галичани - денес во Австралија); Семејно мијачко знаме на Пандиловци, Следните две се свадбарски мијачки знамиња во Музејот на Македонија, Мијачкиот крстат бајрак од два извора.

Мијачки крстат бајрак е знамето на македонското племе Мијаци. Жителите на селата Галичник, Лазарополе, Тресонче, Гари, Росоки, Осој и ден-денеска го сметаат за свое и го истакнуваат сред село заедно со државното знаме на Република Македонија за време на празниците и прославите.

Лавот е најчесто представен како црвен на бела позадина. Фансис Конт наведува дека словените често го користеле црвениот конец за обреден вез за симболи на платно - архаични мотиви поврзани со старата митологија и степските народи, особено од Иран.

А сега мала дигресија од темата:
Мијакот Исаја Мажовски (1852 г. -1922 г.) од с. Лазарополе, во своите Спомени пишува дека македонскиот бајрак се користи уште од времето на античка Македонија, а особено по поделбата на Александровото Македонско Царство меѓу “Македонските Војводи (цит.)“ (ИСАЙЯ МАЖОВСКИ "Възпоминания", София, 1922 г., 19/20 стр.).

Според Мажовски, македонскиот бајрак бил забранет да се користи од страна на турците во време на османлиското владеење на Македонија. Но, бајракот останал најдоцна во употреба во градска средина во градот Костур (егејска Македонија) до втората деценија на 19 век, кога турците официјално го забраниле по иницијатива на фанариотите - грчките свештеници (ИСАЙЯ МАЖОВСКИ "Възпоминания", София, 1922 г., 19/20 стр.).

За македонскиот бајрак постои и стара македонска народна песна, која според Мажовски потекнува од античка Македонија и била посветена на Војводите на Александар Македонски:

“Застоjaл ми се воjвода,
Над големи град Солуна,
До него стоjaт два брата,
Два брата, два баjрактара
Високо баjрак држеје.
Тихиoт ветeр вееше,
Широко знаме ширеше,
Широка сенка држеше.
Све Солун града покрило,
И солунските чаршии,
В чаршии има седлари
И е млади златари,
Седлари седла правеjе,
Златари јузди лееје,
За тиа силни ајгри,
На македонските војводи.
Античка македонска песна, запишана од ИСАЙЯ МАЖОВСКИ „Възпоминания”, София, 1922 г., 20 стр.

Користени извори и повеќе за мијачките бајраци тука (блогот Macedonian documents) и тука (Филипова Снежана, белешки за мијачкото знаме).

Знамето на Разловечкото (Македонското) востание
Извор: дневен весник - Дневник линк овде

Неколку месеци пред востанието, неговиот најугледен водач, Димитар Поп-Георгиев Беровски им порачал на учителките од Солун, Недела Петкова и Станислава Караиванова, да изработат убаво знаме за востанието. Двете учителки, кои биле мајка и ќерка, навреме ја завршиле работата, па нарачаното знаме стигнало на време во Разловци пред востанието.На црвеното знаме на жолта (правоаглона) основа бил поставен разјарен црвен лав, покрај кој било извезено „Македонија“.



- По избувнувањето на востанието (1876 година), на знамето кое е широко 186 цм, а високо 165 цм, во Разловци дополнително било извезено на старомакедонски „Станете да ве освобода“, односно „Станете да се ослободиме“. Востаниците знамето го чувале како очите во главата. При задушување на востанието, Димитар Беровски со група соборци успева да го пробие обрачот. Со себе го изнесува и знамето. Две години подоцна Беровски раководи и со Кресенското востание... Знамето го чувал како нешто најсвето се до својата смрт во Ќустендилското село Долна Граштица на 19.12.1907 - вели пијанечкиот хроничар Димитар Узунски, автор на монограијата „Разловци“.

Оригиналнонто знаме денес се наоѓа во Софија, а во 1976, на стогодинината од Разловечкото востание, во музејот на Берово беше поставена негова реплика. 

- Копијата ја изработи беровката Марија Готовска. Претходно таа беше во Воено-историскиот музеј во Софија, каде се чува оригиналот, за убаво да го разгледа знамето што го направиле солунските учителки.... Готовска направи две идентични копии, од кои една е во нашиот, а втората е во Музеот во Скопје - истакнува Ѕвонко Скендерски, историчар во беровскиот музеј. 

