Одлично интервју на Петар Гошев - бившиот Гувернер на Народната Банка, и долгогодишен политичар. Потпирајќи се на своето искуство во монетарната и фискалната политика, го прослетлува читателот со интересни закључоци за состојбата на македонската економија, и навлегува малку повеќе и во политичко анализирање на состојбата на македонската демократија во седмата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Според мене, најинтересен закључок е зголемувањето на буџетскиот дефицит од 2,5%, на 3,5% во 2013. Да потесетиме буџетскиот дефицит под 3% (како сидро според кое се водат европските економии), е гордост во политиката на ДПМНЕ и доказ према народот дека може да ветат многу, и да остварат според европски стандарди. Буџетот за 2013 е прв знак на неодржливиот јаз помеѓу ветувањата на ДПМНЕ и реалноста на долг рок, како и запловување во задолжувачки води во кои беа една Шпанија, Грција, Ирска пред 5 години. Иднината ќе покаже. Мора и да се забележи дека во неколку наврати Гошев дава забелешки кои наликуваат на празните црни сценариа на опозицијата, но во глобала човекот е во право. Интервјуто е преземено од ПлусИнфо интернет страната.
Интервјуто е превземено од: http://plusinfo.mk/mislenje/682/Ako-Gruevski-prodolzhi-so-konfrontacii-mozhni-se-i-zhrtvi
Ако Груевски продолжи со конфронтации можни се и жртви
- Петар Гошев
- Прочитано: 9350
- пред 24 часа
Господине Гошев, во Собранието и надвор од него, се случи тежок инцидент по повод донесувањето на буџетот на Република Македонија за следната година. Беа активирани групи за притисок, при што оние на власта бараа итно донесување, а опозицијата сакаше тоа да го спречи. Конфликтот во Парламентот се пренесе и на улица. Колку оваа ситуација беше и е опасна, и тоа не само за спротивставените партии, туку за цела Македонија?
Пред приближно три години, на една средба со премиерот Груевски попатно му реков: "Ако на овој начин ја продолжите конфронтацијата во државата, не ја исклучувајте можноста од меѓусебни жртви. Потоа, се разбира, не ќе ви остане ништо друго, освен како Понтиј Пилат да си ги миете рацете од одговорноста за жртвите, префрлувајки си ја меѓусебно вината". Не ја коментираше забелешката.
На 24 декември 2012 настаните во Парламентот и пред него беа на работ да проголтаат нечии животи. За среќа, имаше „само“ повредени. Битката за „освојување“ на јавноста преку монтирани улични протести е опасна игра. Креирањето на таква „култура“ во ниско развиена, и згора на тоа мултиетничка и мултиконфесионална држава, е игра со оган во „оксигенски шатор“. Од тоа што се случи, но и од други настани, се чини дека власта мисли дека може да ги дозира реакциите, односно конфликтите. Не е свесна кога, каде и колку дозираната социјална навигација може да се покаже како предозирана и сѐ да експлодира. Вистина, не знам до каде сето ова може да оди, но знам дека сме вратени на почетокот на настаните во некои бивши ЈУ-републики непосредно пред распадот на бившата СФРЈ. А, ние тогаш со не мала доза на задоволство велевме дека не дозволивме такви настани да ни се случат.
Со нив, прикаските за инвестициски рај се смешни, исто како и тврдењата дека сме функционална демократија.
Што мислите, дали групите кои бараа побрзо усвојување на Буџетот, знаат за што, всушност, се работи. Тие, пред сѐ, бараа буџетот да се донесе за да имало пари за пензии, субвенции и социјална помош. Но, од друга страна, барањата на опозицијата воопшто не се однесуваат на овие буџетски ставки. Може ли улицата да биде арбитар за донесување и изгледот на буџетот во една држава?
Македонија е потоната во лаги: лаги за историјата, лаги за националното битие, лаги за економскиот развиток, лаги за јавниот долг, лаги за вредноста на проектите, лаги за тоа каде всушност сакаат да ја одведат Македонија.
