Духовите од минатото ја загрозуваат иднината

Превземено од http://fellowship.birn.eu.com/

Духовите од минатото ја загрозуваат иднината на

Борис Георгиевски Скопје, Тетово, Солун и Софија
Стремежот да се создаде нов идентитет, како наследство од древната антика, предизвикува криза на идентитетот во земјата и ги зголемува тензиите со соседите.
Секоја сабота во ударен вечерен термин на една локална телевизија од Скопје Атанас Пчеларски го објаснува значењето на зборовите од древниот антички македонски јазик на современ македонски.

„Македонија е изворот на светот. Од Македонија тргнуваат јазиците, темата за бог, религијата, правниот систем, се потекнува од Македонија“, вели тој. Античка Македонија и современа Република Македонија се едно исто.

Пчеларски е еден од многуте што тврдат дека постои директна врска меѓу светот на Александар Велики и денешна Македонија. Растечката опсесија со војсководецот е само дел од контроверзната дебата за античките корени на современа Македонија – и современиот идентитет.

Откако националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ ги доби изборите во 2006 година, името и сликата за Александар станаа повидливи. Она што започна како ребрендирање на централниот аеродром во земјата прерасна во широкораспространет феномен.

Преименувањето во „Аеродром Александар Велики – Скопје“ ја разбесни Грција, која тврди дека Александар бил Елин и дека и името на Македонија и античката историја на регионот се исклучиво културна сопственост на Грција.

Двете соседни земји се заглавени во спор околу името на Македонија откако поранешната југословенска република прогласи независност во 1991 година.

Иако Македонија ги отфрли дипломатските сугестии да го поништи преименувањето на аеродромот, земјата се воздржуваше од понатамошни провокации се до  минатата година.

Но, по блокадата на Грција на приемот на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во април 2008 година, Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, почна низа проекти што го слават Александар и другите антички херои.

Ваквиот процес не помина без критика во Македонија. Критичарите велат дека овој обид за изградба на нов идентитет на Македонија базиран на претпоставената врска со античкиот свет, познат под името антиквизација, има разорни последици.

Една од нив е дека кампањата става нов притисок врз кревкото мултиетничко општество во кое незадоволството на големото етничко албанско малцинство веќе се зголемува.

Друго стравување е што истакнувањето на антиката предизвикува поделби меѓу самите Македонци во две групи, на оние што ја поддржуваат „антиквизацијата“ и оние што се сметаат за Словени.

Поделена територија

Пет века Македонија била дел од Отоманската Империја. По 1913 година, нејзината територија била поделена меѓу три балкански држави. Грција, која добила околу 34,200 км2 (околу 52 процента од територијата). Србија ја добила територијата на денешна Република Македонија, односно 25,333 км2. Бугарија добила најмал дел, односно 6,449 км2.
Со генерации, особено додека Македонија беше дел од Југославија, Македонците се држеа за словенскиот идентитет, кој беше посебен, но поврзан со оној на Словените од соседна Србија и Бугарија.

Последниот проблем е загриженоста дека популистичката кампања ги отуѓува странските сојузници, како и соседите на Македонија. Експертите забележуваат дека и Бугарија и Грција би можеле да ја искористат својата моќ како земји-членки на ЕУ да го одложат или да стават вето на приемот на Македонија во Унијата.

Менување на лицето на јавниот простор

Кога Анастас Вангели се вратил во Македонија во средината на 2009 година, откако поминал една година на магистерски студии на тема поврзана со национализам во Будимпешта, тој бил вџашен од променетата атмосфера.

„Како општеството да се свртело само кон себе“, вели тој. Како Македонците да се гледаат во магичното огледало од детската приказна и да прашуваат: огледалце, огледалце, на светот најантички кој е?“

Но, медиумите не се единствените што ја обработуваат темата за античкиот идентитет на Македонија. Споменици на античките херои се градат речиси во секој поголем град.

Во центарот на главниот град Скопје во очекување е изградбата на споменик на Александар, висок 22 метра, идната година. Неговиот споменик веќе го краси центарот на Прилеп.

За неколку месеци, статуа на таткото на Александар, Филип Втори, ќе блесне на плоштадот во Битола. Главниот автопат до грчката граница е преименуван во „Александар Македонски“, додека градскиот стадион во Скопје беше преименуван според неговиот татко Филип.

