Фељтон - Извадоци од книгата „Македонскиот преродбенски ХIX век“ на акад. Блаже Ристовски


Извор: ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата “Македонска енциклопедија”. Издавач на двотомното историско дело е “ТРИ”

1. Длабоки Македонски корени

Историски факт е дека бугарскиот кнез Борис ја зазел Македонија конечно дури во 864 година, цела година по заминувањето на солунските браќа со нивните ученици во Моравија (863), а пред тоа самиот Методија бил византиски военоначалник на Брегалничката област токму на границата со Бугарија и ја штител Византија имено од бугарските напади. Значи, никакво етногенетско, ни културно, ниту пак јазично и цивилизациско единство помеѓу Бугарија и Македонија во тоа време (ни како физички допир, ни како влијание) не можело да има. Се пишува дури и дека самиот Борис ја подготвил (тајно) мисијата на Браќата и дека јазикот на солунските Словени бил бугарски! Но минатата година и во Софија се јавија гласови што јавно проговорија дека Светите Кирил и Методија воопшто не биле Бугари, дека никогаш не стапнале на територијата на Бугарија, дека биле византиски дипломати и мисионери и дека ниту се создавачи на денешната кирилска азбука, ниту пак тоа го направиле врз основа на фонетиката на бугарскиот јазик

Денеска Македонците се третираат како словенски народ со словенски јазик, но, како и кај сите европски народи, во нивната етногенеза се инкорпорирани повеќе етнокултурни составки и влијанија од разни етноси и култури што во разните историски периоди живееле, доаѓале или поминувале на овие простори. Така, на пр., во нашата етногенеза се вклучуваат и античките Македонци, и Пајонците, и Илирите и Дарданците и други, но тие не го претставуваат основниот супстрат. Се смета дека во најголемиот процент денешното население во Македонија потекнува и преку сложени историски процеси се амалгамирало од Словените (главно од гранката на Славините) што веројатно почнуваат да се доселуваат во овие краишта во продолжителен период, главно од V до почетокот на VII век. Како пример за споредба за етноисториска диференцијација се соседните Бугари што се продукт главно на Траките, Хуните, “седумте словенски племиња” (главно од Антите) и еден скромен дел од туранско-монголското племе Бугари (Протобугари) што доаѓаат од Азија и во 681 година кај утоката на Дунав ја формираат првата бугарска држава на Балканот, во која се инкорпорираат и подоцна навлезените Татари.
И додека народот во Македонија се наоѓаше во границите на етнички конгломератната Византија и создаваше една главно македонско-словенско-византиска христијанска култура и цивилизација, во Бугарија (на просторот помеѓу Дунав и Стара Планина) Протобугарите градеа држава со паганска протобугарско-тракиско-словенска цивилизација што скоро цели два века се развива независно, без каков и да е допир со Македонија, дури и во речиси постојани непријателски односи со Византија што исклучуваат какви и да се меѓусебни врски. Во Бугарија зборот “христијанин” бил синоним за Византиец, па со тоа и со значење на непријател, додека во Македонија тој процес на христијанизација се извршувал значително порано, пред нејзиното завладување од Бугарија.

Следствено, никако не било можно, на пр., во времето на Кирил и Методија (IX век) Бугарија и Македонија да биле населени со еден народ и да имале еден (бугарски!) јазик. Историски факт е дека бугарскиот кнез Борис ја зазел Македонија конечно дури во 864 година, цела година по заминувањето на солунските браќа со нивните ученици во Моравија (863), а пред тоа самиот Методија бил византиски военоначалник на Брегалничката област токму на границата со Бугарија и ја штител Византија имено од бугарските напади. Значи, никакво етногенетско, ни културно, ниту пак јазично и цивилизациско единство помеѓу Бугарија и Македонија во тоа време (ни како физички допир, ни како влијание) не можело да има. Се пишува дури и дека самиот Борис ја подготвил (тајно) мисијата на браќата и дека јазикот на солунските Словени бил бугарски! Но во минатата година и во Софија се јавија гласови што јавно проговорија дека Светите Кирил и Методија воопшто не биле Бугари, дека никогаш не стапнале на територијата на Бугарија, дека биле византиски дипломати и мисионери и дека ниту се создавачи на денешната кирилска азбука, ниту пак тоа го направиле врз основа на фонетиката на бугарскиот јазик.

Веќе аргументирано е докажано дека делото на солунските Браќа во основата имало нагласен антибугарски карактер. Нивната мисија во Моравија има пред се политичко-дипломатски и стратешко-воен византиски и дури подоцна добива просветителско-словенски и верско-културен карактер. Таа мисија е резултат на византиско-моравскиот воен сојуз што бил насочен токму против тогаш склучениот франечко-бугарски воен сојуз што ја загрозувал државната безбедност и на Византија и на Моравија. Исто така, самите Кирил и Методија тргнуваат во Моравската мисија со писмото што е создадено врз основа на јазикот на Словените од Солунско, во Македонија, тие немаат стапнато на бугарска почва. Во Бугарија (главно од втората половина на ХIХ век) почнува да се создава претставата за Македонија како за “бугарска земја”. Така и говорот во Солунско во славистиката почнува да се третира како бугарски, па следствено така се маркира и делото на солунските Браќа. Исто така се пишува дека Климент Охридски потекнувал “од бугарските Словени”. Но тој во никој случај не можел да произлегува од Словените (Антите) во Бугарија, зашто тие во тоа време биле во други (и притоа непријателски) државни граници, ниту пак развивал своја дејност во самата Бугарија (ако се исклучи неговиот краток и статусно се уште недостатно јасен престој по доаѓањето од Моравија во бугарската престолнина и до заминувањето во Македонија). Притоа, Климент е веројатно хиротонисан за епископ од Римската црква, а од моравскиот архиепископ Методија бил поставен во епархијата во Македонија (“Илирикот”) што во тоа време беше во државните граници на Бугарија, но во поголемиот дел формално-правно сметан во диецезата на Рим. Според тоа, не беше и канонски не можеше ни да биде назначен за епископ во Кутмичевица од бугарскиот кнез, ниту пак хиротонисан од бугарскиот патријарх, кој во тоа време, впрочем, беше Грк, а во црквата и во државата го употребуваше грчкиот јазик со грчкото писмо и се наоѓаше во диецезата на Константинопол. Затоа и глаголскиот Охридски книжевен центар од IX век е појава во Македонија што радикално се разликува од Преславскиот книжевен центар во Бугарија. Независно од резултатите на некои понови истражувања, тој се развива главно по воведувањето на кирилицата како државно писмо – дури по соборот на кнезот Симеон во 893 година. Во тој склоп секако треба да се гледа и полемичкиот спис на Черноризец Храбар од тоа време, па затоа и не е чудно што Климент си го повлекува кај себеси во Охрид и братот Наум и контактира исклучиво само со бугарскиот кнез (на државно ниво), а не и со бугарскиот патријарх (како што канонски би требало да се очекува).