Групите што ѕемнеа и ѕемнат надвор се, всушност, сликата на очајот во кој лагата се голта како вистина за она што постојано им се губи од хоризонтот: лебот, топлиот дом, недофатливата извесност, работните места за себе и за своите деца. Повеќето од нив не знаат што е буџет и буџетски процес на подготовка и усвојување. Не знаат колку може да изнесува јавниот долг. Не знаат на кој начин најбрзо се губат пензиите, платите, социјалните трансфери и пред се работните места. Во општата безнадежност создадена од македонските елити, тие само го гледаат својот лидер во неговата уста од која чекаат директива да тргнат по искоренување на злото. А, злото е тоа што ќе им биде посочено од нивниот вожд. На крајот на прикаската, сепак, ќе сфатат, но толку доцна колку што е доволно нивниот вожд да замине со неговите кочии полни со нивната надеж.
За разлика од нив, вождот знае дека во сиромашна земја во изборот помеѓу „нужностите“ (основните средства за преживување), од една страна и слободата (човековите права) од друга страна, тие, смрзнатите, очајните, во суштина уплашени и истовремено разгневени, ќе се определат против својата и сободата на другите. Со тоа уште еднаш ќе се потврди дека тие не знаат дека слободата, односно политичките права и вистинската демократија се нераскинливо поврзани со нужностите (средствата за преживување), односно дека тие двете се, всушност, едно исто, нераскинливо поврзани и меѓусебно условени. Затоа, толку лесно „пали“ клетвата: „овие се против вашите пензии, против вашите субвенции, ние ќе ви ги дадеме“, без разлика од кои извори и со какво задолжување. Тој страв за губење на основните намирници или ветувањето дека ќе ги добијат, деспотите го користат безмилосно за евтина и лесна манипулација.
И Милошевиќ знаеше дека устав не се носи и прави преку референдумско изјаснување. Но, така го донесе. И муслиманскиот претседател на Египет знае дека уставот не треба до го носи преку референдум, па, сепак, го стори тоа. И Груевски знае дека буџет не се прави на улица, но, сепак, ја користи. Сите спомнати и неспомнати го знаат тоа добро, но, сепак, се надеваат дека со тоа ќе возат доволно долго додека нивните кочии не заминат безбедно, оставајќи не сите други во ѕифт прашина за да не видиме каде ќе отпатуваат. Значи, одговорот за тоа дали улицата може да биде арбитар при донесувањето на буџетот во една држава е позитивен. Но, колку долго ќе може така, ќе зависи од тоа колку брзо и колку повеке луѓе ќе ја сфатат причинско-последичната врска меѓу нужните стедства за живот, од една и слободата и демократијата од друга страна. Дотогаш, тие, изведените на улиците, само ќе се залажуваат дека со тоа одлучиле во своја полза.
Како го оценивте предлогот на опозицијата за штедење? Сметате ли дека станува збор за добар предлог во време на рецесија? И може ли таков предлог да помогне во намалувањето на јавниот долг и буџетскиот дефицит, за кој Светската банка предвидува дека годинава ке биде дури 3,7 отсто, како и за начинот на враќање на веќе постоечките долгови?
Првпат една опозиција кај нас бараше помал буџет. И побара конкретно поинаква структура и намена на средствата. Поради тој факт, ако не поради друго, предлогот заслужуваше барем пристојна дебата, а не евтина манипулација за тоа кој, наводно, е за исплаќање на пензии и субвенции и кој, наводно, не е за тоа.
За прикаските дека во услови на рецесија државата треба повеќе да троши, веќе зборував во друга прилика. Да повторам нешто накусо: мала и целосно отворена економија, каква што е нашата, нема многу да си помогне со зголемување на дефицитите врз основа на странско задолжување. Тоа повеќе им помага на земјите од кои позајмува и од кои претежно се увезува. Згора на тоа, пак, ако добар дел од позајмените пари ги троши на увозни екстраваганции, бескорисноста, па дури и штетноста од зголемувањето на долгот станува уште поголема. Растот на економијата не се поттикнува на тој начин, но растот на контата, на тие што однапред се знае дека ќе ги добијат тендерите, сигурно се случува.
