Чиј е Гоце Делчев, Пишува проф. д-р Гале Галев

Во продолжение следи многу интересен политички и историски фељтон, објавен во весникот Нова Македонија од 25.09.2019 до 03.10.2019. Ако веќе не сте знаеле, ќе научите многу....

Во последните месеци, поврзано со Договорот за соработка и добрососедски односи, помеѓу Република Мaкедонија (сега Северна) и Република Бугарија, во печатените и електронските медиуми, но и во повеќе изјави од високите нивоа на бугарските и македонските власти, лека полека, централна тема стана чиј бил Гоце Делчев – бугарски или македонски револуционер, односно дали тој бил Бугарин или Македонец. На самиот почеток со неверување гледав на ова. Си велев, зар е можно на толку ниско рамниште да биде сведена работата на паритетно основаната комисија, условно кажано, за историско-образовни прашања.

Во исчекување резултати од комисијата, во вид на препораки до двете влади, во еден момент, со оглед на спласнувањето на „бурата“ што веќе беше настанала во медиумскиот простор за најмаркантната илинденска личност (Гоце Делчев), си бев рекол: Фала ти Господе, што комисијата, сепак, е оставена на мира да си ја доврши својата работа. Охрабрувачки дејствуваше и фактот пренесен во медиумите дека членовите на комисијата веќе, ако така може да се каже, успешно ги апсолвирале прашањата поврзани со царот Самуил и неговата држава, со св. Кирил и Методиј, св. Климент и Наум и, ми се чини, со Григор Прличев. Ваквата моја верба, на некој начин, почиваше и на изјавата дадена од висок функционер на Владата на Република Бугарија (министерот Каракачанов), при неговата последна посета на нашата држава.

Мојата перцепција, за жал, многу брзо се покажа за неточна. Потврда за тоа е изјавата од премиерот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов, дадена по заедничкото чествување и положувањето на венците (од македонска и бугарска страна) на вечното почивалиште (во црквата „Св. Спас“ во Скопје), на Гоце Делчев, а по повод државниот празник Илинден 2019 година.


Ако се запрашате зошто го велам тоа, одговорот е затоа што централна точка во таа изјава е токму личноста на Гоце Делчев, макар што во неа директно не е спомнат самиот Делчев. За да се увериме во ова, нужно ќе биде кратко да се елаборира нејзината содржина. Нека ми биде допуштено да го пренесам самиот текст на изјавата на Борисов. Еве што вели тој во неа: „Комисиите мора да постигнат компромис до октомври. Не треба да се пречекори октомври. Комисиите мора секојдневно да работат.“ Тој, продолжувајќи уште, додаде: „Тоа прашање мора да се реши. Кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено меѓу комисиите, тогаш ние во Бугарија ќе решиме што треба да се прави. Ова сценарио сакаме да го одбегнеме по секоја цена.“ При ова, особено занимлив е и следниот дел од неговата изјава: „Наш заеднички интерес е да бидете во НАТО. Нашите херои го дале животот за да стекнеме придобивки за својот народ. Ние немаме ништо против. Инаку, ќе бидам обвинет дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас имам лимит што можам да си го дозволам, знам дека по секоја цена комисиите треба да донесат решение што ќе биде за перспектива на младите“, изјави Борисов.


Елаборацијата на цитираната изјава на премиерот верувам ќе нѐ убеди во горенаведеното мислење дека иако Гоце Делчев во неа не е спомнат категорично, сепак, таа му е посветена токму нему, а дури преку него и на неговата револуционерна генерација. Според мое видување, во неа постојат повеќе показатели што и ќе го потврдат тоа. Првиот од нив се препознава во рокот утврден од премиерот, во кој комисијата мора да ја заврши својата работа. Тој рок, како што вели во изјавата, е „до октомври“, а тоа практично значи до истекот на септември. За волја на вистината, тој зборувајќи за цитираниот рок („до октомври“) допушта и мало отстапување од него, па вели дека со тој рок „не треба да се пречекори октомври.“


Секоја случајност, во однос на цитираните рокови, овде е исклучена. Барањето на премиерот комисијата целосно да ја заврши својата работа „до октомври“ би можело да биде и в ред, но само под услов во договорот да постоеше таков утврден рок. Во тој случај, колку и да не се согласувам со таквата одредба, би се придружил на почитувањето на тој рок. Но таква одредба нема, ниту е соопштено такво нешто порано како услов. По ова, ќе си дозволам да размислувам дека бугарската страна, по секоја цена, сака да издејствува препорака за етничката припадност на Делчев, по мера што ѝ одговора нејзе. Токму, се чини, и поради тоа премиерот ќе рече: „Тоа прашање мора да се реши“, (не кога било) во рокот што сам го определил во својата изјава. Тој негов рок, видовме, е „до октомври“, а тоа всушност значи до крајот на септември, односно со малото отстапување што го прави со тој рок „не треба да се пречекори октомври.“ По ова, како што вели премиерот, „кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено… ние во Бугарија ќе решиме што треба да се прави.“


Покрај горенаведеното, во прилог на тоа дека изјавата на премиерот Борисов е, пред сѐ, фокусирана на прашањето што поскоро да се дојде до однапред очекуваниот резултат за етничката припадност на Делчев, ми се чини, доволно јасно зборува и нејзиниот завршен дел. За работите да бидат што појасни, во врска со ова тврдење, уште еднаш го приложувам тој дел од изјавата, во кој премиерот вели: „Нашите херои го дале животот за да имаме придобивки за својот народ… Ние немаме ништо против. Инаку, ќе бидам обвинет дека сум ја предал историјата на Бугарија. Јас имам лимит што можам да си дозволам…“ Тргнувајќи од содржината на цитираниот дел од изјавата, ќе се согласите дека тој дел, како и претходно елаборираното, во основа, е поврзан со Делчев. Оттука, и заклучокот дека тој и нема поради што друго да стравува да биде „обвинет“ дека „ја предал историјата на Бугарија“, освен ако како премиер на Владата на Република Бугарија би се согласил со идентитет на Делчев различен од бугарскиот. Но тој, и да сакал, не можел да го направи тоа, нели, затоа што имал „лимит“ преку кој не можел да оди.


Не помалку зборува и категорично изнесениот став за Гоце Делчев на Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи, соопштен на еден од електронските медиуми во Република Бугарија. Имено, тој став на министерката (а преку неа и на Владата), за Делчев, се сведува на тоа (парафразирам): дека македонскиот дел од комисијата, а преку неа и македонската влада мора на недвосмислен начин да го потврдат, односно прифатат како неоспорен фактот дека народносното чувство на Гоце Делчев е бугарско. Тоа, според неа, дотолку повеќе, било нужно да се направи бидејќи, нели, и самиот тој го имал изразувано ваквото чувство на припадност. Поради тоа, бугарската страна не е подготвена да прави, како што вели самата, „компромис со вистината“, притоа изнесувајќи го и ставот дека македонската историја, всушност, е изградена на антибугарска основа. Оттука, и во Македонија треба, конечно, да биде напуштен „фалшивиот национализам“ и да престане „воспитувањето во лаги“ односно да се „лажат децата“.