Целата теза за бугарскиот карактер на народот и јазикот во Македонија од средновековјето е изградена врз основа на бугарското обележје што се среќава во некои од пишаните текстови со послешна провениенција. Самиот Климент, како што пишуваше уште на почетокот на нашиов век видниот руски славист П. А. Лавров, во најстарите зачувани преписи не се именува “епископ бугарски”, туку “епископ словенски”, дека владението на стратегот Методија во Брегалничко во IX век не се викало “Бугарско Кнежевство”, ами “Словенско Кнежевство”. Исто така е укажувачко што и до денеска кај соседните Албанци за Македонците е зачувано именувањето “Шќаи” (Словени), макар и сега со поспецифична обоеност. Бугарското именување кај биографите на Св. Климента е резултат на подоцнешниот историски развиток, кога бугарското државно име се пренесува во Македонија, па официјално се употребува за византиската тема “Бугарија” што ја опфаќаше и сегашна Македонија, додека самата Бугарија беше именувана како тема Паристрион (Подунавје), поради што и долго време во пишаните извори бугарското име отсуствува за самите Бугари. Затоа и во титулата на Охридската архиепископија е зачувано и бугарското државно обележје, иако таа постоеше независно од бугарската Трновска патријаршија, како и од подоцнешната српска Пеќска патријаршија. Според тоа, треба ли од средновековните именувања да се извлекуваат современи заклучоци за етнокултурниот лик на народите? Треба ли денеска да се поставуваат прашања од типот: кои се, на пр., Французите, Англичаните, Холанѓаните, Украинците, Белорусите, Словаците, Словенците итн.? Во одговорите би се добиле мошне куриозни констатации, но тие воопшто не им пречат ни на тие народи, ниту пак на нивните Санктпетербургски соседи. Впрочем, кои се денешните Руси? Каква е нивната етнозенеза, од каде нивното име што се појавува како државно толку доцна во историјата и каков е етнокултурниот амалгам на современата руска нација? Но поставува ли некој денеска прашање воопшто за ентитетот на Русите? Секој народ си се развивал во сопствените историски околности, независно од повремените блискости или испреплетености со соседите. Современа етноисториска и етнокултурна Македонија, значи, има подлабоки корени.

2. Посебна и проширена држава Македонија

На седницата на Вториот комитет на рускиот цар Николај I, покрај другите, бил разгледан и Мемоарот на рускиот гроф М. Н. Булгари, кој предлагал градовите Варна и Бургас да влезат во Русија, Цариград да остане слободен град, а на Балканот да се создадат следниве држави: 1. Грција, со Килкидските Острови, Самос и Крит; 2. Северна Албанија, Македонија и дел од Тракија се до сливот на Марица; 3. Северна Србија и Босна да останат под протекторат на големите држави, и 4. обединети заедно Молдавија, Влахија и Бугарија да потпаднат под руски протекторат. Тоа значи дека и во овој предлог се смета со посебна и проширена држава Македонија, но не и со самостојност на Бугарија, Албанија и Романија. Од сиве овие планови и замисли станува очигледно дека во тоа време се уште се нема појасна претстава ни за денешните народи-нации, ни за нивните етнички граници на Балканот
Но македонското прашање како национално јавно се претстави на меѓународната сцена дури во 70-тите години на XIX век. Внатре, во границите на Турската империја, тоа навистина назреа, се развиваше континуирано и се изрази во јавноста уште од 40-тите години. Меѓутоа, поради петвековното турско владеење над христијанското население на Јужниот Балкан, Европа малку знаеше за различните народи и нивните етнокултурни граници на овој простор. Тие беа третирани (и внатре и надвор) главно како православни христијани. Треба да се има предвид дека се до 30-тите години на XIX век се уште не постоеше некаква претстава за етнографската карта на овој дел од Балканот. За Европа тоа беше турска земја и во неа живееше главно христијански народ. Дури со процесот на изделувањето на одделните периферни области од Турција и со создавањето на вазални или самостојни државички почнува да се вообличува и етнокултурната карта на православниот Балкан.

За да ја претставиме попластично свеста на тогашниот свет за нашиов етнокултурен простор, ќе наведеме само некои историски факти од периодот на Руско-турската војна во 1828-1829 година. Треба да се одбележи дека во руските воени планови воопшто не влегувало и едно тотално разгромување на Турската империја, ниту пак заземање на Цариград, бидејќи се претпоставувало дека тоа би било пресретнато со опасен отпор од страна на Англија и Франција. Русија имаше примарна цел да ги прошири своите граници во кавкаско-црноморскиот регион и да си обезбеди слободен премин за руските бродови, а со тоа и контрола на Дарданелите и Босфорот. Затоа руската политика не стимулираше и не помагаше самоволни, неконтролирани востанички акции на балканските народи. Па сепак, Русија правеше и детални планови за политичката судбина на областите и народите од Европска Турција по евентуалното распаѓање на султановото царство.

ПОСЕБНА И ПРОШИРЕНА ДРЖАВА МАКЕДОНИЈА

Така, на пр., на 4/16. IX 1829 година во С. Петербург се одржува важна седница на Вториот комитет на царот Николај I, на која преовладува мислењето дека зачувувањето на Турција “е покорисно отколку што им штети на вистинските интереси на Русија”, но сепак се разгледува и можноста за распаѓање на оваа империја, па се даваат предлози и се прават разни варијанти. Како основен предлог-документ се разгледува писмено формулираната опција на 9/31. III 1828 година од грофот Јоан Каподистрија, Грк на руска служба, едно време и државен секретар за надворешни работи, кој во тоа време (1828) беше претседател на новооснованото грчко Народно собрание, а по две години, кога Грција станува самостојна држава, е избран и за прв нејзин претседател. Предлогот на Каподистрија на состанокот на Вториот комитет го интерпретирал рускиот министер за надворешни работи Д. В. Дашков. Во него се предвидува по ликвидацијата на турското владеење на Балканот да се формираат пет нови држави, и тоа: 1. Дакија, што ќе ги опфати кнежевствата Молдавија и Влахија; 2. Србија, со присоединување кон неа на Босна и Бугарија; 3. Македонија, подразбирајќи ја под ова именување целата Румелија и граничните со неа острови; 4. Епир, заедно со Горна и Долна Албанија, и 5. областа на Елините или Грција, поставувајќи ги нејзините граници од реката Пенеј во Тесалија до градот Арта, вклучувајќи го и целиот Архипелаг. Сите овие држави се предвидувало да си имаат свои кнезови, додека Цариград да биде слободен град, каде што би се создал заеднички Сејм на оваа Балканска конфедерација со претставници од сите пет сојузни (независни) држави. На истата седница на овој царски таен комитет, покрај другите, бил разгледан и Мемоарот на рускиот гроф М. Н. Булгари, кој предлагал градовите Варна и Бургас да влезат во Русија, Цариград да остане слободен град, а на Балканот да се создадат следниве држави: 1. Грција, со Килкидските Острови, Самос и Крит; 2. Северна Албанија, Македонија и дел од Тракија се до сливот на Марица; 3. Северна Србија и Босна да останат под протекторат на големите држави, и 4. обединети заедно Молдавија, Влахија и Бугарија да потпаднат под руски протекторат. Тоа значи дека и во овој предлог се смета со посебна и проширена држава Македонија, но не и со самостојност на Бугарија, Албанија и Романија. Од сиве овие планови и замисли станува очигледно дека во тоа време се уште се нема појасна претстава ни за денешните народи-нации ни за нивните етнички граници на Балканот. Бугарија, на пр., воопшто не се замислува како посебна држава, туку во сите комбинации таа влегува заедно со други етнички области во други државни творби – во рамките на Србија, со Романија или директно во Русија. И не само за територијата, туку и за етничкиот состав и неговата распространетост се немало јасна претстава.

