Од окупатор до национален мит – Античка Македонија во почетоците на современата грчка држава, на оваа тема во својата најнова колумна пишува еден од најдобрите познавачи на историските и актуелни односи меѓу Македонија и Грција
Пишува
Проф. Далибор Јовановски
Проф. Далибор Јовановски
Една од причините за спорот со нашето уставно име кое го има соседна Грција е и историјата. Од Атина постојано се нагласува дека нејзиниот северен сосед ја краде грчката историја, посебно делот кој се однесува на античка Македонија.
Целта на оваа колумна не е да се негира правото на Грција да ја гледа историјата така како што сака и ја доживува, секој има право на свое минато, туку да им покаже на читателите еден интересен процес од минатото. Поточно, како видни грчки интелетуалци гледале на античка Македонија, пред и по создавањето на современата Грчка држава во 1830 година.
Односот на грчките интелектуалци кон античка Македонија во првата половина на 19 век бил далеку од една љубовна приказна. Еден од најголемите грчки преродбеници, човекот кој е, можеби, најзаслужен за вртењето на Грците кон антиката, Адамантиос Кораис, сметал дека античките Македонци биле окупатори на Грција.
Според неговите размислувања, победата на Филип II кај Хајронеа значело губење на грчката слобода. Тој нагласувал дека Грција прво била поробена од Македонците, па од Римјаните и конечно од Турците.
Григориос Палиуротис, исто така значаен грчки интелектуалец, во едно свое дело, напишал дека смртта на Филип предизвикала надеж кај Грците дека тие можеле да ја возобноват слободата.
Овие мисли на грчките интелектуалци биле од поериодот пред создавањето на современата грчка држава.
Во 1830 година, како што веќе напоменав, била создадена новата независна грчка држава, од страна на трите европски големи сили Велика Британија, Русија и Франција.
Кога е во прашање античка Македонија видни и влијателни грчки интелекталци повторно говореле за окупација од страна на античката македонска држава на грчките земји.
Така, првиот ректор на Атинскиот универзитет, Константинос Схинас, забележал дека Грција била владеена од страна на Македонците, Римјаните и Визнатијците.
Влијателниот интелектуалец Николаос Сариполос пишувал дека по битката кај Хајронеа Грција била под ропство.
Јаковос Ризос Нерулос, претседател на Атинското археолошко здружение, на едно отворање на состанок на ова здружение говорел дека Филип ја уништил грчката слобода.
Александрос Суцос пишувал дека античка Грција била жртва на Македонците и Римјаните. Има и многу други примери.
Сепак најинтересен е Константинос Папригопулос, основоположникот на современата грчка историографија, човекот кој е заслужен за вметнување на античка Македонија во грчката историја и идентитет.
На почетокот од својата кариера Папаригопулос сметал дека античка Македонија била освојувач на Грција. Меѓутоа еден настан од јануари 1844 година ја променил сликата за натичка Македонија во очите на Грците.
Тогаш еден грчки политичар, Јоанис Колетис, во Атинското собрание ја промовирал т.н. Мегали идеја (Голема идеја) која значела барање за територијално проширување на малото балканско кралство на сметка на османлиската држава. Во рамките на тие барања била и османлиска Македонија. Но, таму Грците не биле мнозинство, дури ни во областите од османлиска Македонија кои по Балканските војни влегле во составот на грчката држава.
Заради тоа морало да се покаже дека Македонија била историска грчка територија. Затоа и не чуди промената на погледот на Грците за античките Македонци.
Од окупатор и непријател тие станале дел од античкото грчко наследство и неизбежен и цврст дел од грчкиот идентитет. Папаригопулос, кој сметал дека античките Македонци биле окупатори, во 1849 година напишал дека тие биле хибридна раса, мешавина помеѓу Илирите и античките Грци, а неколку години подоцна, во 1853 година, веќе пишувал за нив како за чисти Грци.
Античка Македонија така станала дел од грчката историја, меѓутоа се заборава фактот дека државата на Александар се протегала на три континенти.
Нејзиното наследство е светско, исто како и византиското и османлиското. Во Бејрут баклавата е популарен десерт, исто како и во Каиро, Истанбул, Скопје, Приштина, Солун, Атина. Големите држави и култури не можат да бидат монополизирани, особено не нивното наследство.
п. с.
Со мојот колега и пријател, Војислав Саракински, еден од најдобрите познавачи на античка Македонија на Балканот, пред две години, во Словенија објавивме статија на оваа тема. Статијата е доста читана и нема негативни реакции. Погодете зошто?
