За Македонците запишани во американските имиграциони тефтери (1900-1949)

Автор: Марко Бојаџиски

Оваа кратка студија се занимава со македонските имигранти во САД (USA), кои во американсите имиграциони статистики се запишале како Македонци - по раса или националност. Опфатен е статистички период од 1820 до 1952.

Иселувањето на македонскиот народ во прекуокеанските земји започнало кон крајот на XIX век и продолжило во текот на XX век, како дел од поголемиот бран нови миграции од земјите на јужна и на источна Европа. „Се смета дека првата група македонски печалбари пристигнала на северно-американскиот континент во 1885 година, а пак, во Австралија во дваесеттите години од минатиот век, поточно во 1924 година“ 2). Имено, на почетокот, македонската прекуокеанска емиграција била ориентирана кон САД и Канада, а по воведувањето на законот на квоти во САД во 1921 3), таа се пренасочува кон Австралија. Општо земено, иселувањето на Македонците во поголеми бранови се забележува по Илинденското востание (1903 година), а најинтензивно било иселувањето по Балканските војни (1912–1913).

И порано сум слушал за македонските имигранти во САД, кои себеси се запишувале како "Македонци" по раса. Но слабо се наоѓаат истражувања на оваа тема (или барем не се достапни онлајн). Исклучоци се една расправа на проф. Ирена Авировиќ 2), и една студија од Keith Brown 5).

При едно мое пребарување на онлајн документи за Македонскиот идентитет, наидов на старите имиграциони тефтери на САД. Имиграционите тефтери, се всушност бродски записи за патниците - доселеници, кои најчесто пристигнувале во Њујоршкото пристаниште, а се однесуваат на периодот 1820-1952. Тие денес се чуваат во институцијата National archives, а се достапни на широката публика во вид на микрофилм. Тие записи најчесто вклучуваат лични податоци за секој патник:
  • Име,
  • Националност,
  • Раса (етничка припадност),
  • Населено место на потекло (и земја на потекло),
  • Името на бродот и датумот на влез во САД,
  • Возраст, висина, старост, брачен статус,
  • Професија,
  • Адреса на престој во САД, Роднини во САД...
Освен пребарувањето низ илјадниците страници на микрофилм, во најчесто тешко читлив ракопис, едиствен начин да се пребарува по овие записи е преку страната ancestry.com. Оваа веб страна ги има индексирано податоците од имиграционите тефтери, ги организирал во датабаза, и за претплата, ви дозволува да ги пребарувате. 

За мене, најинтересен критериум за пребарување е "Race of people", што во слободен превод значи етничка припадност. Имено, уште во 1899 година Бирото за имиграција започнало да ги разликува имигрантите според расата, односно народноста, како и нацијата на која припаѓале, односно чии граѓани биле. Ваквиот начин на собирање податоци се спроведувал до 1931 година. Повеќето раси биле базирани на националното потекло и на јазикот 4).

Ако го внесете критериумот Macedonian (македонец), со едно стиснување на копчето Search, добивате резултат: 13.824 луѓе. Еве како се распоредени по година на пристигнување во Соединетите Амерички Држави:

Година: 1902 1903 1904 1905 1906 1907 1908 1909 1910 1911 1912 1913 1914 1915 1916 1917 1918
Македонци по раса 8 231 387 1263 2276 3004 228 1435 1582 552 1465 450 160 558 6 0 1
Година: 1919 1920 1921 1922 1923 1924 1925 1926 1927 1928 1929 1930 1931 1932 1933 1934 1935
Македонци по раса 24 23 8 40 4 3 4 10 8 4 12 16 18 4 0 5 1
Година: 1936 1937 1938 1939 1940 1941 1942 1943 1944 1945 1946 1947 1948 1949 1950
Македонци по раса 1 2 1 4 1 1 2 3 0 0 8 4 5 0 2

Вака изгледа еден бродски лист:


Не е изненадување дека дел од изјавите на патниците се подоцна редактирани, така се наоѓаат примери каде Македонец е прецртано, и додадено Србин, Бугарин..., или пак националност Македонија, е прецртано и додадено Турција (до 1913), Бугарија, и т.н.