КАРАЏИЌ НЕКОИ КРАИШТА ОД МАКЕДОНИЈА ГИ ПРОГЛАСИ ЗА СРПСКИ

Така, на пр., во “Додатокот” на Вук Караџиќ од 1822 година македонските области од Пиринско со јазикот и народните песни беа маркирани како бугарски. Многу подоцна истиот тој Караџиќ некои краишта од Македонија ги прогласи за српски и најде “српски” јазик и “српски” песни во нив. Исто така во Русија дури во 1829 година излезе првиот том од книга од украинскиот медицинар Јуриј Венелин. Тоа беше првото поопфатно “запознавање” на Русите со Бугарите како словенски народ. А какви биле тие претстави на Венелин за Балканот може да се види и од неговата книшка “За зародишот на новата бугарска литература” што беше објавена во 1838 година. Авторот наведува дека во тоа време во Бугарија живееле 750.000 Бугари, во Тракија 600.000, на други места уште 195.000, а во Македонија – цел еден милион! Во таа негова голема Македонија ги сместува и градовите Карловци, Призрен, Копривштица, Калфер и други места расфрлани на Балканот. Толку стигнуваа тогашните познавања не само на Венелин (впрочем, и тој никогаш не беше стапнал во Македонија!). Во почетокот на XIX век се немаше претстава ни за грчкиот и српскиот етнокултурен простор. Така, на пр., дури и во времето кога се формира познатата “Филики етерија”, во 1814 година се собрале најистакнатите државници од Европа на Виенскиот конгрес, па грчките национални дејци отпечатиле обраќање и упатиле молб постави а да се на разгледување и прашањето за ослободување на нивната татковина. Како репрезенти на Грците во Виена се појавиле угледните кнезови на руска служба Јоан Каподистрија и Александар Ипсиланти, но не само што нивното барање не било ни поставено на разгледување, туку и лично домаќинот, австрискиот министер за надворешни работи, кнезот Клеменс Метерних јасно им рекол дека “не постои грчки народ и дека во турската држава не се признаваат други народности освен турската”. Ако не се признавало постоењето на Грците како народ, како ентитет воопшто, како можело да се има некаква претстава за етничките граници на другите! Но не беше поинаква ситуацијата со претставата за етничката територија на Грците и подоцна, во времето на формирањето на современата грчка држава. Самиот прв претседател на самостојна Грција Јоан Каподистрија, не само што Македонија, Тракија и Епир воопшто не ги вклучил во границите на новата држава, туку предлагал островот Кипар да и се даде на Франција, Кандија на Англија, а
Родос на Русите. Според него, грчката државна, а тоа значи и етничката граница стигнувала до реката Пенеј во Тесалија и до Артскиот Залив со островите од Архипелагот. Дури во 1831 година, по поттик и поддршка од Русија, Каподистрија ја поместува северната грчка граница до Пинд и Олимп. Следствено, до тоа време, независно од митологијата за обновување на Ромејската (Византиската) Империја, современа Грција немала претензии посеверно од овие планини.


3. Сѐ што е под Дунав и Стара Планина е територија на Македонија

Истиот однос Европа го имаше и кон Србите. Благодарејќи на дејноста на Српската православна црква во Австрија, се прават напори да се омеѓат и етничките граници на "Србите" не само во Австрија, туку и во Турција. Благодарејќи на периферната положба и особениот интерес на Австрија и Русија, беше подготвено Првото српско востание на Караѓорѓе и беше создадена првата современа српска држава, но претставата за нејзините етнички граници речиси не се протегаа надвор од Белградскиот пашалак. Дури со тоа востание се разви митологијата за Душановото Царство и за Косовската битка што создаде епопеја во народната традиција и преднацрта визија за српските територијални претензии, богато илустрирана и во тогаш создаваното народно творештво презентирано особено од Вук Караџиќ. Тоа се рефлектираше и во историската свест на српскиот народ што потоа го оптоваруваше не само XIX, туку и целиот XX век. Факторот што во условите на шеријатска Турција можеше да ги сугерира граничните линии на одделните етноси, покрај верата, беше пред се јазикот. Но тој можеше да биде релевантен само во однос на несловенските јазици. Најсложена за означување беше етничката граница помеѓу самите словенски етноси, јазици и култури на Балканот. Особено што насекаде има појаси од пошироки лимитрофни подрачја. Во почетокот на XIX век немаат претстава за балканската етничка карта ни мошне истакнати имиња од науката. Вук Караџиќ, на пр., дури во 1822 год. му го откри на светот "бугарскиот јазик" преку македонските трговци од Разлог во Виена.

МАКЕДОНИЈА ЛУЛКА НА КИРИЛ И МЕТОДИЈА

Тогаш рускиот славист П. И. Кепен му обрнува внимание на Вука дека Бугаринот Д. Мустаков му кажал оти разлошкото наречје е од "српската граница", а самиот Караџиќ му одговара дека не знае каде е тоа место, но дека "поскоро ќе биде во Македонија, отколку од српската граница". За да се разјасни прашањето, на 22. IV 1826 год. Кепен го препорачува Караџиќа пред Руската академија на науките да биде помогнат за да направи истражувања на самото место "зад Дунав", бидејќи "бугарскиот јазик се уште малку ни е познат, а словенскиот дијалект што се користи во Македонија, таа лулка на словенските првоучители Кирил и Методија, и во словенските црковни книги, сосем ни е непознат..." Истражувањето на јазикот на јужните Словени - продолжува Кепен - бездруго бара истражување на јазикот на заддунавските Власи (македонските Власи што се нарекуваат Куцовласи) и јазикот на Албанците, за кои досега толку малку знаеме што некои го вклучуваат во словенското наречје, додека други, со поголема основаност, албанскиот или арнаутскиот јазик го сметаат самостоен, древен, европски". Следствено, не само што В. Караџиќ не прави разлика помеѓу македонскиот и бугарскиот, туку тој и за кирило-методиевскиот јазик вели дека бил "српски или бугарски", а за албанскиот не постоеле ни елементарни информации.
Значи, и православна Русија, независно од старите врски со балканските Словени и православци, немала јасна претстава за етничката карта на Балканот. Вистина, уште во половината на XVIII век Екатерина II од бегалците од Турција создала посебни етнички полкови на Србите, Македонците, Бугарите, Грците и Власите, па во регистрационите книги е фиксирана и нивната народност (за бегалците од Македонија точно е означено дека се декларирале оти се "из македонскои нациеи"). Во времето на Руско-турската војна во 1811 год. било дозволено да се формира и посебна Бугарска земска војска во рамките на руската армија. Сепак, Русија уште немала точна претстава не само за Бугарија и за етничките граници на Бугарите, туку ни за другите денешни народи на Балканот. Токму во времето на етеристичкото движење аѓутантот на главниот командант на руската армија П. И. Пестел предложил проект за државното уредување на европските владенија на Турција во кој предвидува создавање федеративни кнежевства од следниве области: Влахија, Бугарија, Романија (Румелија), Србија, Босна, Албанија, Ливадија, Мореја, Тесалија и Македонија.