Според официјалните податоци, илјадници луѓе биле платени за да работат на археолошките наоѓалишта. Директорот на Управата за заштита на културното наследство, археологот Паско Кузман, вели дека нивната работа докажува оти денешните Македонци потекнуваат од антиката, а не од Словените што мигрирале на Балканот во 5 век.

„Македонија може да го одбрани своето име само ако докаже дека македонскиот народ има антички, а не словенски корења“, изјави Кузман во една телевизиска емисија во јуни.

Заедно со подигнувањето споменици и преименувањата, Владата финансираше и ново издание на Историјата на македонскиот народ.
Првпат во 65-годишната историја на земјата, во ова полуофицијално издание се тврди дека Македонците не се потомци на Словените, како што сугерираа претходните истории, туку на Македонците од античкиот период.

Официјалните владини претставници го бранат новото толкување на историјата. „Потребно е читање на историјата кое ќе ги опреми Македонците за 21 век“, изјави Ивица Боцевски, вицепремиер одговорен за европските прашања, кон крајот на јуни, само неколку дена пред да поднесе оставка на функцијата.

Македонските лидери ја фалат кампањата како подигнување на националниот морал. Претседателот Ѓорге Иванов вели дека стремежот за антиката е „резултат на фрустрациите и депресијата по Самитот на НАТО во Букурешт“, кога Грција стави вето на приемот на Македонија.

Меѓутоа, поранешниот премиер и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ,  Љупчо Георгиевски, се потсмева. „Владата сурфа на популистички бран“, тврди тој.

„Оние што ја застапуваат тезата за античка Македонија се агресивни и вулгарни и веќе имаме еден проблем - луѓето се караат кој е антички, а кој словенски Македонец“, додава Георгиевски.

Странските дипломати предупредуваат дека кампањата го намалува меѓународното сочувство за Македонија во спорот со Грција. „Во почетокот гледавме на овој процес како на тактика во спорот со Грција, но станува јасно дека ’антиквизацијата’ се користи за добивање политички поени во домашната јавност“, се доверува висок дипломат на ЕУ во Скопје.

Против „антиквизацијата“, но ја поддржуваат Владата

Една анкета спроведена од Меѓународниот републикански институт во јуни годинава покажа дека 59 отсто од Македонците бараат Груевски да се насочи кон економијата, а не кон програмата за „античка Македонија“. Други анкети покажуваат дека партијата на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ, има три пати повисок рејтинг од најголемата опозициска партија во земјата – Социјалдемократскиот сојуз.
Кој „прв дојде“?

На домашен фронт, прашањето за тоа кој „прв“ се населил на Балканот ја влоши поделеноста меѓу Македонците и албанското малцинство, што сочинува една четвртина од населението.

Сем Вакнин, поранешен советник на актуелниот премиер Груевски, ја опишува „антиквизацијата“ како проект за изградба на нација, чија суштина е антиалбанска, а не антигрчка или антибугарска.

„Антиквизацијата има двојна цел, да ги маргинализира Албанците и да креира идентитет што нема да им дозволи на Албанците да станат Македонци“, вели Вакнин.

Абдурахман Алити, долгогодишен лидер на албанската Партија за демократски просперитет, ПДП,  се согласува со тезата дека кампањата е насочена против Албанците. „’Антиквизацијата’, всушност, испраќа порака кон Албанците дека тие се дојденци во оваа земја и дека нема што да бараат“, вели тој.

Од своја страна, и повеќето Албанци тврдат дека „дошле први“. Тие сметаат дека современите Албанци потекнуваат од илирските племиња, за кои пишувале историчарите од антички Рим во своите книги. Некои тврдат дека Александар имал илирско потекло.

Албанците беа навредени кога Македонската академија на науките и уметностите во септември издаде енциклопедија во која за Албанците се вели дека се „доселеници“ и „Шиптари“ – термин кој тие го сметаат за навредлив. Албанците и во Македонија и во Косово одржаа протести - против она што тие го сметаат за лага.

Во Албанија, историчарот и политичар Сабри Годо рече дека енциклопедијата има цел „да го уништи мирниот соживот меѓу Албанците и Македонците“.

Косовскиот премиер Хашим Тачи го повтори незадоволството. „Фактите презентирани во енциклопедијата се типични за растечката тенденција во Македонија за влошување на етничките тензии“, тврди тој. Дипломатите од земјите на ЕУ и од САД ја искажаа својата загриженост дека објавувањето на книгата  и се заканува на етничката хармонија во Македонија.