Со мојот колега и пријател, Војислав Саракински, еден од најдобрите познавачи на античка Македонија на Балканот, пред две години, во Словенија објавивме статија на оваа тема. Статијата е доста читана и нема негативни реакции. Погодете зошто?
извор:express.mk
Во продолжение....
Како беше создадена „вистинска“ Македонија
Пред речиси три месеци напишав една колумна со цел јавноста да биде запозната со начинот на кој во Грција беше инкорпорирана античка Македонија во тамошната историја, култура, традиција и идентитет.
Веќе подолг временски период сме сведоци како ни се објаснува зошто Грција има големи забелешки на нашето уставно име, но уште поважно на името на нашата нација и јазик. Често ни беше укажувано дека Грција има 51% од регионот Македонија, но поретко, а исто така тоа е многу важно во понатамошниот преговарачки процес, ни укажуваа дека само 10% од територијата на античка Македонија се наоѓа во рамките на нашата држава.
Со други зборови, ниту според процентот на територијата на регионот Македонија, ниту според традицијата не треба да го носиме тоа име. Сепак, науката дава одговор и на овие тврдења, особено, како настана термин от вистинска Македонија кај Грците.
За време на Големата источна криза (1875-1881) се појавиле карти кои биле составени со цел да се покаже етнографската состојба на Балканот. Тие биле далеку од вистинити, но имале свое влијание. Познатиот германски картограф Киперт во 1876 година објавил една етнографска карта на Балканот која во Грција била дочекана со негодување.
Кога е во прашање Македонија лесно може да се забележи причината за негативните реакции на Грците на кои им биле доделен само мал појас покрај морето. Имено, на картата од 1876 година Киперт како територии со мнозинско грчко население во Македонија ги означил областите јужно од линијата Пинд-Хрупиште-Катраница-јужно од Ениџе Вардар-Солун-Серес-Драма-Кавала.
Под оваа линија имало и турски оази, но затоа имало грчка боја, навистина со мал обем, околу Мелник, Струмица, Битола. Тоа според грчките гледишта не било точно и не кореспондирало со реалните состојби и со историските факти. Картата на Киперт предизвикала мобилизација во Грција. На сцена стапил и Силогосот за ширење на грчката писменост. Ова здружение, со помош на грчките конзули и на патријаршиските митрополити, собрал податоци за составот на населението во Македонија.
Претседателот на здружението, Константинос Папаригопулос, овие податоци му ги приложил на Киперт, барајќи од германскиот картограф да изврши корекција на картата која ја објавил. Не треба да имаме никакво сомнение дека овие податоци, одговарале на грчките интереси и желби. Во крајна линија не биле собрани од некој кој не бил заинтересиран за Македонија, туку од претставници на земја која имала апетити кон територијата на османлиска Македонија. Тој заминал за Берлин со цел да се сретне со германскиот картограф и да се обиде да изврши влијание врз него за да бидат променети нештата кои не бил во грчки интерес.
Тогаш започнува неколкумесечна комуникација помеѓу двајцата научници околу границата која би ги одделувала Грците од останатите народи во регионот.
Тоа што нас не интересира за темата која е цел на нашето пишување е барањето на Папаригопулос областа околу Битола се до Крушево да биде означена со грчка боја. Во понатамошната кореспонденција, во едно писмо од Атина, Папаригопулос прашува зошто веќе договорената линија Разлог-Неврокоп-Мелник-Струмица-Преспа која требала да биде обоена со грчка боја е спуштена појужно Киперт, изненадувачки, попуштил и се согласил на измени кои биле блиску до тоа што го сакал Папаригопулос.
Така непосредно пред почетокот на Берлинскиот конгрес била издадена брошура со една карта во прилог на истата. Насловот на оваа брошура е :”Објаснувачка забелешка за етнографската карта на грчките, словенските, албанските и романските земји направена од Хенри Киперт”, но текстот во неа бил напишан од Папаригопулос со согласност на Киперт.
Имено, на картата, кога е во прашање османлиска Македонија, може да забележиме дека поголемиот дел од неа е прикажан како грчки – од Охридското езеро преку Крушево, Струмица линијата завршува кај Неврокоп. Линијата по која во иднина ќе се движат грчките аспирации била исцртана.