Во почетокот на XIX век поголемо значење имале историските традиции и зачуваните имиња на некогашните држави на балканскиот простор, отколку етнокултурните реалности на овдешните народи. Затоа се доградуваат митовите за античката Македонија или за древната Елада, особено за Византија, како и за средновековните привремени царства и кралства на Бугарија, Србија и Дакија и се проучуваат картите со границите на античките и средновековните држави.

МАКЕДОНЈАНЦИ

Така се гради и свеста на населението од тие територии и се зборува за Бугари само на просторот помеѓу Дунав и Стара Планина, за Срби главно во Белградскиот пашалак и во австриска Војводина (под јурисдикција на Карловачката српска православна црква), додека за Македонци на територијата на цела "Румелија" што ги растега границите од Шар Планина, па се до реката Марица и од Солун до Ниш, Софија и Стара Планина. Тоа го потврдуваат и трите мошне значајни документи од август 1829 година напишани од Трифон Неделјович Давидски од "Филипо Поле" (денешен Пловдив) упатени до руската воена команда што напредувала преку Бугарија кон Цариград: неговата долга акростихувана "Песна македонска", прокламацијата "За верата Христова и за верноста на нашата татковина" и меморандумот "Молба и желба" до главниот командант на Руската армија. Тие претставуваат автентичен израз на народот од "праотеческата земја Македонија" и одраз на патриотскиот стремеж на "христијанскиот род што живее во Македонија" и го носи името Македонјанци. Давидски нагласува дека Бугарите живеат на просторот помеѓу Дунав и Стара Планина, а се што е подолу е територија на Македонија и е населено со Македонци.

Благодарејќи на интересите на големите сили, а пред се на "покровителката на православјето" Русија, најрано почнаа да се издвојуваат од Турција народите што беа на периферијата на Империјата. Во 1804 год. (не без поттикот и помошта однадвор) беше кренато востанието на Караѓорѓе Петровиќ во Србија, а потоа (1815) и она на Милош Обреновиќ. Во 1821 год. избувна етеристичкото востание на Грците - најпрвин на островите и во грчките колонии во денешна Романија, а потоа и во самата Грција. По Руско-турската војна со мирот од 1829 година дојде до признанието на државниот статус и на вазална Србија и на новиот меѓународен субјект Грција. По Кримската руско-турска војна, во 1859-1862 година беше извојувана полната слобода и обединувањето на романските кнежевства со истакнување и на обединителното денешно име на државата Романија.

Во тие околности Бугарија и Македонија, словенски и православни земји, како етнокултурни целини, останаа единствени заеднички да ја делат судбината во Европска Турција. Тие беа веќе во иста позиција и спрема Турција и спрема Цариградската патријаршија. Нив ги сврзуваа истите интереси и цели и стоеја пред истите задачи. Дотогашната традиционална црковно-словенска писменост на Балканот, заедно со природните допири во историјата, создаваше претпоставки за заеднички настап. Блискоста на јазикот само ја олеснуваше таа привремена кохезија на стремежите. Она што се случуваше во другите словенски земји не остануваше непознато за Словените во Турција.

4. Од бога било пишано Македонија да страда од грците

Во 1844 год. се појавува преводот на книгата за Александар Македонски што имаше широк прием токму во Македонија. Уште веднаш македонското име стана синоним на слава и гордост. Усните преданија и легенди за Филипа и Александра Македонски, заедно со оние за царот Самуил и кралевите Волкашин и Марко, најдоа поткрепа во печатената реч и поддршка од свештениците и учителите. Дека тие “вистини” веќе “сите” во Македонија ги знаеле сведочи уште В. И. Григорович. По патувањето во 1844-1845 година по Македонија тој соопштува: “Во всех виденних странах не слехал других имен, кроме Александра В. и Марко-кралјевича…”
Затоа не е чудно што и кривопаланечкиот учител Ѓорѓија Маќедонски во 1846 год. изјавува: “Словенското писмо го научив од татка ми, Димитрија Маќедонски, кај што така се вика, зашто сме Маќедонци, а не Грци… И јас прекарот си го зедов Маќедонски, а не по татко ми и по дедо ми, за да се знае оти сме Словени од Маќедонија”. Слична е изјавата и на јерејот Димитрија од истиот крај во Македонија од 1848 година: “За моето назначување најмногу се заложи г-н Михаил Македонски, зашто сум роден Македонец и службата си ја терам по словенски. Од бога било пишано, моето отечество Македонија да страда од Грците, па тие не ни даваат и денеска мир, иако сите знаат дека Македонија била постара држава и од нивното царство…”.

ОВАА ЗЕМЈА Е МАКЕДОНИЈА

Се во истото време и учителот во Кукуш, Д. Миладинов, како што сведочи Рајко Жинзифов, спорел со Гркот за посебноста на македонската народност. И токму поради таквата заинтересираност, и во зборникот на Миладиновци како прво од објавените преданија го наоѓаме она за Александар Македонски.

Истото тоа го одразува и македонскиот дописник на “Цариградски весник” (3. III 1860) кога пишува: “Оваа земја е Македонија – и ако ја погледнеме природата, наравите, обичаите, карактерот на жителите, нивниот став, нивната физиономија, исцело ќе ги препознаеме истите оние мажи што во старо време ги составувале фалангите на Александра Македонски”. Затоа и учителот од Охрид што бил назначен од Општината во Солун (на местото на дотогашниот бугарски учител) гордо изјавува: “Јас не сум ни Бугарин, ни Грк, ни Цинцарин; јас сум чист Македонец, какви што биле Филип и Александар Македонски и Аристотел филозофот”. Си во тоа време (16. II 1865) и Венијамин Мачуковски бара за Стефан Верковиќ “приказни за Бела и песни за Александра и Филипа” и спори со Гркот за припадноста на Македонија врз основа на монетите од Александра (19. VIII 1865). И бугарскиот национален деец и писател П. Р. Славејков уште во 50-тите години слушал “од македонистите дека тие не биле Бугари, туку Македонци, потомци на древните Македонци” и дека тие “упорствуваат во своето македонско потекло”.

ТИЕ СЕ ЦЕЛИ МАКЕДОНЦИ…

“Најпосле – ја започнува статијата Славејков – Македонското прашање излезе најаве и се покажа во печатот. Ние велиме најпосле, зашто ова прашање не е нова работа. Ние сме го слушале уште од пред десетина години од некои од Македонија. Отпрвин ги зедовме зборовите на овие млади патриоти како шега и како резултат на подигнатата температура на нашите нетолку сериозни расправии. Така и си мислевме ние до пред една-две години, кога нови разговори со некои Македонци ни покажаа дека не се во прашање само голи зборови, туку мисла што мнозина скаат да ја спроведат во живот”. Својата етногенеза тие ја темелеле непосредно од античките Македонци:
“Кога старите Македонци живееле на истите овие места, – велеле – зошто и денешните жители да не се од македонска крв? Тие се цели Македонци… “.