 
Интересно е да се напоменат и бројките на декларирани по раса Бугари (82.034), Срби (18.207), Грци (1.036.189) и Албанци (14.748). Освен кај Грците, распоредот на пристигнати имигранти по години е сличен на Македонците; односно најголем дел од имигрантите пристигнале во периодот 1900-1918.

На пристаништето Ellis island, работеле преведувачи за имигрантите кои не умееле да комуницираат на англиски јазик. Во енциклопедијата за Елис Ајленд е дадена листа на јазиците за кои биле обезбедени преведувачи во 1911 година, а меѓу нив се наоѓа и македонскиот јазик. Од 36-те предвидени јазици од земјите од јужна и од источна Европа за македонски јазик, истата година евидентиран е еден преведувач (4) Moreno, Encyclopedia of Ellis Island, 145.)

Останати критериуми за пребарување на американски имигранти по потекло од Македонија се:
  1. Националност (Последна земја на престој), анг. Nationality (Country of last permanent residence). Во дел од датабазата Националноста се поистоветува со Државјанство
  2. Земја на потекло (Country of last residence). Имено, во гореспоменатиот дел од датабазата каде Националност=Државјанство, додадена е оваа колона за да се прецизира земјата на потекло. Оваа колона е додадена некаде во 1907 година.
  3. Место на последно живеалиште (потекло), анг. Last residence (Province, City, Town).
Ако пребаруваме „Македонија“, во колоната Националност, односно земја на последен престој (Residence), резултатот е 20.864 луѓе, распоредни по години:

Година: 1900 1901 1902 1903 1904 1905 1906 1907 1908 1909 1910 1911 1912 1913 1914 1915 1916
Националност: Македонија 10 7 125 605 186 462 1519 6935 373 2869 2929 874 2609 706 385 11 124
Година: 1917 1918 1919 1920 1921 1922 1923 1924 1925 1926 1927 1928 1929 1930-1947
Националност: Македонија 9 1 1 28 16 3 17 13 7 18 7 0 6 9

Интересна е оваа појава на запишување македонска националност, од македонските имигранти, знаејќи дека тогаш не постоела македонска држава. Затоа и често забележуваме редакциски корегирања, со прецртување на зборот Македонија и запишување на Турција, која е и фактичката националност за 1900-1913. За одбележување е замирањето на оваа појава после балканските војни (1912-1913), и следственото распарчување на Македонија. Од тогаш многу ретко се среќаваме со записот - националност Македонија, а таа е веќе заменета со Бугарија, Србија и Грција.

Арно ама, Македонците продолжиле да запишуваат дека потекнуваат од Македонија. Така, ако се пребарува поимот Македонија во колоната Потекло, односно Земја на последно живеалиште, резултатот е 21.658, распределени по години:

Година: 1900 1901 1902 1903 1904 1905 1906 1907 1908 1909 1910 1911 1912 1913 1914 1915 1916
Потекло: Македонија 11 7 4 14 42 76 351 3194 686 2999 3097 1139 3504 1150 832 168 383
Година: 1917 1918 1919 1920 1921 1922 1923 1924 1925 1926 1927 1928 1929 1930 1931 1932 1933
Потекло: Македонија 115 141 227 267 255 233 227 310 218 292 294 181 128 115 76 61 59
Година: 1934 1935 1936 1937 1938 1939 1940 1941 1942 1943 1944 1945 1946 1947 1948 1949
Потекло: Македонија 74 62 68 64 68 52 55 45 57 73 39 41 37 27 19 21

Доколку се спаруваат колоната Раса/етникум со колоните Националност и Земја на потекло, добиваме интересни податоци за етничката припадност на македонските доселеници:

Националност Раса / етникум
Македонија Бугари Македонци Грци Срби Турци Албанци Друго Н/А
20864 5541 4112 3243 630 790 208 6340
 
Потекло Раса / етникум
Македонија Бугари Македонци Грци Срби Турци Албанци Друго Н/А
21658 3407 3132 3535 14 547 198 10825

Би било многу интересно, кога би се направила подетална анализа според местото на последно живеалиште. Тоа е можеби и единствениот податок според кој би можело се определи вкупниот број на американски доселеници, кои потекнуваат од Македонија. И тоа посебно знаејќи дека голем број од доселениците се запишани како Турски, а после 1913, како Српски (Југословенски), Бугарски и Грчки државјани, и следствено не се опфатени со горната анализа. Една таква анализа би помогнало и да ги стандардизира имињата на запишаните населени места. Во моментов се среќава голема шареноликост во имињата (пр. Монастир за Битола, Флорина/Лерин), но и голем број на грешки од запишувачот (англицизирање на поимите и т.н.).

Заклучок

Старите американски досленички тефтери се одличен историски извор кој го потврдува постоењето на македонски идентитет (и македонско себепознавање) кај локалното население, во првата половина на 20-тиот век, посебно за периодот пред балканските војни (1912-1913).

Наводи:

1. https://www.ancestry.com/search/categories/40/
Начин на пребарување:
За Националност, се користи поимот (со наводници) "Macedonia" во полето - Lived in
За потеклно, се користи поимот "Macedonia" во полето - Birth
Повеќето од Македонците пристигнале во САД преку Њујоршкото пристаниште, и истите може да се пребаруваат по име и раса на сајтот на Ellis island Foundation.

Passenger Lists of Vessels Arriving at New York, New York, 1820-1897. Microfilm Publication M237, 675 rolls. NAI: 6256867. Records of the U.S. Customs Service, Record Group 36. National Archives at Washington, D.C.

Passenger and Crew Lists of Vessels Arriving at New York, New York, 1897-1957. Microfilm Publication T715, 8892 rolls. NAI: 300346. Records of the Immigration and Naturalization Service; National Archives at Washington, D.C.

Supplemental Manifests of Alien Passengers and Crew Members Who Arrived on Vessels at New York, New York, Who Were Inspected for Admission, and Related Index, compiled 1887-1952. Microfilm Publication A3461, 21 rolls. NAI: 3887372. RG 85, Records of the Immigration and Naturalization Service, 1787-2004; Records of the Immigration and Naturalization Service; National Archives, Washington, D.C.

Index to Alien Crewmen Who Were Discharged or Who Deserted at New York, New York, May 1917-Nov. 1957. Microfilm Publication A3417. NAI: 4497925. National Archives at Washington, D.C.

Passenger Lists, 1962-1972, and Crew Lists, 1943-1972, of Vessels Arriving at Oswego, New York. Microfilm Publication A3426. NAI: 4441521. National Archives at Washington, D.C.


2. Ирена АВИРОВИЌ: Регистрирањето на македоснките иселеници во САД (USA), во меѓувоениот период: Идентитетска расправа. Институт за национална историја, 2014, бр.1 (УДК 314.25-026.49 (73:=163.3) “1918/1944“)

3. Актот за квоти од 1921 година (Quota Act of 1921) е споведен со цел да се намали
масовната имиграција во САД. Овој акт е донесен привремено во 1921 година и
подразбира намалување на влезот на странци на годишно ниво.

4. Barry Moreno, Encyclopedia of Ellis Island (London, Westport, Connecticut: Greenwood Press, 2004), стр.168, 200

5. Keith Brown, „The’Yellow Peril‘ of the Caucasian Race: Macedonian Migrants and National Categories in early Twentieth Century U.S. Governmental Sources“

6. Галерија на бродски записници - микрофилм:




















Comments