Во овие околности барањата на опозицијата не беше најнужно да се стремат кон намалување на долгот. Доволно беше ако со нив се спречеше неговото натамошно неразумно зголемување и, особено, ако се подобреше структурата на расходите со што би се подобрила нивната ефективност врз економијата и ублажувањето на сиромаштијата. И токму за тоа власта и опозицијата требаше одговорно да разговараат. Но, таа, власта, има свој проект и вели дека за тоа гласале граѓаните на парламентарните избори. Тоа наводно било доволно таа натаму да не прашува никого и да не прифаќа ништо. Сите други треба само отстрана да гледаме и да се восхитуваме на нејзините изуми. За жал, власта има криво разбирање на демократијата. Всушност, нема никакво разбирање. Таа смета дека добиената подршка на изборите од една четвртина или од една петина од вкупниот број избирачи и дава право брутално да го игнорира мислењето на останатите, да ги задолжува колку сака и како сака и да врши дистрибуција на материјалните средства само низ нејзината призма. Ако е така, Тито имаше речиси плебисцитарна подршка од граѓаните на бившата СФРЈ, Милошевиќ во одредени периоди имаше не помалку од три четвртини поддршка од неговите Срби, Хуго Чавез сигурно има повеќе од Никола Груевски, Хитлер пред војната, исто така, имаше поголем процент на поддршка од процентот на кој се повикуваат лидерите на нашата сегашна власт. Значи ли тоа дека тие беа демократски лидери и дека управуваа во интерес на своите нации?
Што се однесува до буџетскиот дефицит, да се потсетиме дека тој беше првично проектиран на 2,5 отсто од БДП. Откако Владата увиде дека приходите не се остваруваат во согласност со проектираното, односно согласно нејзините желби и откако подразбра дека натрупувањето на долгот кон приватниот сектор веќе не може да го крие, одеднаш го најде решението во дополнително зголемување на буџетскиот дефицит на 3,5 отсто, без расправа во Парламентот. Но и тоа не и е доволно. Светската банка вели дека тој, сепак, ќе биде поголем и од тоа, односно 3,7 отсто од БДП. Меѓутоа, јас велам дека ни тоа не е точно, бидејќи во дефицитот не се вклучени достасаните неизмирени обврски на Владата кон приватните компании врз основа на данокот на додадена вредност и обврските по основ на договорите за дело. За колку de facto е поголем, ние не знаеме, сѐ додека не се изврши непристрасен увид од надворешна контрола. Тој проблем бездруго го знаат и претставниците на Светската Банка во Македонија, но тие од кариреристички мотиви, или можеби од некои други, не ја известуваат за тоа централата во Вашингтон кога и се обраќаат со барање на Македонија да и се додели некоја нова кредитна линија или гаранција за некое позајмување од други кредитори. Ќе се согласите, тоа не е одговорно однесување. Тоа не е здраво, прудентно макроекономско управување со ризиците во доменот на јавните финансии.
Што мислите за прифатените 44 амандмани од страна на власта во рамките на 1.225 поднесени од опозицијата, кои се однесуваат на износ од само 3,1 милион евра, односно само 0.13 отсто од вкупниот буџет и во ситуација кога опозицијата бараше кратење или барем дискусија за износ од 204 милиони евра?
Во дадената ситуација тоа не беше одговор и излегување во пресрет на барањата на опозицијата, туку прашина во очите на јавноста која требаше да поверува, односно да биде излажана по кој знае кој пат, дека власта е кооперативна и дека на другите не им е целта подобар буџет, туку блокирање на работата на државата. Таа претстава и беше потребна на власта како подготовка за тоа што потоа имала на ум да направи - брутална интервенција кон пратениците на опозицијата. Дека ни на крај памет не им паѓало да се нагодуваат со опозицијата, говореа многу пред тоа оркестрираните и режирани собирања на народ за „вразумување“ на опозицијата. Така што, сѐ се случуваше во согласност со односот на силите во Парламентот и другите државни институции, но не и во согласност со вкупната слоевитост и потреби на општеството.