Лавот во Илинденските знамиња



Знаме на струшките востаници за време на Илинденското востание против Османлиите од 1903 година. Жена облечена во темно со меч во десната рака и знаме во левата. На знамето со црни букви стои натписот „СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ“ (Слобода или смрт).


Кратовско Илинденско знаме
Предна страна: исправен златен лав на црвено поле. Над лавот со златни букви пишува "Кратово", а под него "1903", односно годината на кревање на Илинденското востание. Задна страна: череп, со две прекрстени коски.


Илинденско знаме на Загоричани (1903) - Костурско.
Лав со сабја во десната, пушка во левата шепа и круна на главата. Над него има натпис „СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ“, а под него „20 юли, 1903, ЗАГОРИЧЕНИ“.
Слика лево - реконструкција на знамето врз основа на слика наBerasil (Deviantart).



Знаме на охридските востаници за време на Илинденското востание од 1903 година. Жена со бело, зелено, црвено знаме во раката со натпис "СВОБОДА ИЛИ СМЪРТЪ (Слобода или смрт) и натписи МАКЕДОНИЯ и IIий окрѫгъ VIта околия"

Понатаму, зачувани се описи од знамето на Кукушката чета. Планото е купено од Солун. Го проектира Мицо Измирлиев, таткото на Христо Смирненски. Знамето го шие кукушката учителка Ана Малашевска со помош од својата колешка Рајна Измирлиева. Знамето било двослојно. На црвеното платно е прикажана девојка, која развијорува знаме со надпис „Свобода или смъртъ", а на другото зелено платно имало претстава на лав кој ја гази Османлиската месечина, и зборовите „Долу тиранина!".
Знамето било носено од четата на Крсто Асенов. Во заштита на востаничката светија загинале дури 4 знаменосци. На крај знамето било запленето и однесено во Солун.

За војводата Асенов, кој се оженил со Ана Малашевска (авторката на знамето), и за Кукушкото знаме постои народна песна. Песната е на бугарски јазик затоа што е преземена од бугарски извор:

Писмо пише Ана Малашевска,
писмо пише до Кръстю Асенов:
„Ела, либе, знаме да си вземеш,
че е знаме отдавна готово.
Ала, либе, много ти се моля
за байрактар мене да ме вземеш,
да развявам този свилен байряк
из Кукушко мило, равно поле.

Извор линк овде

Во Илинденските знамиња, неминовно се забележува дека лавот е секогаш прикажан како жолт на црвена основа, за разлика од лавот во Разловечкото востание 26 години предходно. Друг интересен детал е дека често лавот го гази османлиското знаме или ги распарува симболите на османлиската империја (месечината со ѕвезда).

Како трета карактеристика, на многу места на аверсот од знамињата лавот е припрата на млада девојка знаменосец, со меч во другата рака. Лавот го подржува поставувањерто на знамето на кое пишува Слобода или Смрт, а во исто време го гази знамето на Османлиската империја. Скоро секогаш пред нозете на девојката и лавот, има скршени пранги и синџири, симбол дека лавот ги скршил прангите и девојката (читај македонија) е спремна да се бори за својата слобода.

Македонскиот лав по осамостојувањето.

Знаме од основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ

17.06.1990 година, Скопје, Р. Македонија В Е П Македонија.

На основачкото собрание има и две знамиња со 16крако златно македонско сонце (т.н. Сонце од Кутлеш) на црвена позадина и уште едно. Слика од останатите знамиња на основачкото собрание:


Постоеле уште неколку верзии на лавот во ВМРО-ДПМНЕ, пред да се избере оицијалниот знак на партијата. Знамињата и симболите се изложени на конгресот од Прилеп 6-7 Април 1991.




И конечно, графичкото решение кое ќе стане основа за официјалниот знак на ВМРО ДПМНЕ, од 1991:


Како последна предствава во постов, го прикажувам предлогот на Мирослав Грчев за нов државен грб. Златен лав на црвена основа. Овој предлог, подржан од десничарските партии во 1990тите години, никогаш не стигнал до собраниска расправа, поради немање на подршка од лево ориентираните партии. Коментиран е како графички најиздржано решение на македонскиот лав досега.


Comments