Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов (К.П. Мисирков)

текстот е преземен од мкд.мк. објавено на 26 јули 2016

ГОДИШНИНА ОД СМРТТА НА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ

Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов

„Јас сум Македонец, со македонска национална свест и како таков си имам свое, македонско, гледиште за минатото, сегашноста и иднината на мојата татковина и на целото јужно словенство, и затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегаат нас и нашите соседи, а не да се свршува со спогодбите меѓу Бугарија и Србија, а без нас.”
К.П. Мисирков
На денешен ден во 1926 година почина таткото на македонистиката, основоположникот на македонскиот литературен јазик и на автохтоноста на македонската национална свест, најзначајниот Македонец во почетокот на 20 век, Крсте Петков Мисирков. Тој е роден на 18 ноември 1874 година во Постол (денешна Вергина), некогашна Пела, во Егејска Македонија. Завршил учителска школа во Белград, духовна академија во Полтава, а историско-филозофски факултет во Санкт Петербург. Еден е од основачите на Младата македонска книжевна дружина во 1891, а во Москва во 1900 го основал Тајниот македонско-одрински комитет и бил негов претседател, а потоа во 1902 бил еден од основачите на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург.
Првпат своите записи на македонски јазик со македонска азбука ги објавил во 1900 година. Но негово капитално дело е студијата „За македонцките работи” објавена во 1903 година во Софија, која веднаш е запленета и уништена од бугарските власти, со исклучок на десетина примероци од кои дознаваме за визиите на овој македонски национален деец. Оваа полемичка книга е филозофска расправа во која се третира нашето јазично, историско и етнографско прашање. Нејзиното излегување ќе му го направи животот трагичен, со ставовите искажани во неа и во други негови јазички, историски и етнографски списи ќе се стави, според зборовите на А. Вангелов, „во позиција сам против сите“.
Ќе дојде во судир со раководството на ВМРО во однос на методите на борбата за слобода на Македонија, зашто не може да ги прифати идеите на „раководците“ на Илинденското востание дека слободата се печали со оружје и со крв. „Една тајна политичка и, уште, револуционерна организација“, вели Вангелов, „што треба да најде и да потроши 'крв' како цена за 'слободата', не може да го допушти еволуционизмот од типот на Мисирков, кој, во суштина, тврди дека 'крвта' е поскапа од 'слободата', а не – обратно“. Мисирков отворено и бестрашно се залагаше за национално ослободување без крвопролевање, жестоко им се спротивставуваше на револуционерните идеи. За него тие идеи беа насилни средства со разрушувачка моќ што не му се својствени на културниот човек, кој треба да гради, а не да урива; „работењето наше ќе требит да бидит на почва на народното просветеиње“, вели тој, „мирно, легално, еволуционо“. Веруваше во постепени промени однатре, истакнувајќи ја како најважна задачата да се зачува целоста на Македонија преку зачувувањето на целоста на Турција и свртувањето кон мирна културна работа“.
Мисирков ќе дојде во судир и со тогашните пропаганди што беснееја во Македонија (турска, грчка, српска, бугарска). Не е точно, објаснува тој, дека нема Македонци затоа што: а) немале национална свест; б) улога во историјата на Балканот; в) државна и културна традиција... „Ако сега нашите противници допушчаат образуаин'ето на по мали етнографцки целини од по голема, као последица на историицка неопходност, и ако досега гледале на македонците како на бугари, то зошчо сега они не можат и не сакаат да допушчат образуаин'ето от таиа голема етнографцка целина, шчо ие велеле сите, па и они, бугарцки народ, две по малечки целини бугарцка и македонцка?“ Затоа што нема логичен одговор на таквото прашање, објаснува проф. Вангелов, легитимно е барањето да се утврди нормата на литературниот македонски јазик, кој постои како говорна практика, и тоа: како по однос на бугарскиот, така по однос на српскиот, а за грчкиот јазик и да не зборуваме.
Токму тоа го стори Крсте Петков Мисирков, вели Вангелов, со една назнака во Предговорот на својата книга За македонцките работи, каде што даде сосема кус и основен нацрт на таа норма: „Како последуач на идеиата за полно оддел'аин'е на нашите интереси од интересите на Балканцките народи и за самостоино културно-национално развииаин'е, иас и ие написаф на централното македонцко наречие, коие за мене от сега на тамо имат да бидит литературен македонцки иазик“.  
Во оваа значајна студија тој ги назначил и посочил посебноста на македонскиот народ и посебноста на македонскиот јазик, залагајќи се, притоа за формирање македонски литературен јазик, кој ќе се потпира на централните македонски говори, врз кои соседните јазици не можеле да вршат големо влијание.
Ќе ѝ забележи, на крај, и на Русија. Мисирков, вели Вангелов, често ја подвлекува улогата на Русија како бранителка на словенството на Балканот, но ѝ замера дека само по однос на Македонија „си ги измила рацете“. „Може ли единка“, заклучува Вангелов, „да издржи таков огромен притисок од сите страни, со сите средства и во – континуитет?“
Во 1902 година заедно со Д. Чуповски, Н. Димов, Г. Константиновиќ и др. го основа Македонското студентско друштво, кое во 1903 година прераснува во Македонско научно-литературно другарство „Свети Климент“. Членовите на ова другарство од своите редовни седници праќале барања до руската влада и до владите на другите европски држави да му се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, правото на обновување на Охридската архиепископија.
