Екс амбасадорот Кристофер Хил открива како е постигната Времената спогодба со Грција

Екс амбасадорот Кристофер Хил открива како е постигната Времената спогодба со Грција

Превземено од сител

Новообјавената книга на поранешниот американски амбасадор во Македонија Кристофер Хил открива нови детали за постигнувањето на Времената спогодба меѓу Македонија и Грција, за Косовската војна, преговорите во Дејтон и други теми од поскорешното минато, пишува МИА.

Мемоарот насловен како Упориште – живот поминат на бојното поле на американската дипломатија, објавена на почетокот на октомври, покажува дека Времената спогодба била постигната како дел од шатл – преговорите на дипломатот Ричард Холбрук за запирање на кризата во Босна. Во септември 1995 година, два месеци пред потпишувањето на договорот во Дејтон, Хил вели дека покренал иницијатива кај Холбурк и спорот за името да биде ставен на агендата, благодарение на претходна посета која Хил и Џејмс Пердју, тогаш балкански пратеник на Секретаријатот за одбрана, ја имале на Македонија. Хил ситуацијата со спорот за името ја споредува со шега измислена во некое американско вечерно шоу, но и ако сериозен проблем во регионот. Како причина за поттикнувањето на проблемот, Хил ја наведува грчката дијаспора во САД, која била гневна од првото знаме на Република Македонија, со симболот на сонцето од Кутлеш.

„Грците го прифаќаа создавањето на Република Македонија во рамките на Југославија, но не и надвор од неа. Таа разбуди горчливи спомени кај грчките Американци, од кои многумина беа бегалци од својата земја по Грчката граѓанска војна во 1947 година, во која словенското малцинство во северна Грција беше ангажирано во рамките на планот на Тито за комунистичка југословенска држава која ќе излегува на Егејско Море. Независно дали имавме конфликт кој потекнува од времето на Александар, или понов територијален спор, ова прашање не исчезнуваше само од себе. Грција и наметна ембарго на Македонија, обидувајќи се да ја натера да го смени уставот и знамето, и да се откаже од симболите од времето на античка Грција“, пишува Хил, кој тогаш бил дел од тимот на Холбрук во одделот на Стејт департментот за Балканот.

Според Хил, САД имале дополнителна причина да се ангажираат во Македонија, откако ги одбиле барањата на европските сојузници да распоредат воени сили во Босна. Како компромис, САД прифатија да учествуваат во мисијата за заштита на Македонија од прелевањето на југословенските војни преку северната граница, што ги поврза двете земји, вели Хил.

„Преговарачите Сајрус Венс и Метју Нимиц ги доведоа преговорите до крајните граници до кои што можеа, но им беше потребен завршен потег. Но, имавме сериозен проблем, Македонците одбиваа да седнат со Грците за финалните точки од договорот додека овие се уште го спроведуваат ембаргото. Грците не сакаа да разговарат со Македонците без ембаргото“, вели Хил, додавајќи дека станал опседнат со идејата да се реши овој спор, сметајќи го како еден од лесните проблеми во Балканот, и покрај инсистирањето на Холбрук дека нема време да се занимава со Македонија во пресрет на Дејтонските преговори. Хил предложил деталите да се договорат со посета на Холбрук на регионот, а потпишувањето на Времената спогодба да се случи во Њујорк, со што временската разлика ќе овозможи забуна која ќе го покрие прашањето дали првин било кренато ембаргото или потпишан договорот.

Папандреу незаинтересирано гледал во ѕид додека ја прифаќал Времената спогодба

Според мемоарите на Хил, Холбрук првично побарал Хил да посредува до постигнувањето на овој договор, но Хил инсистирал Холбрук лично да се ангажира и да одвои време пред планирата посета на Анкара, каде требало да разговара за босанскиот мировен план, со што би го зголемиле угледот на американската дипломатија да го постигне и договорот за Босна.

На крајот Хил опишува како тој и Пердју, кого Хил го опишува како “уште еден ентузијаст за Македонија” се сретнале со претседателот Киро Глигоров и министерот за надворешни работи Стево Црвенковски на 1 септември 1995 година во Скопје. Според Хил, спорните точки од Времената спогодба биле договорени на начин на кој една ќе биде решена во полза на Македонија, а друга во полза на Грција. Прашањата кои Глигоров ги покренал се политичките ризици за македонската Влада која преговарала во услови на грчко ембсарго, како и дали може да им се верува на Грците дека ќе се придржуваат до договореното.

“Нема потреба да им верувате, тоа не е ваш проблем туку наш. Вашиот проблем е дали ќе ни верувате на нас“, Хил се сеќава дека одговорил. Американскиот тим се сретнал со Холбрук во Белград, каде во тек биле преговори со Милошевиќ, кој бил сигурен дека нема да има договор за спорот за името.

“Нема никогаш да го решите тоа прашање, рече Милошевиќ за време на вечерата. Гледај не, му одговорив. Полека, ми одговори Холбрук. Не е готово додека не биде готово“, пишува Хил за средбата во Белград, од каде американскиот тим продолжил во Атина, да ја обезбеди согласноста на премиерот Андреас Папандреу.