Ако кон ова ја придодадеме и заложбата на г. Ангелов, претседател на бугарскиот дел од комисијата (читај на Владата), за свикување вонредна седница на двата нејзини состава, дури и пред септември, тогаш уште појасно станува дека бугарската страна е заинтересирана што поскоро народносното бугарско чувство на Гоце Делчев да биде прифатено како неоспорен факт од македонска страна.


Гледана од бугарска страна, и самата идеја за основање на Комисијата за историско-образовни прашања, како да е базирана на фактот по секоја цена да се дојде до однапред очекуван резултат поврзан со случајот на Гоце Делчев, кој, (резултат) натаму би бил користен како неоспорен факт за тоа дека македонската историја, и тоа не само онаа до Делчев туку и онаа по неговото време, всушност до АСНОМ 1944 година, навистина е заснована на антибугарската основа. Меѓутоа, со цела почит кон другата страна и кон историските факти што зборуваат за испреплетеноста во историското минато на двата народа искрено, сакам да верувам дека не сум во право во однос на овде изнесената размисла поврзана со идејата за основање на Комисијата за историско-образовни прашања.


Заслужуваат да бидат разгледани уште две прашања. Првото е поврзано со зборот „мора“. Имено, тој збор во изјавата на Бојко Борисов се јавува во три варијации, и тоа: „Комисијата мора да постигне компромис до октомври“; „Комисијата мора да работи секојдневно“; „Тоа прашање мора да се реши.“ Пораката од овие три вида „морања“ за мене е кристално јасна. Таа е наредба или, со други зборови, императив упатен од посилната страна на договорот. Колку и да сакав за овој императив да употребам некој поумерен збор од зборот ултиматум, таков, за жал, не успеав да пронајдам. Од наредбата дефинирана како ултиматум произлегува дека тој (ултиматум) беспоговорно треба да биде прифатен од другата страна на договорот.


Да заклучам: ваквиот пристап, според мене, е непримерен и, оттука, многу повеќе штетен отколку корисен. Ова особено гледано и од аспект на природата на работата на комисијата. Нејзината работа е исклучиво стручна и научна и токму поради тоа таа не може да биде подложена на какви било надворешни влијанија (вклучувајќи ги, во случајот, и цитираните „морања“ од изјавата на Борисов). Но ова и не само поради изнесеново, туку и поради исклучително обемниот историски материјал што е предмет на разгледување од комисијата и кој треба да биде проверен низ продлабочена стручна и научна оцена. Во овој контекст, не треба да биде запоставен и фактот дека тој материјал покрива и многу долг временски период од историите на двете држави, во кој се испреплетувале и многу интерни, регионални и интереси од геополитичка природа на големите европски сили од тоа време.


Оттука, ако се испушти од вид изложеното и договорот за добрососедски односи и соработка Бугарија го разбира исклучиво како политички акт, кој неа, како посилна страна, ѝ овозможува во своите права да оди и надвор од самиот тој договор (каков што, на пример, е случајот со утврдениот од неа рок за завршување на работата на комисијата), тогаш, освен насловот „Договор“, не останува ништо друго од него. Меѓутоа, ваквото разбирање на договорот од бугарска страна може да се земе и за прифатливо, но тоа само под услов ако претходно јасно ѝ било ставено на знаење на македонската страна и, притоа, таа да се согласила со тоа. Во тој случај и нема што да ѝ се приговара на првава страна (бугарската). Но во моментот барем јас немам сознание за некаква дадена таква согласност од македонска страна.


(продолжува )


Во ова продолжение поблиску ќе се изјаснам за прашањето поврзано со личноста на Гоце Делчев, како репрезент на целата негова револуционерна генерација. Тоа, всушност, беше и поводот да се зафатам со пишување на овој текст. Кога станува збор за него, нема да згрешам ако кажам дека тој, уште за време додека бил жив, и без формално да биде поставен (избран) за прв човек на Револуционерната организација (РО), бил прифатен за таков. Тоа било случај со членството на РО, со разните нивоа на нејзиниот раководен кадар, како и со најшироките народни маси. Впрочем, за тоа зборуваат голем број сведоштва. Тој, лека-полека, на духовно рамниште станал и останал дел од колективната меморија, не само во Македонија и во Бугарија, туку и пошироко.


За тоа зборуваат и многуте создадени и испеани песни од народот за него, многуте уметнички дела од сферата на прозата, поезијата, драматургијата, кинематографијата, документаристиката, хорската, балетската, оперската и други области на уметностите. Познато е дека во усните преданија, како и во пишаните записи, е нарекуван: срцето, душата, чистотата на идеалот, смелоста во решенијата, бујност на занесот и фантазијата и богатството на идеи. Со еден збор, независно од годините (помалку од 10), колку што активно бил вклучен во револуционерното дело на Македонија, тој си обезбедил челно место во пантеонот на паднатите херои за слободата на својата татковина: Македонија.


Овде со право може да се постави прашањето, што, во овој случај, било преовладувачко Делчев да се издигне толку високо во свеста, пред сѐ, на својот народ, разбран во негова смисла на поимање на тој народ. Ако во барањето на одговорот на ова прашање појдеме само од неговото народносно чувство (бугарското) тогаш тешко би можело да се прифати дека, ете, сета слава што му се припишува на Делчев произлегува токму од ваквото негово чувство на припадност, па поради тоа тој во историите на двете држави треба да биде приопштен како бугарски револуционер, кој, како што вели бугарската страна, „се борел за ослободување на Македонија“. Но во тој случај, тоа би значело и прифаќање на ваквата негова припадност како единствен критериум врз основа на кој треба да се градат и продлабочуваат заемните односи помеѓу двете страни од договорот (бугарската и македонската). Ако останеме само на тој критериум, тогаш и изостанува каква било потреба да се расправа за него. Но ако на Гоце погледнеме и од аспект на сите други компоненти, односно нешта, тогаш ќе видиме дека одеднаш во видното поле поедноставениот етнички профил на Гоце ќе се пројави во релативно изменет облик.


Во продолжение на текстот нека ми биде допуштено да приложам некои од компонентите односно нештата поврзани со неговото револуционерно дело и неговиот мироглед. Верувам дека тие, од своја страна, ќе бидат доволно податливи за со нивна помош појасно да се исцрта неговиот личен и револуционерен профил.


Овие компоненти, односно нешта, би ги свел:

– На неговата љубов кон татковината и грижата кон својот народ. Во насока на ова тој вели: „Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија?… Треба да се просвети и организира народот, да се вооружи, да му се влее вера во неговите сили – да разбере како може да се оттргне од ропството и мизеријата – да му се отворат очите.“


– На неговата посветеност за будење на свеста кај својот народ за отфрлање на неговиот робовски статус. Во таа смисла ќе рече: „Ропството исчезнува тогаш кога робот во душата престанува да биде роб.“


– На неговиот силен нагон Македонија да ја види слободна. Во таа смисла и ќе каже: „Ќе удри утринската зора и кај нас“, односно: „Кога и да е, и нашиот петел ќе пропее, па тогаш сѐ ќе биде во ред.“


– На неговото кредо, односно разбирање на Македонија како татковина еднакво еднаква за сите нејзини жители, без оглед на нивната национална, верска, политичка и која било друга определба, како чин на личен избор (и оттука и неговиот лозунг, но и лозунгот на неговата револуционерна организација: „Македонија на Македонците“, што, впрочем многу јасно е изразено, како определба и во Уставот на организацијата од 1896 година, чиј автор, покрај Ѓорче Петров, е и самиот Делчев.