Картата на Папригопулос не била ниту етнолошка, ниту се однесувала на земјите споменати во нејзиниот наслов. Исцртувањето на линијата на грчки интереси во Македонија не се појавила ниту случајно, ниту наеднаш. Ова особено се однесува на нејзиниот творец, Константинос Папаригопулос.
Најавата за поделба на Македонија, тој ја направил во својата книга Епилог на историјата на грчкиот народ, која ја завршил во декември 1876 година. Во неа, грчкиот историчар напишал дека, заради словенскиот притисок, грчкиот јазик останал доминантен во Македонија до Струмица, Мелник и Неврокоп.
Самиот Папригопулос не тврдел дека границите кои биле исцртани од него имале научен карактер, туку дека тој го составил документот од исклучиво со политички мотив. Папаригопулос сметал дека Грција требала да присоедини големи континентални простори, бидејќи во спротивни бим останала држава со островски карактер.
Следел период на промоција на оваа линија. Промовирањето на линијата за поделба на Македонија било правено во тогашните западни списанија.
Еден таков текст потпишан од Грчки државник најдовме и во влијателното британско списание “The Contemporary review”. Токму тука, авторот на статијата ја промовира идејата за поделба на Македонија на два дела, но и за намалување на границите на регионот во рамките на линијата за која станува збор.
Според авторот линијата која започнувала над Валона продолжувала кон Охридското езеро и :„Тоа не носи до северните граници на вистинска Македонија, која е, а ние тврдиме, целосно грчка земја“. Северните граници на Македонија, како што ги замислувал авторот, ги оставале Битола, Струмица, Мелник и Неврокоп во рамките на територијата која требала да и припадне на грчката држава.
Во оваа статија го сретнуваме терминот „вистинска Македонија“, кој бил прифатен од страна на грчките политичари и интелектуалци, со цел да се докажува дека античка Македонија немала врска со географскиот регион Македонија од 19 век. Во Грција се појавила и една тенденција за оправдување на оваа линија на грчки аспирации со историски аргументи.
Тука би сакал да се повикам на грчки историчар Евангелос Кофос. Тој забележал дека северниот дел од Македонија бил издвоен од националната прогама на грчката Мегали Идеја. Грчките историчари и интелектуалци правеле се за да ја обезбедат оваа линија со „научни докази“, кои би потврдиле дека исклучените северни области немаат историска основа да бидат сметани како дел од Македонија, бидејќи никогаш не биле дел од античкото македонско кралство.
Овие аргументи многу брзо станале непроменлив и неодвоив дел од грчката надворешна политика. Грција во сите преговори за поделба на османлиска Македонија како своја позиција ја бранела линијата на Папаригопулос. За време на Балканските војни со оружје, најголемиот дел од „вистинска“ Македонија бил заземен од страна на грчката војска.
Сепак, историјата нема само една страна или вистина. Папаригопулос бил националист, но и научник. Тој во еден мемоар испратен до грчкото министерство за надворешни работи нагласил дека линијата немала историска основа.
Грчкиот министер за надворешни работи, Кондоставлос побарал од Папригопулос, кон крајот на 1884 година, да обезбеди историски факти со кои северните делови би се отстраниле од остатокот на Македонија и би се тврдело дека само деловите јужно од линијата за која тука говориме се вистинска Македонија, онаа од античко време.
Одговорот бил доста интересен. Папаригопулос не сакал, иако тој бил еден од творците на линијата, да го потврди тоа што го барал министерот. Според грчкиот историчар барањето не можело да биде поткрепено со историски докази.
Имено, деловите на Македонија каде, како што се изразил познатиот грчки историчар, делувале и Бугарите, биле границите на Македонија од времето на Филип II. Еден од креаторите на линијата го дал и одговорот.
Е сега, денес, според тоа што го читам во грчките медиуми Ципрас не добил поддршка за предлогот Република Илинденска Македонија. Тоа особено јасно го кажал идниот грчки премиер Киријакос Мицотакис, но и поранешниот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос. И двајцата предлогот го отфрлаат како иредентистички.
Зошто? Затоа што Илинденското востание, во голем дел, било на територијата на „вистинска“ Македонија, која во најголем дел денес е во рамките на грчката држава. Но, и владата на Ципрас го отфрли предлогот. Ципрас го доби тоа што го сакаше – прво географска одредница, сега erga omnes, а понатаму доколку е можно и јазикот и името на нацијата. Сето тоа без потпишан договор. Да не ги потценуваме Грците, имаат одличен тим за преговори.
Извор: expres.mk
Comments
Post a Comment