Како резултат, книгата беше повлечена. Но, дипломатите и понатаму се загрижени за иднината на Охридскиот договор, меѓународно посредуван со кој му беше ставен крај на вооружениот конфликт меѓу македонските безбедносни сили и албанските востаници во 2001 година, со кој албанската заедница доби поголеми права.

Оттогаш, изгледите на Македонија за добивање членство во НАТО и во ЕУ помогнаа да се одржи кревкиот мир меѓу заедниците. Но, спорот за „името“ со Грција го забави напредокот кон членство во ЕУ и во НАТО.

Од 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ коалицираше со два различни албански партнера - Демократската партија на Албанците, ДПА, и ривалската Демократска унија за интеграција, ДУИ.

И обете партии се жалеа дека служат само како декор за етнонационалистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ и соопштија дека наскоро очекуваат решение на спорот за „името“ со Грција.

„Ако не се реши спорот за името и Македонија не влезе во НА¬ТО до крајот на годината, Албанците треба да ги преиспитаат своите опции“, изјави во јуни потпретседателката на владејачката ДУИ, Теута Арифи.

Сефер Тахири, локален аналитичар, вели дека албанските партии би можеле да бараат федерализација на државата, па дури и да се заканат со отцепување, ако почувствуваат дека опсесијата на ВМРО-ДПМНЕ ги урива шансите на Македонија за приклучување кон ЕУ.

„Оваа Влада се обидува да ја врати државата пред 2001 година... во моноетничка држава само на Македонците. Доколку не се реши проблемот со името и земјата не стане членка на НАТО, меѓуетничките проблеми ќе ескалираат“, вели Тахири.

Тензиите полека ескалираат. Во август, една група македонски хулигани нападнаа населба во Скопје во која живеат етнички Албанци, при што беа повредени најмалку 10 лица. Тогаш, албанското националистичко движење „Самоопределување“ од Косово ги разгоре страстите, повикувајќи ги Албанците во Македонија да се отцепат и да се приклучат кон обединета Албанија.

Аналитичарот Жарко Трајановски вели дека „антиквизацијата“ станала меч со две сечила. „Се гради нова нација, но се разградува [постојната] држава“, вели тој.

„Доколку продолжи оваа политика на поделби, за десетина години можат да се создадат два тотално различни македонски етноса, кои би биле целосно различни и нетолерантни меѓу себе“, додава тој. „Тоа може да доведе до граѓанска војна“.

Идентитетот како одбранбен механизам

Дел експерти велат дека чувството да се биде под опсада од соседите ги положило темелите за подем на „антиквизацијата“, како еден вид одбранбен механизам.

Освен внатрешните тензии со етничките Албанци и приговорот на Грција да се користи името „Македонија“, Бугарија, исто така, го напаѓа македонскиот идентитет, тврдејќи дека Македонците се етнички Бугари.

Меѓутоа, најсилни се приговорите од Грција. Покривот на граничниот премин Меџитлија/ Ники, во близина на Битола, е украсен со истиот антички штит што може да се види на плоштадот во Битола.

Штитот го прикажува „сонцето од Вергина“, симбол што го сметаат за свој и Грците и Македонците. Но, на овој има напис и на англиски и на грчки јазик, каде што пишува: „Македонија е родена грчка“.

Написот е потсетник за грчката решеност да ги сметаат античката култура и зборот „Македонија“ за свои. Во една анкета спроведена на национално ниво во Грција минатата година, и Грците го прогласиле Александар за свој најголем национален херој.

Василиос Гунарис, професор по историја на Универзитетот Аристотелис во Солун, вели дека политичарите од двете страни на границата манипулираат со историјата. „Сите земји флертуваат со историјата и со митовите, но кај нас на Балканот тоа не е флерт, тоа е стабилна врска“, вели тој.

„За нас, Грците, да се биде Грк или Македонец, е едно исто“, вели во доверба една висока дипломатка. „Тоа е дел од нашата традиција, култура, начин на живеење. Вие [Македонците] сте нова нација на Балканот... Вие мора да си изградите нов идентитет затоа што го крадете нашиот македонски идентитет“.

Преку другата државна граница, Македонците, исто така, се обвинети дека ја крадат историјата од други луѓе – овој пат од Бугарија. „Ниту една од историските фигури или од преродбениците што ги славите вие [Македонците] не биле Македонци, туку Бугари“, тврди лидерот на партијата ВМРО во Бугарија, Красимир Каракачанов.