– На неговата определба таквата Македонија да има автономен статус во рамките на Турската Империја или статус на целосно независна политичка заедница од било која и да е балканска држава, вклучувајќи и од кнежевството Бугарија.


На неговата заложба организацијата да биде управувана и раководена, исклучиво од внатрешните сили на Македонија (станувајќи на тој начин еднакво оддалечена од кој било надворешен фактор, вклучувајќи и од бугарскиот двор и влада). Во таа смисла во писмото од 1895 година, упатено до Ефтим Каранов, ќе каже: „Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите“. На генералот Даниел Николаев (февруари 1896), кој од Гоце барал раководењето на организацијата да му се препушти на Врховниот комитет во Софија, Гоце ќе одговори: „Тоа нема да биде, господине генерале… Не, не сме согласни со тоа што го мислите вие за Македонија. Знаете кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не може да правиме политика, ниту пак ќе дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, таа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умираме и кога. Кога ќе се подигне востание ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од овде, за да нѐ внесете, како што се обидовте лани, во игранка за востание. Сега една таква авантура може да биде страшна и крвава, зашто населението, народот е повеќе возбуден и делумно вооружен. Тој може да се предаде на измамата, а тоа ќе чини реки од крв и планини од трупови. Ние нема тоа да го дозволиме. Не, крвта на народот е скапа, па и не сакаме трупови, туку сакаме ослободување, а живиот народ сака да живее и да расне.“


– На неговата грижа востанието во Македонија да биде завршниот чин што ќе ја донесе слободата на неговиот народ, а не касапница за тој народ, бидејќи, како што вели „кому му е потребна Македонија без народ.“


На неговата определба востанието да биде внатрешно, подигнато со сопствени сили, кога сѐ ќе биде подготвено. Во насока на тоа е и ова негово укажување: „Не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија ни од која и да било сила, туку треба да се подготвиме однатре за востание. Дотогаш никој однадвор да не се меша во нашите работи.“


– Неговото стравување од плаќање скапа цена за добиената помош од Бугарија. За тоа тој вели: „Бугарската влада, која има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари ќе знае како да ја исползува, таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални привилегии… И повторувам ударот ќе биде страшен.“


На подготвеноста за саможртва пред олтарот за слободата на тој народ и својата Македонија, за што и ќе рече: „…во жртвата не треба и не може да постои степен – таа завршува кога е потребно и со име и со чест.“


На неговата заложба делото да го издигне над зборот, па во таа насока и ќе рече: „Не ни ги слушајте проповедите, гледајте ни ги делата.“

На неговата определба дека верата за успех во борбата треба да се бара во себе најпрвин, а дури потоа и кај другите. Во таа насока тој и ќе рече: „Таа вера ако ја нема, треба да се создаде, ако ја има треба да ја разбудиме и да го разгориме огинот во борбата.“


На неговиот мироглед, насочен кон соработката на народите, изразен низ сентенцата: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите.“ Но и на неговиот однос кон насилството, изразен низ резонанцата: „Ако тиранијата е насилство, тогаш револуцијата е, (оправдано м.з.), насилство против насилството.“

На неговото длабоко убедување дека до ослободување на Македонија може да дојде само при целосна подготвеност на народот за востание. Во спротивно ќе рече тој: „Престапно е, да се ослободува народ преку предвремено создадени пожаришта и касапници. Инаку, (ќе додаде м.з.), ние ќе заприлегаме на просјакот што си ги чепка раните и вади гноишта и крвје за да ги принуди минувачите да се избават со едно париче од глетката на таа гнасотија.“


И, да завршам, иако не реков сѐ за него, дека тој при последното заминување од Бугарија за Македонија, на својот близок пријател и соборец Михајло Герџиков, од длабочината на својата душа и срце (парафразирам) ќе му рече „двете нешта што најмногу ги милувам на светот се: мојата Македонија и Јанка“ (Јустинијана, неговата невенчана лубов).


Колку голема била љубовта на Гоце кон Македонија зборува и Димо Хаџи Димов, во својата статија „Тој плаче.“ Хаџи Димов бил сведок на чинот на Гоцевата разделба од животот и Македонија. Кај него за тоа ќе прочитаме: „Гоце Делчев пред нашите очи падна убиен во селото Баница, Серско… Но ние преостанатите уште еден-двајца живи… нема да ја заборавиме и до последната своја минута позата на Гоце, откако куршуми веќе му ги беа раскинале градите. Речиси цел ден и цела ноќ ние скршени го гледавме својот водач, легнат како жив, со глава наведната кон земјата. Тој небаре плачеше над својата судбина, над судбината на сите паднати како него, над судбината на цела Македонија.“


(продолжува )


Останува отворено начелно поставеното прашање на почетокот од овој текст чиј бил Гоце – бугарски или македонски револуционер, односно дали тој бил Бугарин или Македонец. Прашањето, вака структурирано, во себе вклучува две одделни прашања. Првото е чиј револуционер е Гоце Делчев, а второто каква е неговата националност.

Ќе се обидам да дадам одговор и на двете овие прашања, и тоа на тој начин што двата добиени одговори на крајот ќе се обединат во еден. Ќе започнам со одговорот на првиот дел од поставеното прашање: Чиј бил Гоце – бугарски или македонски револуционер.


Според три критериуми, Гоце е македонски револуционер.

Првиот критериум е местото на раѓање. Неоспорен факт е дека Кукуш, неговиот град на раѓање, се наоѓа во Македонија, која од времето на антиката па до Гоцево време, но и потоа се нарекува Македонија. Македонија е и местото – олтарот во кој тој го положил својот млад живот.


Вториот критериум е членството во револуционерната организација. Познато е дека во последната деценија од 19 век се основани два револуционерни комитети: Централен комитет, со седиште во Солун (Македонија), и Врховен комитет, со седиште во Софија (Бугарија). Првиот е основан во 1893 година, а вториот во 1895 година. Гоце од 1894-та, па до крајот на неговиот живот (4.5.1903 год.) е член на Револуционерната организација, устроена според воспоставените правила на Централниот комитет. И двата комитета програмски се со заложба Македонија во прва фаза да се стекне со автономен статус во рамките на Отоманската Империја (во согласност со членот 23 од Берлинскиот договор на големите сили од 1878-та, со кој бил ревидиран Санстефанскиот прелиминарен договор од истата година (1878), склучен помеѓу Царска Русија и Отоманската Империја). Во втора фаза, ако за тоа се стекнат услови, според Централниот комитет, Македонија е проектирана како самостојна и независна држава (со можност да федерира во една поширока политичка заедница составена од тогаш постојни балкански држави, а според Врховниот комитет таа да се припои (присоедини) кон бугарското кнежесто).