Инаку, не е проблемот во тоа што власта би изгласала буџет без трошка влијание на опозицијата. Таква е нашата вкупна досегашна практика. Но, во последниов случај имаме неколку клучни нови моменти. Првиот е што оваа власт, како ниедна досега, крои буџети темпирани за краткорочно купување гласови, претворајќи го изборниот систем, како што веќе реков, од систем „еден човек-еден глас“ во систем „едно евро-еден глас“, со таква функционализација не само на редовните приходи на буџетот, туку и на креираниот јавен долг.
Вториот нов момент е забзаното темпо на раст на јавниот долг (надворешен и домашен), кој, доколку не забави, се заканува да ја поткопа финансиската стабилност на земјата. Овие две карактеристики се веројатно една од причините што ја натерало опозицијата да предложи позначајна корекција на предлогот на буџетот од било кога, користејќи веќе проверена процедурална постапка во Парламентот - да го блокира процесот на донесување на еден акт за да изнуди дијалог и компромис. Опозиција која во таква ситуација - големи нерационални трошоци и отворен пат кон презадолжување на земјата - не би реагирала со сѐ што и стои на располагање, дефинитивно би била неодговорна и не би имало потреба да седи во Парламентот. И така стигнавме до главното прашање што целосно ја демаскира нашата нефункционална демократија: процедурата што важи за едниот партнер во власта, не важи за опозицијата. Следува тепачка, насилно исфрлање на опозицијата од Парламентот, грди слики за нас низ светските медиуми и изјви дека тоа било обид за неуставно соборување на легитимно избраната власт. Всушност, го имаме спротивното: неограничена со ништо власт. А, власт без ограничувања неможе по дефиниција да биде демократска власт.
Како гледате на постапката за задолжување пред избори, која веќе вторпат ја практикува актуелната власт? Лани пред парламентарните избори се задолжи кај ММФ со 220 млиони евра, а годинава за подршка на буџетот од Светската банка се земаат 50 милиони долари, додека вкупниот износ кој власта сака да го земе од Светската банка изнесува 220-250 милиони евра. Мислите ли дека ваквото задолжување пред избори може да се оправда, или е, сепак, непримерен преседан?
Не е преседан. И други го правеле тоа и го прават. Централното прашање е дали тие средства се наменети за водење здрави политики, дали одговорно се насочени за поттикнување на економскиот раст на земјата од кој ке имаат полза сите граѓани или, пак, средствата се наменети за дерогирање на изборниот систем, претворајќи го, како што реков, во систем „едно евро- еден глас“, за задоволување на материјалните апетити на врхушките, за „купување“ на медиумите, кои наместо објективно информирање нудат „детергенти“ за перење на секоја аномалија на власта. За жал, во услови на изобилство од наведеното однесување, и кредитите што се земаат далеку пред изборните циклуси не се со самото тоа попречени да стигнат таму каде што не треба, односно да значат нефер предност за партиите на власт.
Владата во петокот продаде државни записи во износ од 100 милини евра, а за неделава е се најавени нови задолжувања за уште 135 милиони евра. Дали Владата со ова сака да се обезбеди со пари пред избори и евентуално си правеше резервна варијанта во случај да не го донесеше Буџетот? Дали ваквото задолжување не ги прави дискусиите околу буџетот беспредметни со оглед на фактот што Владата и на ваков начин може да најде пари за трошење?