Одговорајќи му на Славејкова, младиот македонски учител и учебникар Д. В. Македонски меѓу другото го потсетува:
“Македонците не се изгубиле од лицето на земјата, како што си дозволуваат некои да велат, зашто, колку што знаеме ние, тие не згрешиле некогаш, па да зине земјата и да ги голтне”.
Таква беше свеста на нашиот писмен свет во половината на XIX век. Тие спореа со Грците за народноста и припадноста на античките Македонци. Но во тој судир со елинизмот, изразен пред се во борбата против грчките цркви и училишта, се појави во Македонија словенската и православна Русија со својот словенизам, но со “словенобугарско” озвучување – според идеологијата на Ј. Венелин. И кога во училиштата почнуваат да се појавуваат бугарски учебници и учители и македонското граѓанство првпат дојде во жив допир со бугарската книга и бугарскиот јазик, се констатира не само различност, туку и туѓост. Дури и кога преку авторитетот на руската наука и политика го прифаќаа бугарското обележје, Македонците се спротивставија со истакнување на својата посебност и Бугарите ги таксираа како Шопи. Не можејќи да го користат како етноним само словенското име, бидејќи се покажа етнички недиференцирано, Македонците го прифатија името на својата татковина што имаше континуирана традиција и беше поврзано со славно минато, а за да се разграничат и од Грците што со помош на европската наука претендираа за македонското античко име и наследство, тие настапија со комбинираниот и достатно диференциран поим “словеномакедонизам” (по примерот на веќе практикуваниот “славеносрбизам” и “славаноблгаризам”) што често го идентификуваа со поимот “нашизам”.

Така во нашата историја кај исти или кај различни личности од тој период се среќаваат разни и често сосем спротивставени декларации за народносната припадност. За да се сфатат поблиску овие процеси, ќе укажеме на паралелизмот на некои клучни пројави и настани првенствено во словенскиот свет. На пр., учените Словаци Јозеф Шафарик и Јан Колар станаа активни борци за создавање “чехословачки” јазик на “чехословачки” народ. Акцијата на Људевит Штур за сепарирање на словачкиот како одделен литературен јазик уште во истата 1846 год. предизвика решителна реакција. Да потсетиме дека токму во тоа време струшкиот грчки учител Димитрија Миладинов, по сугестија на младиот руски славист В. И. Григорович, направи прв обид за граматичка кодификација на македонскиот јазик, кога и словенечкиот поет Франце Прешерн како да се откажа од официјалниот германски јазик и во револуционерната 1848 год. веќе го создаде својот “Сонетен венец”, а токму тогаш и црногорскиот владика и владетел П. П. Његош го објави својот драмски спев “Горски вијенац”, додека во Прага беше одржан широко и шумно прокламираниот Прв словенски конгрес, а и во Виена беше отворена првата славистичка катедра под раководство на познатиот славист Фр. Миклошич. Само две години подоцна, во 1850 год. во Виена беше потпишана српско-хрватската спогодба за заеднички литературен јазик на Србите и Хрватите.

5. Прличев ги поврза Кирил и Методиј со Филип и Александар Македонски

Кримската војна и даде уште посилен гласок на словенската идеја на Балканот и веќе во 1857 год. рускиот воспитаник Партенија Зографски ги објави не само првите студии за македонскиот јазик, туку и со конкретен предлог ја прокламира идејата за заеднички литературен јазик на Македонците и Бугарите, но со настојување во основата да бидат сепак западномакедонските говори. Неговите учебници за македонските училишта беа пречекани со восхит во Македонија и со остри реакции од бугарските преродбенски кругови. Практичен пример за неговиот предлаган јазик претставува првиот учебник, а уште во следната година го објави поправениот и дополнет буквар на Анатолија Зографски (Солун, 1838) под наслов “Началное учение за дицата, напечатено от Архимандрита Партениа Зографскаго”. Истовремено тој ја објави и првата филолошка обработка на македонскиот јазик и го образложи својот компромисен предлог за заедничкиот јазик.

“Нашиот јазик, – вели Зографски – како што е познато, се делит на две главни наречја, от които едното се говорит во Болгарија и Тракија, а пак другото во Македонија”. Истакнувајќи ја цело време дистинкцијата ние и вие, Партенија подготвил и граматика на овој јазик, укажувајќи дека за литературен јазик на Македонците и Бугарите како основа треба да се земе наречјето од “југозападните страни на Македонија”.

УЧЕБНИЦИ НА ПАРТЕНИЈ

Двата учебника на архимандритот Партенија брзо беа растурени по Македонија и се појави потребата за нови изданија и други учебници и книги. Со залагање на самиот П. Зографски и неговите сомисленици од Солун и од Света Гора, беше направен обид во грчката солунска печатница на Киријак Држилович да се донесат кирилски букви “за да се печатат книги на македонскиј јазик за овдешните жители”, но печатарот беше наклеветен од Грците и печатницата му беше затворена.

Токму во тоа време во Русија македонските студенти Константин Миладинов и Рајко Жинзифов, минувајќи преку Бугарското настојателство во Одеса и добивајќи ја материјалната издршка од Словенскиот комитет во Москва, беа регистрирани и третирани како Бугари од Македонија, но и едниот и другиот пројавија голема енергија за афирмација на македонскиот јазик во литературното творештво. Нивните стихови, пишувани “на македонското наречје”, но во духот на концепцијата на нивниот добротвор П. Зографски, заедно со стиховите и другите творби на нивните повозрасни сонародници Константин и Андреја Петкович, ги поставија почетоците на современата македонска уметничка поетска реч. Не помалку е значајно што токму во тоа време (1858) во Москва излезе и посебното издание “Православни црковни братства…” во превод на К. Миладинов. Овој превод, како впрочем и поетските преводи на К. Петкович и Р. Жинзифов од руски, украински и чешки, ја покажа способноста за пренесување на македонски на суптилниот руски јазик на една стручна расправа од Јоан Флеров со целата специфична термнологија и апстрактна лексика што обично ја нема во народните говори. Тоа беше веќе еден наддијалектен јазик и сугерираше една посебна, македонска правописна норма. Притоа дошле до израз и способностите на еден воспитаник на Атинскиот и на Московскиот универзитет што имаше веќе солидна филолошка подготовка.