Тој инсистира дека им бил наметнат вештачки македонски идентитет на етничките Бугари во Македонија по 1944 година, кога партизанската армија на Тито ја избркала бугарската војска од Македонија и ја присоединила територијата кон Југославија, која била преструктурирана во федерација.

„Во Македонија е измислен еден вештачки идентитет. Одделен македонски јазик нема - тоа е бугарски дијалект со неколку различни збора“, додава  Каракачанов.

Таквите гледишта се вообичаени во земјата. „Генералната позиција во Бугарија е дека Македонците се Бугари со промената свест“,  објаснува познатиот бугарски активист за човекови права Јонко Грозев.

Еден наизглед банален проблем, во почетокот на август 2009 година, доведе до ново заострување на односите меѓу Македонија и Бугарија. Откако Бугарија стана членка на Европската унија, над 50.000 Македонци зедоа бугарски пасоши, со што им се олеснува патувањето во земјите на ЕУ, а кои официјална Софија им ги нуди доколку го признаат своето „бугарско потекло“.

Но, откако македонските власти ја осудија Спаска Митрова, македонска граѓанка со бугарски пасош, на тримесечна затворска казна во август, бидејќи не му дозволувала на сопругот да го посетува нивното дете, официјална Софија изврши притисок врз Скопје да ја ослободи „нивната“ државјанка. Повторно, беа слушнати закани дека ќе биде блокиран приемот на Македонија во ЕУ.. Митрова беше ослободена во октомври.

Кој кого дестабилизира?

Иако многу безбедносни експерти сметаат дека ЕУ и САД нема да дозволат тензиите во регионот да се претворат во насилство, ситуацијата се влошува. Лути поради енциклопедијата, фудбалските навивачи на Косово го запалија македонското знаме на 27 септември на еден натпревар меѓу два косовски тима, Влазними и Приштина.

Албанскиот бес за енциклопедијата, долгиот конфликт со Грција и неодамнешните препирки со Бугарија ја оставија Македонија со малку пријатели и неколку лути соседи.

Македонската и грчката влада се обвинуваат меѓусебно за дестабилизирање на регионот. „Груевски го разгорува национализмот и нетолеранцијата кај соседните земји“, оцени поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, во февруари 2009 година.

Македонскиот претседател Иванов реплицираше. „Притисокот од Грција го дестабилизира целиот регион“, рече тој.

Откако десноориентираната грчка влада изгуби на септемвриските избори, новата левичарска влада се заложи да биде конструктивна во спорот за „името“, иако малкумина очекуваат дека Грција суштински ќе ја промени својата позиција.

Повеќето се согласуваат дека, ако и кога Македонија ќе  и се приклучи на ЕУ, поголемиот дел од сегашните тензии ќе се намалат. Есента 2009 година донесе добри вести во оваа насока.

На 14 октомври, Европската комисија препорача да  и биде дозволено на Македонија да започне преговори за членство со Брисел. Но, Советот на ЕУ треба да ја донесе конечната одлука во декември и да одреди датум за почеток на преговорите – и Грција може да го блокира потегот ако Македонија не покаже политичка волја за решавање на спорот за името во меѓувреме. Проблемите на Македонија се далеку од завршени.

Одамна изгубени роднини

Во јули 2008 година, принцот Газанфар Али Кан и принцезата Рани Атика од племето Хунзи од Хималајскиот регион во Пакистан, самопрогласени наследници на Александар Велики, го посетија Скопје и се сретнаа со високи државни претставници, вклучувајќи го премиерот Груевски и поглаварот на Македонската православна архиепископија, кој ги благослови. Муслиманските Хунзи не беа чуле за Македонија до пред 12 години, кога еден македонски професор по лингвистика изјави дека јазикот на Хунзите и индоевропските јазици имаат иста граматика. Официјална Атина, исто така, одржува блиски релации со Пакистан, но со племето Калаши, исто така, од Хималајскиот регион. Грчките иселеници во САД бараа од американската влада посебна заштита за „елинските наследници на армиите на Александар Велики“ на Хималаите
Овој текст е дел од програмата Стипендии за новинарска извонредност на Балканот, иницијатива на фондациите Robert Bosch и ERSTЕ, спроведена во соработка со Балканската Истражувачка Мрежа, BIRN.

FELLOW BIO

Comments