Треба да се знае дека усвојувањето на буџетот во Парламентот значи дека се усвоил закон. Буџетот е закон. Владата е должна да го спроведува буџетот исто како што е должна да постапува во согласност со другите закони. Со усвојувањето на буџетот се усвојува и колку може да изнесува новото задолжување, односно тнр. буџетски дефицит. Во Буџетот е запишано, исто така, колкав дел од новиот долг ќе се оствари со домашно задолжување, колкав дел од надворешно задолжување. Владата мора да се движи во рамки на усвоениот дефицит од страна на Парламентот. Владата не смее без Парламентот да се задолжува повеќе од дозволеното. Затоа дискусиите во Парламентот не смеат да бидат беспредметни. Ако е така, тогаш настапува опасно безвластие, суспендирање на парламентарната контрола над извршната власт и суспензија на демократскиот систем. За жал, „креативноста“ на оваа влада нема крај. Пред извесно време, таа, без Парламентот, објави дека буџетскиот дефицит го зголемува од 2,5 на 3,5 отсто. Со дремливата опозиција, и нејзините „кукли“ во функција на пратеници, си протнала матни измени во буџетот со кои може да си толкува дека таа има право тоа да го прави. Се сомневам дека тоа може да издржи проверка на уставноста, бидејќи извршната власт узурпира една од најважните надлежности на Парламентот. Тоа е опасен преседан со кој извршната власт бега од парламентарната контрола и еден ден може да осамнеме со долгови за кои никој ништо не слушнал.
Друго е прашањето што во Парламентот лидерите, значи и премиерот, си имааат свои „кукли“, а не пратеници, претставници на народот. Тие „кукли“ се подготвени, за милоста на својот лидер, да му изгласаат сѐ, буквално сѐ, независно колку и да е тоа штетно за интересите на земјата, бидејќи нивниот лидер знае сѐ и најмногу ја сака земјата. Сите сме сведоци со каков жар куклите- пратеници ги имаат брането своите партиски лидери и истовремено премиери и тогаш кога врапчињата знаеле колку се тие корумпирани и за колку кратко време, од голтари, што би рекол нашиот народ, станале, на пример, богати „колку еден среден бизнисмен“. Тоа продолжува во континуитет. Ние, de facto, немаме систем на поделба на власта. Извршната има јавнато речиси секого. А, тоа не е состојба во која е можна функционална демократија.
Затоа, поголемите позајмувања на Министерството за финансии деновиве и поголемото трошење кон крајот на годината е редовна неубава практика . Тоа не е добро за монетарната политика на која и годи рамномерна дистрибуција на трошењето на Владата во текот на годината. Другото е клучно: строгото придржување до усвоениот буџетски дефицит, определен од страна на Парламентот и релизација на вкупниот буџет таков каков што е усвоен од Парламентот. Но, видовме дека владата манипулира, мами, во врска со буџетскиот дефицит. Тоа е недозволиво, бидејќи тоа, всушност, е мамење со јавното задолжување.
Што покажува ова за односите меѓу власта и банките, кога тие се подготвени за една недела да и помогнат на државата со 235 милиони евра? Дали банкарите се во џеб на власта и таа може да побара пари од нив кога сака или тие од сопствен интерес го прават тоа за набрзина да свртат поголеми суми на пари? Кои банки , според вас, би можеле да изнајдат волку средства, вака брзо, за ова значително количество државни записи?
Банките не кредитираат од љубов, туку од интерес. Можно е некој менаџер или акционер да кокетира со власта заради „одржување добри односи“, па, така, нешто повеќе од оптимално да вложува во државни хартии од вредност. Но, тоа може да бидат исклучоци и не тоа не е перманентно. Ако банките имаат подобри алтернативи за кредитирање, тоа тие и ќе го прават. Освен тоа, ретко која друга институција во пазарна економија води и е обврзана да води сметка за ризиците, како што е тоа случај со банките. Надвор од таквиот вид на однесување во некои пошироки рамки, би се говорело за постоење на посебна состојба во општествениот систем - подлабоко потиснување на пазарната економија и на сопственичките права.
Што треба да се направи за да не се случува ваква буџетска драма, или криза?
Ние немаме буџетска криза. Да е само тоа во прашање, не би бил толку загрижен. Ние имаме политичка криза како перманентен дефицит на демократија и култура на дијалог и како перманентна узурпација на јавните ресурси од мали групи, кои постојано испишуваат неславни стрници од нашата ќопава парламентаарна демократија.