Третиот критериум, тесно поврзан со претходниот, се чистотата и искристализираноста на идејата за самостојниот карактер на Револуционерната ор­га­низација. Ова разбрано во смисла на нејзината внатрешна организираност, како и во поглед на управувањето, раководењето и на носењето конечни одлуки поврзани со револуционерното дело (вклучувајќи го овде, посебно, стекнувањето на автономниот статус на Македонија, како и нејзиното конституирање како самостојна и независна држава). За ова доволно ќе биде, само, да се упати на напред приложените искажувања на Гоце Делчев. Но, сепак, нека ми биде дозволено да преповторам, односно да направам еден мал извод од нив: а) „Ние не може да правиме политика, ниту пак ќе дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, таа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умираме и кога.“; б) „Не може да се надеваме на туѓа помош. Да не чекаме помош од Бугарија, ни од која било сила.“; в) „Бугарската влада, која што чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари ќе знае како да ја исползува таа ’помош’… Таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални привилегии.“


Во потврда на овде прикажаниот (во кратки црти) трет критериум: за самостојноста на Револуционерната организација, видена низ односот на Гоце Делчев кон неа, зборуваат и искажувањата на тројцата, од шесте, нејзини основачи во Солун во 1893 година. Станува збор за корифеите на Организацијата: Иван Хаџиниколов (иницијатор), Даме Груев (секретар) и Христо Татарчев (претседател на Централниот комитет). Во потврда на ова, да приложам неколку акценти од нивните искажувања посветени на третираното прашање.


Во необјавените „Спомени“ за Револуционерната организација кај Иван Хаџи Николов, меѓу другото читаме: „Организацијата да се основа во Македонија, а не во Софија, бидејќи основана во Бугарија и раководена од Софија, Србите и Грците ќе ја третираат како измислица на бугарското правителство, ќе основаат и тие такви организации и од нашата организација нема да произлезе ништо. Натаму тој пишува: „Основачите да се Македонци,…и да живеат во Македонија, за да бидат постојано во контакт со населението во Македонија… Лозунгот треба да биде ’Автономија на Македонија’. Нашето барање треба да се потпира на 23-от член од Берлинскиот договор за да се надеваме на успех…“. Кон ова тој уште ќе додаде: „Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не ѝ влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади.“ И кон ова, уште, ќе додаде: „Од Македонците од Бугарија и од бугарскиот народ ќе бараме морална и материјална поддршка, без притоа да ни се мешаат во работата.“ Дополнителен коментар кон ова не би бил потребен.


За гледиштето на Даме Груев (нарекуван волјата на револуционерна Македонија, аналитичкиот ум, спокојството и тактот, реалистичкиот расудок на револуционерната организација), во поглед на самостојниот карактер и целите на револуционерната организација, дознаваме, меѓу другото, од разговорите, што тој во 1905 година, ги имал со г. Св. Симиќ (полномошник на српската влада во Софија, за што тој ја известувал и својата влада); од мемоарите на Трбиќ (во делот посветен на Груев) и од репортажата во единбуршкото списание „Блеквудс магазин“, насловена „Една подземна (нелегална) република“ од 1905 година на шкотски новинар, посветена на разговорот воден во високите кратовски планини, со Даме Груев. Во еден од овие извештаи за водениот разговор со Груев, Симиќ известува: „Се уплашиле Македонците да не се спогодиме ние и Бугарите да ги делиме, та затоа единствено тие овде се муртат на Царинскиот сојуз (од 1904 година м.з.). Би биле готови да се спогодат со нас, но така што ништо да не жртвуваат од својата, како што велат тие, самостојност.“


Полномошникот Св. Симиќ и Груев на истата тема (спогодбата), во истата 1905 година, повторно имаат разговарано. Од тој разговор, преку извештајот на Симиќ, дознаваме дека Груев, меѓу другото, го кажал следното: „Бидејќи за спогодбата, што за нас претставува неопходна потреба, ѝ пречи вашиот и бугарскиот антагонизам за Македонија, ние, македонските револуционери им дадовме изјава на Бугарите само за да ги придобиеме, дека сме готови да водиме сметка за нивните придобивки во Македонија и да им го зачуваме во тој поглед статусквото. Тие со тоа можат, а, иако не сакаат, и мораат да бидат задоволни. Нам ни треба да знаеме што сакаат Србите и што можеме ние да им гарантираме.“


Од мемоарите на Трбиќ, за разговорот што тој го имал со Груев, кон крајот на 1903-та (можеби на почетокот на 1904 година), дознаваме за неговиот став дека во Македонија главно живеат Срби и за одговорот на Груев за тоа: „Тоа значи дека вие Србите се застапувате Македонија да се подели на интересни сфери. Ние не го дозволуваме тоа. Македонија е една целина и таа не може да се дели… И кој ќе почне да работи во тој правец, тој веќе е осуден на смрт од Централниот комитет!“


Ќе завршам со делот од репортажата на шкотскиот новинар „Подземна (нелегална) република“, во кој тој, меѓу другото, го пренесува и одговорот за тоа дали по Илинден 1903 година, покрај другите пропаганди во Македонија, постои и бугарска. Во името на Даме, одговорот за тоа го добил од неговиот личен секретар и тој гласи: „Ако има грчка и српска пропаганда, зошто да не може да има и бугарска? Има. Има бугарски политичари што ни се поголеми наши непријатели од Грците.„Под имињата на мошне познати шефови, тие се обидуваат да испраќаат чети во Македонија, да агитираат за анексионистичката идеја… Тука има место само за една организација, а таа е народната организација. Ниту Цончев ниту Сарафов не се избрани од народот, и ако тие се обидат да преминат ваму, да присвојат самоволна сила и оружје, ние што го претставуваме народот мора да ги пресретнеме со истата сила што тие ја применуваат против нас.


Еве и неколку искажувања на првиот претседател на Централниот комитет на Револуционерната организација (Х. Татарчев) за истата тема.

– „Македонија била и си останува култ на македонскиот народ, на неговата религија, род, јазик, на реликвиите на неговите дедовци и прадедовци.“

– „Индивидуалноста на македонскиот народ, која е резултат на иманентни сили, дејствувајќи низ столетијата, зачувана е и до денес, ќе се зачува и во иднина. Зашто во него живее оној невидлив и неранлив од никого дух, кој ја насочува неговата судбина.“


– „Денес љубовта на Македонецот кон татковината е не само чувство туку и повелбен дух, кој лежи над неговата мисла и волја и ги стимулира неговите дела. Овој татковински долг налага стегната организација, ред и дисциплина. Македонија ќе биде измолкната од своите денешни владетели-тирани преку упорна борба на целокупниот македонски народ, во обединувањето на силите на сите Македонци се нашата сила и нашата победа.“


– „Крилатиците: ’Македонија на Македонците’, ’Автономна Македонија’, ’Македонија самостојна држава на Балканот’… им ги пленеле душите и мислите на огромниот број крајно пожртвувани борци, кои ја покрија Македонија со своите коски и со своите млади, скромни и чисти животи во битките и под знамето на таа велика митска ’Внатрешна револуционерна организација’.“


И, да завршам со неговото расудување за односот на Бугарија кон македонското дело: „Едно помрачување, за жал, ги имаше зафатено бугарската дипломатија, Врховниот комитет и општеството и тие наместо да ги помогнат најразумно стремежите на поробените народи (мисли на оние од Македонија м.з.), се зафатија со востанички експерименти (мисли на Мелиичкото (1895) и Горноџумајското востание (1902 м.з.)) и со тоа најзловредно му наштетија на ослободителното движење.“


(продолжува)


Кон искажувањата на корифеите на револуционерната организација за нејзиниот самостоен карактер и нејзините цели: „Автономна Македонија“ и конечно „Самостојна и независна Македонија“, секако, заслужува да се запреме и на ставовите на Ѓорче Петров, но со оглед на тоа дека тие речиси се идентични со Гоцевите, само упатуваме за тоа да се видат неговите „Спомени“, како и посебно неговата статија „Македонско ослободително дело на бугарска почва“, печатена во весникот „Право“, од 7 јули 1902 година.