МИЛАДИНОВ ЗА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА

Тоа се потврдува и со стручниот труд за Охридската архиепископија што К. Миладинов го објави во “Братски труд” и уште појасно во предговорот и коментарите во зборникот “Блгарски народни песни” (Загреб, 1861). Самиов зборник направи антологиско претставување на македонската народна песна пред европската јавност и имаше широка рецепција во светот во тоа време, особено по трагичниот крај на браќата Миладиновци. Иако уште В. Караџиќ објави народни песни од Македонија, а една година пред Миладиновци во Белград Ст. Верковиќ напечати и цел зборник, сепак дури со зборникот на Миладиновци македонскиот јазик и македонското усно народно творештво станаа привлечен предмет за европската славистика и фолклористика.
Точно е дека и Петкович, и Миладиновци и Жинзифов во тој период се послужија и со бугарското народносно маркирање, но треба да се има предвид дека само малку пред тоа не само што истите браќа Димитрија и Константин Миладиновци беа грчки учители, туку се до средбата со В. Григорович и врските со руските словенофили, тие беа и големи елинофили. Истото тоа се однесува и за Р. Жинзифов, кој не само што и самиот се викаше Ксенофон и беше грчки учител, туку и татко му Јоан Ѕинѕиф си умре како грчки учител и по чувство гркофил. Тоа уште повеќе се однесува за охридскиот “Втор Хомер” Григор Прличев. Тој не само што беше голем елинофил, туку како поет ги доживеа и најголемите успеси и почести среде Атина. Дури по смртта на Миладиновци, по обидите да пишува на македонски и на “општословенски”, се потруди да стане Бугарин и почна упорно да го учи бугарскот јазик, но без да го донаучи – пред крајот на животот се сврте кон античка Македонија и гласно ги поврза браќата Кирил и Методија со Филипа и Александра Македонски. Науката треба само да ги констатира фактите, а историјата да им го даде заслуженото место на овие труженици во националните истории, каде што дале принос или биле во некаква функција. Но, сосем разбирливо, тие ќе си останат и во матичната македонска историја, зашто биле не само синови, туку и изразители и учители на сопствениот македонски народ, независно од користениот јазик и разновидната народносна маркираност во разните историски периоди. “Повеќедомноста” не е привилегија само за Македонците. Во шеријатскиот систем на Турција клучно беше прашањето за црквата, бидејќи тоа право не признава националности, туку само вери. Од друга страна, само оној народ што има своја призната црква може да има и училиште, па следствено и јазик, литература и култура. Затоа и Македонците правеа толку напори за обновување на Охридската архиепископија. Кога тие барања упорно им беа одбивани, Македонците од Јужна Македонија (со центар во градот Кукуш) во 1858-1859 година ја отфрлија Цариградската (грцизирана) патријаршија и направија унија со Рим, под услов да им се признае посебна црковна самоуправна хиерархија што ќе го води духовно просветниот живот во Македонија, при што да си го задржат словенскиот јазик во црквата и народниот во училиштата, зачувувајќи го православниот обред со одеждите на свештенството и само спомнувајќи го во службата папата, наместо патријархот. Меѓутоа, Патријаршијата, со посредство и на руската дипломатија, успеа да ја разбие унијата, но, по барање на кукушаните, таа мораше да го назначи токму рускиот воспитаник Партенија Зографски за прв владика Македонец во Дојранско-кукушката епархија. Иако формално ова движење имаше црковен карактер, всушност се работеше за прво масовно национално раздвижување што ги постави основите и на првата македонска (рудиментарна) национална програма.

6. И Македонциве се народ и местово нивно е Македонија

Поради продорот на бугарската книга и бугарскиот јазик во училиштата, во Македонија се појавува отпор што се изрази со барање за печатење учебници на македонски јазик. Во 1867 год. се појави првиот учебник на Димитар В. Македонски и Димитар Хр. Узунов, а уште во следната 1868 година беа отпечатени серијата учебници на македонски јазик на Кузман Шапкарев. Согледувајќи го ефектот на отпорот против бугарскиот јазик и стремежот на Македонците за афирмирање на сопствениот јазик во образованието, Бугарското читалиште во Цариград во 1869 година формирало посебна комисија што да ги преведе бугарските учебници на “македонското наречје” и така да се пенетрира бугарската национална идеја во оваа турска провинција. Меѓутоа, само по неколку месеци султанот го потпиша ферманот за основање на Бугарската егзархија и бугарскиот јазик веќе можеше легално да се воведува во сите црковни општини, што ја прифатија новата словенска православна црква во Турција. Со тоа истовремено беа осуетени и натамошните борби на македонскиот народ за обновување на Охридската архиепископија како православна национална црква, бидејќи султанот не можеше да дозволи две посебни словенски православни цркви во своите граници. Но сето тоа не ги угасна надежите на народот за сопствена културно-национална афирмација.

НЕ СМЕ БУГАРИ
Почнуваат и јавно да се поставуваат приговорите дека “друго било Бугарин и бугарски јазик, а друго Македонец и македонски јазик” и отворено да се реагира: “Ние сме Македонци, не сме Бугари”. И кога барањата станаа јавни, се виде принуден и самиот П. Р. Славејков на 18 јануари 1871 год. отворено да настапи со статијата под јасен наслов “Македонското прашање”, во која признава дека “уште пред десетина години од некои Македонци” ја слушал таа идеологија што сега веќе прераснала во “мисла што мнозина сакаат да ја спроведат во живот”. Тој “многу пати” слушал од овие идеолози дека Македонците не се Бугари и дека тие отворено му изјавувале: “Се откинавме од Грците, под други ли да паднеме?”.

Во Македонија постоеше изразита жед за учебници на македонски јазик. Во 1872 год. кукушкиот учител Венијамин Мачуковски најави дека има подготвено граматика на “македонското наречје” и бара претплатници за објавување. Тоа предизвика најжестока фронтална реакција во бугарскиот печат во Цариград и Букурешт, бидејќи ќе значеше кодификација на еден посебен литературен стандард. Таа полемика уште повеќе го засили македонското национално движење. Во моментот кога се пренесуваат слухови за спогодба на Бугарската егзархија со Патријаршијата за сметка на македонските епархии, шест големи македонски епархии, по пропаѓањето на обидот да ги извојуваат своите права преку протестантизмот, одново го подигнуваат прашањето за унија со Римската црква и се поведуваат разговори за вклучување на цела Македонија во ова национално-политичко движење. Оценувајќи дека Егзархијата конечно ги губи македонските епархии, бугарскиот егзарх, пак со помошта и на руската дипломатија, во почетокот на 1874 год. го испраќа П. Р. Славејков во Солун со специјална тајна мисија да ја неутрализира унијата во Македонија. Неговите писма до егзархот уште еднаш даваат точна претстава не само за силината и карактерот на ова општонародно движење, туку и за степенот на порастот на македонската национална свест и основите на формулирањето на македонската националноослободителна програма. Според сознанијата на Славејков, на чело на движењето стоел руско-српскиот воспитаник Димитар Попгеоргиев Беровски, кој токму тогаш ги правеше подготовките за кревање на првото организирано масовно народно востание во XIX век. Барањата веќе беа прецизирани: македонскиот народ е посебен од бугарскиот, македонскиот јазик не е бугарски, Македонците треба да имаат своја црковна хиерархија и сопствена национална просвета.

МАКЕДОНСКИЈОТ ЈАЗИК ЈЕ СТАРОСЛАВЈАНСКИ

И овојпат обединетите акции на православните Руси, Бугари и Грци привремено ја неутрализираа унијата, но уште во 1875 год. Ѓорѓија М. Пулевски во Белград го објави својот (втор) “Речник од три језика с.(лавјанско)македонски, арбански и турски”, каде што ги изложи и контурите на македонската национална програма: “Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме с.(лавјано)Македонци, бидејќи “и Македонциве се народ и местово нивно е Македонија”, а “македонскијот јазик је најсроден со црковно-славјанските книги и тој је старославјански”.

Во 1876 година избувна Српско-турската војна. Македонската национална програма веќе беше конципирана и проверена во народното движење. Како резултат на тоа се крена и првото националноослободително македонско востание – Разловечкото. Тоа беше синхронизирано со Босанско-херцеговското и со Априлското бугарско востание, но си имаше своја програма и сопствени цели. Источната криза дојде по Цариградската амбасадорска конференција (1876-1877) што го разгледуваше и предлогот за една посебна биполарна држава Бугарија, составена од две автономни области со посебни престолнички центри – Трново за Бугарија и Софија за Македонија – по угледот на тогаш скоро востановената дуалистичка монархија Австро-Унгарија (1867). Тоа беше и првиот меѓународен форум што непосредно ја тангираше судбината на Македонија и Македонците како субјект.

Како продолжение на Источната криза избувна и Руско-турската војна (1877-78). Таа заврши со Санстефанскиот прелиминарен договор што предвидуваше да ги вклучи сите епархии на Бугарската егзархија во една голема Бугарија на Балканот. Од Македонците тој беше сфатен како реализација на заклучоците на Цариградската конференција за создавање биполарна држава и затоа мечтаеја за “кралевина македонска”.

