ЕКСКЛУЗИВНО Што пишувале македонските и бугарските автори во седумдесеттите за Гоце Делчев

6000
    
Плусинфо денеска го преобјавува бројот на „Млад борец“ од 1972 година тематски посветен на Гоце Делчев.
– Во почетокот на 1972 година, се договоривме да подготвиме еден број на весникот исцело посветен на ликот и делото на Гоце Делчев, по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Честа да го подготвувам тој број ми припадна мене и еве сега, по цели 47 години, ја споделувам со Вас содржината на тој број на „Млад борец“ – вели писателот Ристо Лазаров.
Тој потсетува дека незаменлива е улогата на „Млад борец“ во подигањето на новинарскиот кадар во Македонија.
– Весникот со право се нарекуваше новинарски универзитет, а и буквално нема ниту еден македонски писател кој своите творечки првенци не ги објавил во овој весник. Некој знае, а и јавноста ќе дознае, зошто овој, прв весник на македонски јазик, не ја преживеа транзицијата од деведесеттите на минатиот век. Во овој весник и јас, како и мнозина мои колеги, ја оставив својата прва деценија од новинарскиот живот – додава Лазаров.
Овој број на „Млад борец“ е печатен во рекорден тираж од 103.000 примероци, незамисливи за тоа, а и ова време. Отпечатеното – распродадено, до последен примерок.
„Млад борец“ е прв весник објавен на современ македонски јазик, на 22 март, првиот ден на партизанската пролет 1944 година, на Козјак планина, над манастирот „Прохор Пчински“.
Во прилог е ПДФ формат на изданието на „Млад борец“ посветено на Гоце Делчев.

Comments