Ако неодамна Латинка Перовиќ имаше причина да изјави дека „народот не е вечна категорија“ и дека „историјата е полна со гробници на пропаднати народи“, додавајќи дека „Србија исчезнува, не го разбираме времето“, што да кажеме ние, со нашите неспоредливо потешки проблеми со петкратно помалубројна нација? Го разбираме ли ние времето? Ја знаат ли нашите челници нашата вистинска ранливост? Го гледаат ли тие секојдневното топење на нашата национална супстанца? Го гледаат ли нашето заостанување, нашиот непрекинат егзодус и мислат ли дека пендраците ке ја зацврстат државата? Значи, не мислам дека буџетот е нашиот проблем. Болеста е подлабока: економска, политичка и длабоко културолошка и етичка криза, со непрекинат тек. Тоа не се лекува со фаланги по улиците кои како загари се нас`скуваат против инакумислечките.
Какви се вашите прогнози за стапката на раст на македонската економија за оваа година? За да има раст на годишно ниво, третиот квартал треба да прикаже раст на БДП од 1,5 отсто. Дали е ова можно со оглед на фактот што паѓа и индустријата и трговијата на мало, а раст има само кај градежништвото, кое на сила го пумпаа власта со државни градежни проекти само за економијата да не покаже пад? Исто така кои се вашите прогнози за 2013 година- Светската банка предвидува 1 отсто раст, а ММФ 2 отсто раст. Која е вашата прогноза?
Уште во средината на годината сметав дека не ќе можеме многу да се оддалечиме од нулата. Сега се говори дека е можно да завршиме и со мал минус. Но, слушнав дека некој се погрижил во последниве месеци да се активира ОКТА, па можеби тоа ќе не задржи околу позитивната нула. И претстојната нова година ќе биде исклучително тешка. Кредитната инфузија краткорочно ќе помогне за да не се види целокупното фијаско на економската политика на Владата, која го исуши целиот резервоар на гориво со неразумно, непродуктивно трошење, започнато уште со доаѓањето на власт. Нема добри вести од европската економија. Сликите што ги емитиравме од и околу Парламентот дополнително ги отежнувваат работите во врска со можниот прилив на странски инвестиции. Во секој случај, ќе биде уште една година за преживување, а не за раст и развој.
Како Македонија ќе се справи со доспеаните обврски од јавниот долг во 2013 година, а и во 2015, кока треба да вратиме уште една еврообврзница и во 2016, кога имаме, исто така, големи износи за отплата? Има ли Македонија и оваа власт капацитет да ги рефинансира овие долгови во ситуација кога светските пазари на капитал бараат високи камати ако сакаме да издадеме нова еврообврзница и во ситуација на европска должничка криза кога капиталот не е лесно достапен и во самата Европа, а камоли за нас? И што мислите за необјавувањето на точните износи на ратите што земјата треба да ги враќа од година во година во следните 5 години? Дали ова може да се оправда?
Македонија веќе во овој момент тешко се справува со јавниот долг. Да не беше така, владата немаше така агресивно да бара ново, високо задолжување, прибегнувајќи дури и кон употреба на сила кон тие што се обидоа тоа да го попречат. Освен тоа, немаше да ја крие висината на вкупниот јавен долг и немаше да дозволи да не ги измирува редовно обврските од домашниот јавен долг. Владата е влезена во циклус на кредитна зависност од кој неможе да излезе без некои последици - и економски и политички. Неа и требаат кредити за враќање на доспеани кредитни обврски, кредити за измирување на долговите кон приватниот сектор, кредити за дупките што зјаат за завршување на проектите од „Скопје 2014“, кредити за создадените обврски за делење субвенции, итн. Во овој момент зависноста на владата од кредити, за да ја одржи сликата за себе, а што постојано ни ја турка пред нос како за „дарежлива“ и „градителска“ власт, е еднаква на потребата на ноторен алкохоличар од чашка ракија без која рацете нема да престанат да му се тресат. Без нови кредити целата концепција им се руши како кула од карти. Лично мислам дека натамошното одржување на тој концепт на водење економска политика се приближува кон својот крај. Ако однатре немаме капацитет да прекинеме со тоа, ќе стигнат скапи предупредувања однадвор.
Интервјуто е превземено од: http://plusinfo.mk/mislenje/682/Ako-Gruevski-prodolzhi-so-konfrontacii-mozhni-se-i-zhrtvi
Comments
Post a Comment