Професоркта -историчарка Наде Проева, чиј научен интерес првенствено е насочен кон историјата на Античка Македонија, неодамна ја објави книгата „Триптих за македонскиот идентитет“, во која со аргументите на историјата, дава нова преспектива на актуелната политичко-интелектуална подвоеност, поврзана со (не)прифаќањето на новото уставно име на Македонија. Проева, преку конкретни документи од различни историски периоди, докажува дека сегашната жртва што ја направи Македонија, со промената на името на државата за некакви геополитички интереси е резултат на долга хронологија на политичко креирање на национални митови, иако Македонците ги имаат сите историски права за таквото идентитетско самочуство.
Прашање: Во вашата книга упатувате на бројни автори и историски извори, кои недвосмислено го покажуваат континуитетот на името Македонија од средниот век до денес. Особено внимание привлекува илустрацијата на писмото на Светиот римски цар Леополд I, од 1690 г. за заштита на македонскиот народ. Во какви историски околности царот Леополд го напишал тоа писмо?
– Ситуацијата е следна. Во 1683 г. сојузот, тнр. Света Лига, составен од Хабзбурското царство, Полско-литванскиот комонвелт, Млетачката република (Венеција) и Русија, започнал голема војна против Османлиската империја, наречена Голема турска војна што траела до 1699 г. Во 1689 г. во контраофанзива против османлиската војска командантот Силвио Пиколомини тргнал да ги освојува Босна, Косово и Македонија. Таа година во севериостичниот дел на Македонија, избувнало Карпошовото востание, за жал задушено истата година, а градот Скопје бил запален заради запирање на чумата. Тогаш голем број Македонци заедно со Србите од Косово и Метохија предводени од патријархот Арсениј Чарновиќ, се иселуваат на север од Сава и Дунав, а во запустените делови од Косово, Метохија и северозападна Македонија се доселува албанско население од планинските делови на Малесија. Претодната пак, 1688 г., францускиот крал Луј XIV завојувал против европската коалиција предводена од Светиот римски цар Леополд I, кој немал доволно војска за да војува на два фронта и во 1690 г. бил принуден да ги повлече војските од Балканот за да војуваат во Холандија и на Рајна, против Франција. Тогаш со проглас, тнр. Инвитаторија, од 6-ти април 1690 г., ги повикал балканските народи, (од Албанија, Сервија, Мизија, Бугарија, Силистра, Илирија, Македонија и Рашка), да се борат против Османлиите, додека тој војува во западна Европа. Во тие околности, Леополд I го ставил „македонскиот народ’’ под заштита на царската круна и тоа на барање од двајца жители од Македонија, едниот од Солун, другиот од Кожани, кои биле од „македонски род“, како што буквално пишува во неговото писмо, од 26-ти април 1690 г. Од ова писмо се гледа дека не може да има никаво двоумење за тоа дека станува збор за етнички Македонци, а не за некакви неопределени, „географски„ жители од некаква географска територија викана Македонија, како што некои го минимизираат овој податок.
Писмото во целост:
‘Со ова известуваме дека двајца Македонци, Марко Карида, роден во Косана (денес Кожани) и Димитриј Георги Поповиќ, роден во Македонски Солун, ни изложија колку македонскиот народ, поради почит кон нашето најправедно дело, а со ревност кон нашата служба, со сериозна намера е готов да премине, поради преголемиот турски јарем, под наша заштита, доколку му биде дадена нашата милост и сигурно покровителство. Поради тоа согласно со нашата вродена добрина, милостиво го прифаќаме и го примаме под наша царска и кралска заштита, љубезно препорачувајќи им, поединечно и на сите наши воени заповедници, да не го напаѓаат споменатиот македонски народ, ниту да му причинуваат непријатности, туку според силите, секогаш и во секоја околност, да го заштитуваат, бранат и да му помагаат за таа цел. Воопшто, да му овозможат нему сигурност и увереност за да запазат повеќе наши царски и кралски права и слободи. Исто така допуштаме, со претходно знаење и согласност на нашиот тамошен главен командант, да се собираат во одред и одделно да дејствуваат или да се поврзат со нашите, за да можат така да имаат сила да се борат против заедничкиот непријател. За таа цел тие ќе се пријавуваат кај споменатиот командант, па според неговите наредби, со божја помош, нека ги чуваат нашите краишта за општо добро. Секој според силите да не пропушти во секоја околност да соработува. Дадено во Виена на 26 април 1690 година‘.
Претходно, на 6 април 1690 година, Леополд I издал манифест, со кој ги повикал:
„сите народи кои по сета Албанија, Србија, Мизија, Бугарија, Силистрија, Илирија, Македонија, Расија живеат, да им се придружат на Австријците и против Турција на оружје да се дигнат“
На 31 мај 1690 година царот издал уште едно писмо, со кое ја проширил својата заштита на населението во Бугарија, Србија, Македонија и Албанија. Меѓутоа Македонија повторно останала длабока провинција на Османската Империја, па манифестот и заштитните писма на австрискиот цар не можеле да имаат некое позначајно дејство врз положбата на македонскиот народ.
Интервјуто е превземено од Нова Македонија:
„Триптих за македонскиот идентитет“ – доказ за самочувството на МакедонцитеОд Јасминка Павловска -14:10 29.02.2020
Писмото е преземено од книгата:
Проева Наде (2018), Триптих на македонскиот идентитет, Скопје
Comments
Post a Comment