По завршувањето на факултетот Мисирков го напуштил Петроград, се вратил во Македонија, добил служба во Битолската гимназија, во која се вработил како егзархиски професор, но како сведок на убиството на рускиот конзул во Битола Ростковски морал повторно да замине во Русија.
Веднаш по почнувањето на Првата балканска војна во ноември-декември 1912 година бил пратен на Балканот како воен дописник на руските весници „Голос Москви“ и „Одескиј листок“. По враќањето од фронтот, разочаран од трагичните резултати од војната, од нерешавањето на македонското прашање и од поделбата на Македонија, тој го пишува својот „Дневник“, во кој, според зборовите на историчарот Р. Терзиовски, „наидуваме и на некои содржини, кои се чини не се вклопуваат и зачудувачки се разликуваат од очекуваното.
Во некои документи од тој период, вели Терзиовски, „К.П.Мисирков се декларирира и своерачно се потпишува како 'македонски Бугарин', го разјаснува своето 'бугарско потекло', говори за 'вековната корена бугарска култура во Македонија“, расправа за 'неоспорното бугарско сознание на Македонците', Македонија ја нарекува 'исконска света бугарска земја'...итн“. Според Р. Терзиовски тој, „...во неможност да го бара максимумот, ...мора да се помири со возможното, изгледното“.
По неуспехот на Балканските војни Мисирков ќе напише: „Ние, Македонците, каква и да е нашата желба, не можеме да не водиме сметка за реалноста и за стварноста. Единството и целосноста, политичката независност на Македонија се наш идеал, за остварување на тој идеал ние многупати сме ја молеле царска Русија... меѓутоа, поради неможноста да се постигне тој идеал, ние треба да се помириме со поинакво решавање на македонското прашање“.
Тука К. Мисирков прави хиерархија на интересите на Македонија, смета дека е подобро Македонија да остане цела отколку да биде распокината и поделена меѓу балканските државички кога веќе не ѝ е дозволено самата да претставува одделна политичка единица. Во врска со ова прашање, А. Вангелов го наведува и мислењето на Б. Конески: „Дека во системот на погледите на Мисирков целоста на Македонија секогаш имала примат, на кој во определените услови морале да му се потчинат другите прашања од суштествена важност, може особено добро да се види од овие редови: 'Од македонцко гледиште соедининејн'то на цела Македонија со Бугарија, или Србија, или Грција не јет желател'но, но не јет и страшно. Значи нема зашчо да се бориме со него (...)' Мисирков се плашеше од делба на Македонија“, констатира Конески.
Овие промени се случуваат кон средината на дејноста на Мисирков, додека при крајот на животот тој пак се враќа на своите изворни ставови, гледишта. Низ текстовите на Крсте Петков Мисирков повторно извираат толку многу идеи за издигање на националното зреење на македонскиот народ со изобилство на конкретни погледи и ставови со кои до крајот на својот живот ја градеше идната визија за својата македонска нација и слободна татковина Македонија.
За да се види влогот на Мисирков во афирмацијата на македонската нација доволно е да потсетиме само на неколку негови погледи и размисли искажани во статиите и написите од тој период:
„Мојот македонски патриотизам и тука го победува бугарскиот патриотизам. Македонците ѝ се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив. Македонците или треба да си останат на родните места, па ако сака и ѓаволот да ги владее, или пак, ако им е судено да се местат, тие треба да се преместат од едниот крај на Македонија во друг крај, но пак на Македонија, а не на Бугарија, Србија или Елада. Изгонети од грчка Македонија, Македонците требаше да отидат во српска Македонија, да образуваат воени населби и да го дочекаат денот кога би можеле да се вратат на родните пепелишта.
Ќе речете: така не може да размислува еден Бугарин. Да, но така може и треба да размислува еден Македонец.“
„Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува сѐ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.“
...„И во Бугарија и во Србија треба да помнат едно: во Македонија има население со огнено патриотско чувство и со определена национална свест за која треба да се води сметка... Србите и Бугарите треба добро да помнат дека тоа национално чувство и свест кај Македонците постојат не од вчера... туку од пред основањето на Охридската архиепископија, за време на целото нејзино постоење и по нејзиното уништување, сѐ до ден денешен.”
...„Време е да го отстраниме бугарскиот параван што ни го преградува патот за непосредно обраќање кон совеста на цивилизирана Европа за помош и соработка.“
...„Формирањето на македонскиот литературен јазик е духовна потреба кај нас, со која се мислит да се стави крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси...”
 А еве што напиша само една година пред смртта:
„Како Бугарин јас одамна би рекол: Каква ти Македонија! И тука ми е добро, нема зошто да мислам за она што е веќе загубено. Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома, во својата татковина. Таа е таму, каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично.
Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сѐ треба да биде оценувано од македонско гледиште.
Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам, изјаснет преку „простачките умувања на еден човек што уште не си ја знае народноста“ („Мир“ – „Самоопределување на Македонците“, 25.3.1925)
Тешко болен, умира во Софија на 26 јули 1926 година и е погребен на Централните софиски гробишта.
Според изданието на Државниот архив на Македонија „Крсте Петков Мисирков – Писма (1911-1917)“ и Воведот на А. Вангелов „Духовниот лик на Крсте Петков Мисирков, Скопје 2007

Comments