Кон овој дел од излагањето за самостојниот карактер на македонското ослободително дело да го придодадам само уште и искажувањето на Димо Хаџи Димов, еден од најверните соборци и почитувачи на делото на Гоце Делчев. Ова, од причина што тоа искажувања директно нѐ упатува токму на неговиот идол и водач Гоце Делчев.

Еве што вели тој во него: „Гоце Делчев до својата смрт беше убеден противник на сите обиди што ги чинеше бугарската буржоазија преку врховните македонски комитети во Софија, за да се наметне на Внатрешната револуционерна организација и да ја повлече во служба на едно грабежно и срамно дело.“


Делото на Гоце и неговите соборци недвосмислено ја потврдува констатацијата дека Гоце Делчев е македонски револуционер. Овде само би додал: и повеќе од тоа. Тоа, меѓу другото, и поради зрелоста на своето расудување. Зошто го велам ова? Затоа што тој кога влегол во револуционерната организација имал само 22 години живот, загинал со наполнета 31 година. Суров факт, но истовремено и факт што Гоце го издигна во легендите што вечно живеат во колективната меморија на својот народ, но и пошироко.

Сега да одговорам и на вториот дел од прашањето – дали тој (Гоце) бил Бугарин или Македонец. Ако го земеме предвид бугарското гледиште, кое, видовме, е засновано на манифестираното, во одредени случаи, од него бугарско чувство, а без притоа да се има предвид целината на историскиот контекст, во многу нешта испреплетен и поврзан со Гоце и неговата револуционерна генерација, но и пошироко, тогаш и може да се рече дека Гоце е Бугарин. Но Гоце, како што погоре, врз основа на изложеното, повеќе од сигурно ни се претстави пред сѐ како македонски револуционер, па дури потоа можеби и бугарски. Најмалку што ќе се покаже е тоа дека тој колку што би бил по чувство Бугарин, толку, исто така по чувство, а можеби и повеќе од тоа, бил и Македонец.


Од мноштвото аргументи, за кои верувам дека зборуваат во прилог на изнесеново погоре, ќе изнесам неколку. Ако знаеме дека Гоце, уште како питомец на военото училиште во Софија, како и Даме пред тоа, беше многу близок со Коста Шахов (родум од Охрид), колку по основа на роднокрајност, а уште повеќе идејно, тогаш тешко би можело да се помисли дека Делчев не ја видел или подобро не ја разбрал заднината на идејната порака инкорпорирана во уводникот насловен „Покана“, уште во првиот број на весникот „Македонија“, од 21 октомври 1888 година, издаван од истиот овој Коста Шахов.


Имено, еве што се вели во „Покана“: „При сето тоа, макар и да сме околу 2 милиони луѓе, пак немаме, тука барем во слободните страни, еден каков и да е весник, кој како да нѐ држи во извесност за текот на работите, кои се вршат околу нас и за нас, така и да служи за искажување на нашите народни искажувања и мисли… Денес печатот е посилен од топот и со него се служат речиси сите народности во светот, освен нас. Со тоа ние сами се претставуваме пред очите на образованиот свет како народ…. Најпосле, ние Македонците, макар и да сме едни под двојно и тројно ропство, а други распрснати по разни страни, сепак не треба да си го заборавиме отечеството… зашто како народ ќе сме одговорни пред нашето потомство, ако и при толку незгодности на својот живот го преминиме времето бездејствено, без борба за слободен живот, бидејќи нашите господари не сакаат да се грижат за олеснувањето на нашиот живот.“


Што ли ќе му е на Шахов, кој самиот се декларира за Бугарин, во четвртиот број на весникот „Македонија“ повторно да се врати на темата Македонија. Имено, во уводникот на весникот од 11 ноември 1888 година читаме: „Историјата ни раскажува за изникнувањето, растежот и паѓањето на господарствата, за произлезот, развитокот и упадокот на народите. Несомнено и нашата татковина – Македонија – има историја за своето минато… Во традициите на секоја националност обично ги гледаме длабоко отпечатени повеќето од тие историски факти, кои и ги преставуваат величието и упадокот. Денес на пример секој Македонец, приспомнувајќи си за Александар Македонски, вели: „Ние сме го имале Александар Велики“, со овие зборови тој си го наумува блескавиот период од величието на македонската држава. Александар Македонски стои пред лицето на Македонецот како национална гордост. Оваа национална гордост има за него во случајов интелектуално значење, при односот на постигнувањето на идејата на самостојност.“


Интересно за оваа статија, потпишана со иницијалите Г.К., е и тоа што во неа се употребува посебна ортографија. Така еровите ги нема, темниот вокал е предаден со посебен знак, а останат е и знакот со старославјанското „јат“, се употребува „i“ и сл. Во секој случај, многу индикативно.


Шахов, не запира тука, тој допушта и во бројот 36 од 19 август 1889 година на весникот „Македонија“ да се појави статија, насловена „Мнение за решавање на македонското прашање“, потпишана со псевдонимот „Еден Македонец“, од која, сосема разбирливо, ако се има предвид под каков притисок бил изложен весникот од страна на весникот „Свобода“, орган на бугарската влада. Но да допуштиме да видиме што вели авторот Еден Македонец во својата статија: „…Сите, се гледа, страхуваат од една самостојна кај Македонците борба и никоја соседна држава досега не дава да се развие таква, кое нешто без сомнение си има причини… И македонската емиграција барем за време, треба да ја напушти досегашната своја политика; она треба да се постави во борбата на чисто македонска почва и после може да врви успешно напред во сите стремежи. Ние не може да го бараме своето спасување, сполучно, ниту како Грци, ниту како Срби, ниту како Бугари, туку како Македонци, на кое веруваме сите ќе погледнат со добро око.“


Ова не можело да му остане непознато на Гоце. Ако тој сам не го имал во рацете цитираниот број од весникот „Македонија“, тогаш сигурен сум дека од Шахов добро бил запознаен со текстот на статијата од авторот. Зошто го велам ова? Одговорот е: Затоа што добро знаеме дека Хаџи Николов идејата за основање на Македонската револуционерна организација во 1902 година првпат ја изложил токму пред Гоце и Шахов во Софија, а тие ја прифатиле. Преку весникот „Македонија“ на Шахов, (број 19 од 27.1.1890 година), Гоце сигурно дека бил запознаен и со излегувањето на книгата од австрискиот македонолог Хрон, насловена „За народноста на Славјаните во Македонија“. Во неа авторот, наспроти друго гледање дека Македонците се Срби, излегува со тврдење дека „…Славјаните во Македонија не се ниту Срби, ниту пак Бугари, туку дека составуваат одделна македонска народност.“ Оваа книга, всушност, е произлезена од неговата докторска дисертација, посветена токму на народноста на македонските Славјани.