Бидејќи предизвика голема реакција и во соседството и кај големите сили, прелиминарниот договор беше ревидиран со Берлинскиот договор (1878), кога беше создадено вазалното Кнежевство Бугарија, беше дадена автономија на Источна Румелија, а Македонија и беше вратена на Турција со магливи ветувања за автономија. Меѓутоа, соседите со сите сили и средства ја спречуваа таа автономија, а Турција мошне успешно ја одлагаше преземената обврска. Но тој недоволно конкретизиран чл. 23 со меѓународно ветената автономија, иако изречно не ја ни спомнуваше Македонија, стана програмска надеж што се рефлектира во сите натамошни акции на Македонците во ослободителната борба.


7. Слобода или Смрт!

“Нашата цел на Македонското востание не е никаква тајна, таа е ослободувањето на Македонија, таа земја на славните словенски просветители и учители св. Кирил и Методија, која со векови страда под турското ропство. Затоа секој што не се бори за нејзиното ослободување, туку си прави своја сметка, за него нема место во востанието.”
Во Правилата точно е деклариран и односот кон Бугарското Кнежевство. Во членовите 186 и 187 се вели: “Македонскиот востанички комитет ќе ја извести и владата на Кнежевството Бугарија дека Македонците не ќе имаат друго мешање со Кнежевството освен братска помош од тие словенски наши браќа. Македонскиот востанички комитет ќе се претставува од наши делегати, а Кнежевството при Комитетот може да испрати свои делегати.”
Незадоволни од берлинските решенија, Македонците брзо реагираа со едно широко поставено Кресненско македонско востание (1878-1879). На чело на движењето пак застана Д. Попгеоргиев Беровски, бидејќи неговите востанички сили уште од 1876 година беа мобилни и учествуваа во создавањето слободна територија во Источна Македонија во Руско-турската војна. Нему му се приклучија и скоро сите војводи од војната со своите чети, а им пристапија и голем број доброволци од Македонија и од емиграцијата во Романија, Србија, Грција и Бугарија. Платформата на востанието е видлива уште од преамбулата на Правилата на Македонскиот востанички комитет од 1878 год., каде што се “озаконува”:
“Познато ни е на сите нас дека злосреќната наша земја Македонија поради причини на егоистични цели од страна на големите сили е оставена пак во Турција по Берлинскиот конгрес. Како резултат на тоа дојде во одделните области на нашата татковина до многу крвави сцени познати на секого.

Со желба да го отфрлиме од нашата татковина турскиот јарем, секој од нас, кој колку што може, станавме да се жртвуваме, бидејќи од секого од нас е нужна помош. Ние востанавме како поборници на слободата. Со нашата крв што ја пролеваме низ полињата и горите Македонски ние служиме како Македонска војска на Александра Македонски за слободата, со нашата девиза: “Слобода или смрт!”.
“За Целта на востанието во Македонија” Правилата јасно сведочат:
“1. Востанието во Македонија, кое сега е локално, треба да се прошири низ цела Македонија.
2. Во востанието учествуваат луѓе од самата Македонија, кои се чувствуваат Македонци и ја сакаат слободата на својата татковина.
3. Во востанието можат да учествуваат и сите македонски жители, без разлика на верата и народноста, доста е да ја сакаат слободата.

9. Нашата цел на Македонското востание не е никаква тајна, таа е ослободувањето на Македонија, таа земја на славните словенски просветители и учители св. Кирил и Методија, која со векови страда под турското ропство. Затоа секој што не се бори за нејзиното ослободување, туку си прави своја сметка, за него нема место во востанието.”

Во Правилата точно е деклариран и односот кон Бугарското Кнежевство. Во членовите 186 и 187 се вели: “Македонскиот востанички комитет ќе ја извести и владата на Кнежевството Бугарија дека Македонците не ќе имаат друго мешање со Кнежевството освен братска помош од тие словенски наши браќа. Македонскиот востанички комитет ќе се претставува од наши делегати, а Кнежевството при Комитетот може да испрати свои делегати.”

Исто така, со чл. 200 и 201 е прецизно кодификуван и односот кон Бугарската егзархија: “Светата Бугарска егзархија на чело со Неговото Блаженство води политика повеќе од чудна, бидејќи под претекст дека се грижи за Македонците, кои остануваат под непосредната власт на Турците, одржува тесни врски со турската влада во Цариград и има големо пријателство со неа, така што преку таа влада, си мисли, откако ќе им угоди на Турците, ќе спечали да има влијание пред нив, за да испраќа духовни началници (владици) во Македонија што ќе го заштитуваат македонското население од потисниците. Тешко на Македонија. Македонскиот востанички комитет не ја одобрува таквата калпава политика, којашто ги разбива сосредоточените народни сили – и ги врзува рацете на Македонија за ослободувањето. Македонскиот востанички комитет ги поканува свештениците во Македонија да не ги исполнуваат егзархиските наредби во земјата и да се присоединуваат кон востанатиот македонски народ до ослободувањето, а подоцна ќе се реши и црковното прашање во Македонија”.

Бидејќи раководството на востанието ги почувствувало разбивачките активности на Бугарскиот комитет, и со чл. 205 и 206 озаконува за понатаму Софискиот централен комитет да нема веќе никакви обврски спрема Македонското востаниее, па затоа: “Сите наредби на Софискиот централен комитет се отповикуваат, а востанието ќе се раководи од Македонскиот востанички комитет што се наоѓа во Македонија”.

Со Правилата се бара “сите Македонци да ги исполнуваат наредбите на овие Правила-устав без поговор до ослободувањето на Македонија и до донесувањето на мирновременскиот устав на автономна Македонија”.

Со ваков дух и национална концепција војводата на чета и член на Главниот штаб на ова востание Ѓорѓија М. Пулевски уште во пламенот на борбите ја испеал и сепаратно ја објавил во Софија првата револуционерна поема во македонската литературна историја “Самовила Македонска”, а веднаш по враќањето од востаничкиот фронт (мај 1879) ги објавува и двата дела на првата стихозбирка на македонски јазик “Македонска песнарка”.

Бидејќи прашањето за кодификацијата на македонскиот литературен јазик пак стана клучно во македонската ослободителна борба, Пулевски во Софија го објави и првиот дел од својот учебник “Слогница речовска” што претставува и прва печатена граматика на македонскиот јазик, а работеше и врз ракописот “Славјанско-маќедонска општа историја” што беше конечно завршен во 1892 година и претставува прва историја на Македонија на македонски јазик. Меѓутоа, веднаш по задушувањето на Кресненското востание, со продолжената востаничка дејност во цела Македонија, во моментот кога во Цариград амбасадорите на големите сили работат врз подготовката на текстот за предвидениот Органски устав на Македонија во согласност со решенијата на Берлинскиот конгрес, а турската влада го испраќа за разгледување својот Закон за вилаетите во Европска Турција, – во мај 1880 год. во месноста Гремен-Теќе во Островскиот округ е свикано Народно собрание на Македонија што избира и Привремена влада на Македонија. Во Решението од 21 мај на Привременото народно собрание (што и е испратено и на руската влада) меѓу другото се вели дека Собранието на привремените претставници од разните епархии, привремено избрани од населението на Македонијаа, ја разгледало политичката положба и средствата за постигнување на желбите на македонските народностии и со општа согласност на членовите на Македонското народно собраниее била донесена програмска резолуција.