“Неговата млада жена, поранешна стујардеса на Олимпик Ерлајнс, се грижеше за остарениот Папандреу, кој го прифати нашиот предлог, цело време велејќи ни како не смееме да им веруваме на луѓето во Скопје. Јас ги објаснував точките, а премиерот гледаше во ѕид, навидум незаинтересиран, но повторувајќи дека ќе го спроведеме планот. Ниту тој, ни неговиот помлад и поборбен министер за надворешни работи, немаа забелешки на планот, и делуваа како и самите да сакаат да излезат од ембаргото што го наметнаа. Холбрук претпоставуваше дека причината за тоа е што и северна Грција трпеше штета од ембаргото“, пишува Хил.

Булдожерот во Скопје

Следната точка во склучувањето на Времената спогодба, според мемоарите на Кристофер Хил, било враќање во Скопје, овојпат заедно Холбрук, и средба во претседателската вила на Водно. Како дел од планот, Холбрук ветил дека ќе се погрижи во најкус рок по потпишувањето на договорот, САД да го кренат нивото на нивната канцеларија за врски и да испратат амбасадор во Македонија. Холбрук понудил и да помогне за создавање на подиректен однос на Глигоров со Папандреу, понуда која македонскиот претседател ја игнорирал. Глигоров, според мемоарите на Хил, оценил дека грчкото ембарго е илегално, и ќе биде прогласено како такво според меѓународното право, забелешка која Холбрук, кој поради своите преговарачки тактики на Балканот го доби прекарот “Булдожер”, ја прекинал за да каже дека постои можност да се потпише договор уште во текот на месецот, во Њујорк.

„Глигоров не дозволуваше да го брзаат, иако Холбрук театрално гледаше кон неговиот часовник, велејќи дека мораме да летаме кон Атина, и му објаснуваше на збунетиот домаќин дека американското воено воздухопловство има строги правила за тоа колку долго екипажот може да лета пред да задолжителниот одмор. Но, Глигоров не попушти на притисокот, и одеше точка по точка по прашањата, објаснувајќи зошто за него ќе биде проблематично тие да бидат разрешени одеднаш. Холбрук се сврте кон мене, и нервозно прошепна Кр-ИС. Министерот Стево Црвенковски се вмеша да каже дека, ако Грците навистина се подготвени да ги прифатат сите точки како што се поставени, тогаш договорот може да биде постигнат во една сесија. Холбрук, кој дотогаш не му обрнуваше ни малку внимание на министерот, во тој момент во целост му се посвети, како да му е најдобар пријател од детството. Холбрук изрази симпатии за македонскиот став и за скептицизмот кон Грција, и му наложи на нашиот амбасадор во Атина да стои покрај телефонот и веднаш да трча кај Грците доколку дојде до било какво недоразбирање. Глигоров, по 45 минути, заклучи дека Холбрук е дојден да постигне договор, и нема да дозволи шансата да му се испушти. Глигоров се врати во разговорот, и рече дека се согласува со планот. Холбрук веднаш го врати своето внимание кон него, прекинувајќи го својот “најдобар пријател” Црвенковски сред реченица. Глигоров тогаш постави уште едно барање – дали може да ни го оставите Хил тука? Јас не сфатив веднаш што бара, бидејќи во текот на целиот состанок само чекав да ме покоси инфаркт, но Холбрук веднаш разбра. Го сакате за амбасадор? Ок, го имате“, пишува амбасадорот Крис Хил во своите мемоари.

Хил се сеќава како Холбрук веднаш ја искористил можноста да најави дека е постигнат договор меѓу Македонија и Грција, кој ќе биде потпишан на 13 септември 1995 година во Њујорк, додека Хил останал да разговара со домаќините, да не остави можност некој да се премисли. Холбруг исто така веднаш го информирал Вашингтон за постигнатиот договор, но не и посредникот во разговорите Метју Нимиц.

Иглбергер – ќе можеме да се возиме без пари со ЈСП?

Мемоарите на Кристофер Хил зборуваат и за неговата врска со Лоренс Иглбергер, која потекнува од времето кога Хил служел како понизок службеник во амбасадата на САД во Белград, каде претходно и неговиот татко служел како политички офицер. Хил и Иглбергер беа прогласени за почесни граѓани на Скопје во 2008 година, Иглбергер поради неговиот ангажман за обнова на разурнатото Скопје во 1963 година, а Хил како прв американски амбасадор во Македонија. Хил лично ја прими наградата, а одржа поздравен говор и во име на тогаш веќе болниот Иглбергер, кој почина во 2011 година.

„Му се јавив во неговиот дом во Вирџинија, од централниот плоштад во Скопје, да му кажам дека го прочитав неговото писмо на свеченоста и да му пренесам колку силно се сеќаваат на него тука, дури и по 40 години. Иглбергер, познат како груб и тврд човек, звучеше како дае на раб на солзи. Се прибра и ме праша, како изгледа Скопје денес? “Подобро отколку кога беше тука по земјотресот”, му реков. “И, што викаш, ќе можеме сега да се возиме во скопските автобуси безпари”?, се пошегувал Иглбергер во разговорот со Хил.

Автор на текстот е Цветин Чилиманов

Comments