Весникот „Македонија“ на Шахов, не само преку Шахов туку и тој самиот како весник, бил релевантна лектира за будење, покрај на бугарската, уште и на промакедонската национална свест кај Гоце. Тоа, секако, било случај и со Даме и со Петар Поп Арсов и повеќе други ученици (каков што бил и еден Мисирков), кој, знаеме, во тие години поминал своевидна голгота, чија траекторија започнала со напуштањето на Солунската гимназија, па преку привременото школување во Белград (Србија), за потоа да заврши во Софија (Бугарија) и на крајот за конечно да се врати во Македонија. Ова го велам затоа што тие во тоа време биле присутни на страниците на овој весник, како што, истовремено, биле присутни и на страниците (и тоа со доста остри критики за нивното „српско издајство“), во владиниот весник „Свобода“. При ова заслужува да се спомне и весникот „Лоза“ (1892), уредуван од Шахов, кој исто така, имал свое влијание за пробудување на сепаратистички чувства и кај Гоце, а уште повеќе кај Даме и Поп Арсов, затоа што тие биле и дел од редакцијата на весникот. Познато е дека набргу тој весник, поради содржините што ги нудел, бил забранет.





(продолжува)


Шахов и неговиот весник „Македонија“ се од интерес и заради една дополнителна причина. Имено, цитираниот весник во повеќе наврати се занимавал и со сепарастичкото дејствување на скопскиот митрополит Теодосиј Гологанов. За тоа може посебно да се разгледаат 35-от и 44-от број на весникот, од 1890 година.

Ќе приложам дел од одговорот на Гологанов на едно писмо упатено до бугарскиот егзарх Јосив. Во него тој, меѓу другото, ќе му напише: „Епархиите во Македонија, не заборјвете, не се бугарски, не се грчки, ниту се српски, туку македонски. Според тоа, во нив, не само егзaрхиските, туку и никои други правилници, освен македонските, не можат да важат… Мојот народ нема зошто да им се потчинува на туѓи правилници, туку треба да има свои. Тоа ќе го постигне, доволно да се ослободиме од вас неканети пропагандисти, кои со децении го заблудувате за неговата национална припадност…“

Колку ваквото гледиште на митрополитот му било познато на бугарскиот егзарх може да се види од следното писмо што тој во 1892 година го упатува до Светиот синод: Тој во писмото се жали дека: „Теодосиј не се чувствува Бугарин, туку за Македонец, не примал во Скопје директори и учители од Бугарија… Ја ширел идејата дека Македонците треба да се ослободат од Горненците Бугари… сите Македонци да работат по каков било начин да се ослободат од Горненците односно од Бугарите, од северна и од јужна Бугарија…“


Од немалиот број весници од тоа време, покрај „Македонија“ заслужува да се спомнат уште „Малешевски Балкан“, кој објавувал писма на македонско наречје. Така, во едно писмо објавено во бр. 12, покрај другото го среќаваме и ова: „Меѓу нас нема ни Бугари, ни Срби ни Грци, а само Македонци. Тоа за знаење.“ Натаму, во весникот „Југозападна Бугарија“ бр.4 од 2.10.1893 година читаме: „Во последно време се подигна од некои весници прашањето за постоењето на некакво делење или како го наречуваат сите – сепаратизам – кој се состоел во стремежот на македонските Бугари да ги препорачуваат и да ги сметаат Македонците за такво население кое не е ниту бугарско, ниту грчко, ниту српско, а е македонско.“

Понатаму весникот „Револуција“, на Васил Главинов, (родум од Велес), во бр. 28.6.1895 година во уводникот се залага за независна македонска република. Во тој весник (во сите 10 излезени броја) во насловите стојат определбите: „Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци“, како и „Слободата не сака Ехзарх, ѝ треба Караџата.“ Овде изнесено останува без потреба на каков било коментар, освен дека со сето тоа добро биле запознаени Гоце и револуционерите од неговата генерација.


Ставовите на Петар Поп Арсов макар и не толку директни, како јасно изразениот македонски идентитет на погоре споменатиот Гологанов, сигурно имале одредено свое влијание врз појавувањето на промакедонско народносно чувство и свест кај сите членови на организацијата, па и кај Гоце. Друго е прашањето што тие истовремено манифестирале и бугарско чувство на припадност. Сето тоа кај нив на некој начин било измешано и испреплетно. Но да допуштиме за нив (ставовите на Поп Арсов) да зборува самиот Поп Арсов. Ќе наведеме што, покрај другото, пишува тој во својата книга: „Одземете му го на човека полето на дејствување – тој е, веќе, мртов: така и нашата ’љубезна‘ Егзархија… стремејќи се на нашите (црковни м.з.) општини да им го одземе благородното поле за работа… сака да ги умртви, да ги убие…. На помош сите чесни Македонци! Дојдите да ги спасиме умирачките општини во Македонија, со што сакаат да нѐ претворат во мртов труп, за да си играат со нас, како што сакаат…


Најважните служби Егзархијата им ги доверва на Бугари: владици архимандрити, директори, инспектори, учители, деловодители, редактори итн., а од егзархиска служба ги отстранува совесните Македонци, против кои се употребуваат сите дозволени и недозволени средства да бидат изгонети надвор од својата татковина… Со тоа ’народната‘ Егзархија совршено смислено се стреми да го ликвидира, секое посамостојно движење кај нас, на Македонецот да му одземе секаква можност да се занимава со повозвишни општествени прашања; да нѐ окове во синџири за да нѐ разигрува како мечка…“


Списокот и не завршува со овие наши двајца уважени Македонци од крајот на 19 век. Можеме да одиме, уште поназад во времето. Но нека ми биде дозволено да ги спомнам овде 120-те охриѓани, кои во 1890 година бараат обновување на Охридската архиепископија, Ѓорѓија Пулевски од Галичник и Венијамин Мачуковски од Беломорска Македонија.

Во својата своерачно потпишана молба (од 1890 година) охриѓани, од неговата светост великиот патријарх во Цариград, бараат: „… Ние Словените од Македонија одсекогш сме имале своја црква, Охридска архиепископија, која имаше седиште во нашиот град. Денес ние сакаме одново да си ја вратиме… Покрај тоа што Бугарите нѐ измамија и излагаа, тие ни го отфрлаат и јазикот, ни ги менуваат нашите свети обичаи… Ние тоа не можеме повеќе да го трпиме и не сакаме нашите деца да нѐ колнат и гробовите на нашите предеди… Како такви ние ве молиме… да бидете наш толкувач и пред Отоманската порта, да ни издејствувате како на Словени православни секаква наклоност, како и дозвола за обнова на Охридската архиепископија, дозвола за наши училишта во кои нашите деца ќе учат на свој мајчин јазик и ќе се воспитуваат во духот на православна вера и црква“.


Од големото пишано наследство што зад себе го оставил македонскиот преродбеник, Ѓорѓи Пулевски, и кое сигурно не им останало непознато на македонските револуционери, вклучувајќи го и Гоце, овде ќе го спомнеме само „Речникот од три јазика“ од 1875 година. Тој во овој речник, покрај рускиот, хрватскиот, бугарскиот и бошначкиот го споменува и македонскиот јазик, за кој и вели дека е сличен на нив. И посебно во тој речник е тоа што Пулевски поимовно ги определува категоријата народ и категоријата татковина (отечество).

За Мачуковски е познато дека бил автор на првата „Граматика на македонско наречие“ (1892). По неговото јавување, во бугарските весници во Цариград, за помош од некого, за печатење на својата граматика, ќе пренесеме каков одговор за тоа добил од весникот „Право“ (од 30.10.1872): „… Доколку господин Мачуковски сака да состави сосема нова граматика за Македонците, тој се лаже. Јас реков дека македонското наречие е расипан бугарски јазик што паднал под чуждо влијание на јазиците што го обиколуваат, а за да се поправи не треба да се составува нова граматика, туку да се сведе на правилата на сегашната граматика“ (П. Иванов).


Како и да е, познато е дека цитираното погоре не е инцидентна појава. Колку во изнесеново има вистина најдобро може да се види и од, во основа нагативните, искажувања на познатиот бугарски општественик и учен деец Петко Рачев Славејков, во поглед на таканареченото: „македонско прашање“ односно „македонскиот сепаратизам“, (изнесени во цариградскиот весник „Македонија“, уште во далечните 1871 и 1874 година, како и во неговото писмо од 1874, упатено до егзархот на бугарската православна црква (Цариград). Познато е дека виден ескпонент на овде споменатиот „македонски сепаратизам“, од македонска страна, бил познатиот учебникар и преродбеник Партенија Зографски. При ова, барем за мене, останува неодговорено прашањето, како е можно во собраните дела на Славејков ништо да не биде спомнато за неговите гледишта изнесувани во тогашниот печат и во неговите писма посветени на цитираното „македонско прашање“ односно „македонски сепаратизам.“ Чудно нели? Од тој круг би го споменал, само, уште, Кузман Шапкарев, кој, во периодот 1868-1874 објавил осум учебници на македонско наречје. Поради што, тој како Македонец, бил осудуван дека е „србист“. Ако се знае дека тој во одредени пригоди знаел да рече „.. едвам се ослободивме од Грците сега пак шопие ли да се правиме“ и дека „…друго било Б’лгарин и б’лгарски језик и друго Македонец и македонски језик“. Меѓутоа, познато е дека овие двајца видни учебникари и преродбеници, подоцна се имаат откажано од својот „македонизам“ односно „сепаратизам.“ Причините за тоа не само што можат да се претпостават, туку истите тие можат и да се докажат, но во случајот, просторот тоа не ни го дозволува.

Ако се има предвид сево ова, се чини, во многу нешта станува разбирлива познатата изјава на Гоце: „Како не се најде некој да напише некоја книга за Македонија.“ Не знам пред кого и кога Гоце ја дал оваа изјава, познато е дека во самата година на неговата смрт (1903), таква книга веќе била напишана и издадена во Софија (Бугарија). Во случајот, станува збор за книгата: „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков.


Ако се има предвид сѐ она што погоре е кажано многу појасно може да се сфати и смислата на следното Гоцево искажување: „Нема да примиме ниту еден офицер во организацијата. Додека можам да носам пушка на рамо нема да има во Македонија место за бугарските офицери… Не сакаме да го разменуваме турскиот султан и неговата тиранија за која и да било друга, ниту тоа кога би била бугарска тиранија практикувана од бугарскиот кнез.“

По сѐ што беше изнесено погоре за будењето на чувството за национална припадност кај Гоце, како и историскиот контекст во кој се остварувало тоа будење, човек колку и да сака да се дистанцира од тврдењето дека сето тоа можело да има влијание врз наведеното чувство кај Гоце, како и кај другите од неговата револуционерна генерација, едноставно се чини дека не е можно да се одрече тоа. Ова е така, дури и при сугерираното мислење на францускиот писател Анатол Франс дека е многу тешко да се пишува историја, изнесено во предговорот на неговата книга: „Островот на Пингвините“. Како што вели тој, причината за тоа е што: „Никогаш не се знае како точно работите текле! И збрката кај историчарите расте наспоредно со изобилството на документите. Кога за некој факт се знае само по еден исказ, тој се прима без многу натегање. Незгодите настануваат кога за настаните зборуваат по двајца или повеќемина очевидци, бидејќи нивните искази се сега противречни и никако не можат да се сложат.“ Па оттука, се чини дека и треба да се согласиме со Енгелсовата позната мисла дека „сета историја треба одново да ја изучуваме.“





(продолжува)


На крајот од фељтонот да се обидеме да дојдеме до некои заклучоци.

Да претпоставиме дека на некое политичко ниво македонската страна, сепак, се согласила конечниот збор за прифатливоста или неприфатливоста на препораките од комисијата да го има бугарската страна. Во тој случај, јас не можам да знам како општата јавност, а особено стручната и научната, би го примила тоа, но знам за себе: крајно негативно. Тоа до толку, за мене, е негативен чин што овозможува бугарската, посилна страна, (преку премиерот), другата, послабата страна (во случајот, македонската), буквално, целосно да ја исклучи, и во поглед на донесувањето на крајната одлука во однос на разгледуваните прашања од комисијата. Ако таква согласност на политичко ниво не е постигната, тогаш за мене, уште попроблематичен станува фактот што бугарската страна сама си ја презема таа улога. Кога го велам ова, всушност, предвид го имам следниот текст од повеќепати цитираната изјава: „Кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено… тогаш ние (сами м.б.) во Бугарија ќе решиме што треба да се прави.“ По ова, има ли место да се зборува, макар и, за минимум уважување на другиот партнер во договорот (македонската страна). Но ако кон ова се додаде дека цитираниот исказ во изјавата „тогаш ние во Бугарија сами ќе решиме“, всушност, е поврзан, со очекуваниот предлог од комисијата за Делчев, тогаш моето крајно негативно примање, во поглед на едностраноста во одлучувањето, изразено погоре, станува и повеќе од тоа.


Второто прашање, што е и последно, поврзано со изјавата на бугарскиот премиер, се однесува на тоа каков би можел да биде крајниот резултат од работата на комисијата. Начелно зборувајќи, тој резултат би можел да биде како негативен така и позитивен. Во секој случај, тој (резултат) за македонската страна би бил негативен и штетен, ако бугарската од позиција на посилна страна во договорот, конечно, го наложи своето гледиште особено во однос на Гоце Делчев (а преку него и во однос на преостанатиот дел на илинденски револуционери). Тоа нејзино гледиште, повеќе или помалку, е познато. Но овде, за него, само, ќе придодадам дека тоа, во основа, е засновано на нејзиниот „крунски доказ“, а тој е дека етничката определба на Гоце Делчев е бугарска, па оттука натаму таква е и на целата негова илинденска генерација на револуционери. Меѓутоа, кога ги споменувам негативните и штетните последици за македонската страна од чинот на прифаќање на ова, во основа, крајно симплифицирано гледиште на бугарската страна, ни за миг не треба да се занемари и фактот дека тоа од своја страна би имало долгорочни, штетни и негативни последици и на вкупните односи помеѓу двете држави, народи и општества.


Ако, пак, страните во договорот, токму, за да се избегнат наведените штетни последици, (сфатени како осознаена свест), истите нив ги земаат како мотив повеќе да не се испушти моментот на дадената историска шанса, која не толку често доаѓа, тогаш и може да се очекува крајниот резултат на комисијата од негативен да се преобрази во позитивен. Меѓутоа, за да се случи ова и практично, не е доволно самото осознавање на штетните последици, туку е потребна и сериозна акција и насоченост од двете страни кон постигнување позитивен резултат од договарањето. Тоа практично значи усилба и двете страни од договорот да се издигнат на нивото на дадената историска шанса и со полна свест и одговорност да создадат доволно простор, но и време, членовите на комисијата сообразно на својата стручност и научна компетентност да понудат препораки, кои и без политичката моќ на која било од страните да можат да траат. Вака поставени работите, ниту сега ниту во иднина, повеќе не ќе имаат потреба од каква било изјава од политичките номенклатури на која било од страните. Само на тој начин може да се очекува вкупните односи поврзани со двете држави, општества и народи да се постават на здрави основи и истите тие постојано да се продлабочуваат и унапредуваат. Сегашните и идните генерации од двете земји, токму тоа го заслужуваат.


Овој текст најмалку има цел некого да повреди или да ги игнорира аргументите на другиот. Напротив, јас овде го изложив мојот пристап на разгледување историско-образовните прашања поврзани со заедничката и споделена историја од страна на комисијата. Исто така, само, ги изложив аргументите што мене ми беа познати за овие прашања. Друга цел сум немал. Затоа оставам другата страна (бугарската) да си ги изнесе своите аргументи, како што тоа треба да го направи и македонската. Но сакам да посочам дека договорот и односите меѓу двете држави не се еднонасочна улица по која предност ќе има посилниот. Оттука, верувам дека во една академска атмосфера и со смиреност на изложување на аргументите на двете страни од комисијата, како и со еднаква нивна меѓусебна почит и уважување, тие може да понудат препораки, кои би биле и стручно и научно поткрепени, и како такви да бидат прифатливи и од двете влади на договорот за пријателство и соработка.


При ова, потребно ќе биде бугарската страна во договорот, колку и да е тоа болно за неа, дефинитивно да ѝ овозможи на македонската да си го пишува својот дел од историја, во која ќе ги изложи своите видувања на историските процеси, притоа водејќи исклучително сметка за сѐ она што е заедничко во таа историја со бугарската страна. Нека ми биде дозволено последното да го дообјаснам. Имено, ако знаеме дека денешниот официјален бугарски став во однос на „македонското прашање“, изразен во Декларацијата на Народното собрание на НР Бугарија од 6 март 1990 година, се сведува на тоа дека „не постои македонска нација и македонски народ“… па во согласност со тоа и… „населението на СР Македонија е бугарско,“ тогаш со право може да се праша за што, всушност, членовите од двата дела на комисијата треба да расправаат. Ако одговорот би бил македонската страна да се придружи кон овој официјален став на Бугарија, тогаш непотребно би било какво и да е расправање за заемните делови од историите на двете држави и општества. Овој став, за време на одржувањето на Конференцијата за човековата димензија во Копенхаген (Данска), јуни 1990 година, бугарската делегација го има соопштено официјално. Кон ова може да се придодадат и искажувањата по разни поводи на поранешните бугарски претседатели: Петар Стојанов, Горѓи Прванов, Росен Плевнелиев, како и на актуелниот претседател Румен Радев, кои на еден или на друг начин се блиски до духот на цитираната декларација.


Тогаш што да се прави од тука натаму? Неоспорно дека со Бугарија имаме многу заедничко во историското минато, особено во периодот на преродбата, предилинденскиот и илинденскиот период (да не зборувам и за кирилометодиевскиот период), но историските процеси течеле како што течеле, и на крајот на краиштата се дошло до тоа прво Бугарија, уште 1878 година, да се стекне со својата независност, а Македонија да се конституира како држава на 2 август 1944 година. Тоа е реалност што суштествува до денешен ден. Оттука, колку на Бугарија и на бугарскиот народ да им ги топли срцата и душите идејата за голема Бугарија, проектирана уште, од отец Пајсиј Хиландарски (1722-1798): Бугарија од Дунав до отаде Охрид и од Црно Море, до реката Морава, и во која, покрај Трново и Охрид, како древни световни и црковни престоли, на југ, во нејзини граници се најдат, уште, и Битола, Меглен, Бер, Скопје, Штип и градот Солун, сепак таа се покажала за нереална. Ист е случајот и со Санстефанска Бугарија (со вклученост во неа скоро на целосна географска Македонија). Овие две идеи, колку и да примамливи, сепак историјата покажа дека се нереални.


Но независно од тоа, цената што за нив ја плати Бугарија е преголема (изгубени две Балкански војни (1912 и 1913), Прва светска војна (1914-1918), со многу патила и страдања, со многу трауми и кошари) како и втората светска војна (1941-1945). Покрај сите последици од тие војни, една од најтрагичните беше и трајното искорнување илјадници Македонци од нивните дедовски и прадедовски огништа во Беломорска Македонија (во согласност со договорот за размена на население склучен меѓу Грција и Бугарија). Затоа сето тоа нека биде наравоучение во иднина да не се повторуваат ваквите трагедии и страдања. Само при ваков прифатен приод може да се трага за наоѓање модерни решенија за уредување на заемните односи помеѓу двете држави и општества.


Ако вака биде погледнато на нештата, верувам дека бугарската страна полесно ќе прифати дека не е предавство што некоја од поранешните влади на Бугарија овозможила Гоцевите останки да почиваат во престолнината на модерна и слободна Македонија. Ова впрочем бил и завет на илинденските соборци на Гоце. За мене, поголем чин за градење мостови за соработка од тоа и не постои. Но за тоа се потребни и волја и разбирање на нештата од историјата што ни испраќаат одредени пораки. Во тој контекст, очекувам од Бугарија декларативнот чин на признавање на Македонија, како самостојна и независна држава, да го дополни и со признавање на македонскиот јазик, не како уставен јазик, туку како јазик на македонскиот народ. Последново, ако поради ништо друго треба да се стори од причина што самата Бугарија прифаќа дека Македонците од 2 август 1944 наваму имаат изградено различен идентитет од бугарскиот (во тој идентитет по природата на нештата, секако дека влегува и самиот македонски јазик, како што тоа е случај и со бугарскиот јазик во Бугарија). Ваквиот смел чекор е вистински пример за тоа како треба да се градат мостови за пријателство и соработка помеѓу двата братски народа, држави и општество. Искрено верувам дека тоа е и долг што сегашните генерации го имаат кон оние што ќе доаѓаат и по нас. Затоа со погледот, не назад, туку свртен напред кон векот, кој штотуку започнавме да го живееме.


(крај)

Comments