(Во Резолуцијата се вели:
а) Да и се соопштат справедливите барања од македонското народно население на Високата порта со посредство на генерал-губернаторот во Македонија за Портата да побрза со исполнувањето на чл. 23 од Берлинскиот договор и да свика законски претставници на Македонија за разгледување и приспособување на Органскиот устав.
б) Да им се предаде ова решение на претставниците на европските држави потписнички на Берлинскиот договор со молба да им го препратат на своите респективни влади и да ги замолат да интервенираат кај Портата за незабавно воведување и исполнување на решенијата од гореспомнатиот договор што се однесуваат за Македонија.
в) да се испратат специјални лица да го направат тоа и во Цариград.
г) За исполнувањето на денеска донесените решенија назначуваме Привремена македонска влада од следниве лица: Васил Симу, Анастас Димитриевич и Али Ефенди (Албанец).
д) Привремената македонска влада е задолжена да настојува да се направи следново:
а. За обезбедување на сосем таен начин помош од Европските сили за незабавно исполнување на одредбите на Берлинскиот договор што се однесуваат за Македонија.
б. За назначување воени началници за исполнување на желбите на македонското население, во случај на неуспех, со вооружена рака.
в. Ако Привремената влада увиди дека Високата порта води политика за одлагање на решението, тогаш со решителна прокламација да ја повика вооружената помош од македонското народонаселение, да го повика на оружје за самото тоа да ја прифати борбата за своето постоење.
г. Со таква прокламација Привремената влада ќе се обрати за помош од владите заинтересирани за преродбата на старата Македонија, а исто така за помош од сите слободољубиви.
д. Привремената влада се задолжува да ја организира привремената организација на воените и граѓанските власти, да изнајде средства за исполнување на наведените решенија и за симболот на македонското знаме, печатите и воопшто се што се однесува
за изградувањето на привремената управаа.


8. Да живее Македонскиот народ, да живее Македонија!

Во “Манифестот на Привремената влада на Македонија” што на 11/23. IV 1881 година му е испратен и на рускиот амбасадор во Цариград Н. П. Игнатиев, во кој се повикуваат “вистинските Македонци, верни деца на татковината” да ги скршат синџирите на ропството и на знамето да напишат: “Единствена и обединета Македонија!”. Македонците се повикуваат: “собрани околу знамето на Македонија, како ваш единствен национален белег”, дигнете го високо и подгответе го тоа славно знаме за потоа да напишете едногласно: Да живее македонскиот народ, да живее Македонија!”

Истовремено, веднаш по Кресненското востание, во Русе и Софија е формирана и Македонската лига што уште на 2 мај 1879 год. од Малеш Планина објавува проглас за ново востание во Македонија. Главниот штаб на Лигата ја вршел и улогата на Привремена управа на Македонија. Во тоа време доаѓа до контакти и договор за заеднички настап со Привремената влада на Македонија и се подготвува “Уставот за идното државно уредување на Македонија”, како и опширните текстови на “Воената инструкција за устројството на Македонската војска во Автономната Држава Македонија” и “Привремената воена инструкција за дејствување на Македонската војска”. Континуираното оружено ослободително движење во Македонија веќе доби пошироки размери, ја опфати целата Македонија и ја заокружи својата национална програма. Во јуни 1881 год. настанаа големи апсења во врска со “Охридската завера”, а во следната година се очекуваше зголемување на востаничките чети. Поради директното мешање на соседните монархии, Македонската лига и Привремената влада на Македонија не можеа да ја продолжат својата активност, но продолжи оружената борба, а националната македонска мисла се влеа како свест на народот за неизбежноста на борбата за слобода и држава. Паралелно почнуваат да се формираат разни комитети, друштва и други организирани асоцијации на Македонците во земјата и особено во емиграцијата. Во 1882 год. е образувано едно Бугарско-македонско благотворно друштво во Софија што во следната година се модифицира како Македонско друштво, а истовремено е конституирано и Друштво за помагање на бедните Македонци. Кон крајот на 1884 год. во Русе е формирано едно Бугарско-македонско благотворно друштво “Александар Македонски”, но истовремено се појавува и отцепничкиот Бугарско-македонски револуционерен комитет “Искра”. Во почетокот на 1885 год. во Пловдив е формирано Македонско друштво за собирање помошти за страдните Македонци, но веднаш бил создаден и бугарскиот пандан – Централен комитет за борба за ослободување на Македонија од турското ропство. Во Софија, меѓутоа, уште веднаш по “македонските митинзи”, кон крајот на 1884 год. е формирано Друштвото “Македонски глас” што од следната година почнува да го печати и својот истоимен орган “Македонски Глас”.

По соединувањето на Источна Румелија со Бугарија и Српско-бугарската војна (1885) и по детронизацијата и абдикацијата на бугарскиот кнез Ал. Батенберг (1886) на чело на бугарската влада застанува македонофобот Ст. Стамболов. Се прави жесток терор и прогонство на секоја помисла за самостоен македонски настап на македонската емиграција во Бугарија. Во 1888 год. Ѓорѓија М. Пулевски ја формира Славјанскомакедонската книжевна дружина што “имаше цел да ја прероди народната македонска литература”, но “бугарската влада ја растури и мнозина нејзини членови ги истера од територијата на Кнежевството”. Истовремено во Русе се појавува и весникот на Коста Шахов “Македониа” што во следната година е префрлен во Софија и станува најзначајниот орган на македонските интереси во XIX век. Во таа 1889 год. се формира и Македонско читалиште, а веднаш потоа и Заемо-спестовна каса на Македонците во Софија, додека во Пловдив е организирано Македонското еснафско друштво “за помагање на бедни и опаднати Македонци, од каков и сталеж да се тие”.

Паралелно со овие активности сред емиграцијата “дваесетина млади луѓе од Македонија” во Софија во 1885 год. формирале и еден Таен револуционерен македонски комитет што во следната година се поврзува и со Белград и се застапува за признавање на посебната македонска нација, за издигнување на македонскиот јазик како литературен и за обновување на Охридската архиепископија како македонска црква. Во следната година Коста Групче и Наум Евро поднесуваат Програма до Високата порта во Цариград за издавање весник “Македонски Глас” што “би се занимавал со историско-филолошка работа, а помалку со политика”. Во писмото до претставниците на големите сили тие подвлекуваат дека Македонците се “посебен народ, со посебна историја, карактер и обичаи и дека немаат ништо заедничко со околните државици, па според тоа никој нема право да претендира на Македонија. И таа им останува на Македонците”.
Во рамките на овој општ подем на еманципацијата на македонската национална мисла и ослободителна акција, во таа 1887 год. е формирана и Албанско-македонската револуционерна лига што подготвува Устав и Програма за “самоуправа во нашите две области”, т.е. “во Албанија нека наредуваат Албанците, во Македонија Македонците”. Исто така, и во Атина Стефан Дамчев Македон (од Битолско) основал едно “Македонско братство” што во 1893 год. преминува во Романија и во Букурешт го издава двојазичниот весник “Албано-Македониа”. По екстернирањето од романските власти престојува во Белград и Париз за да се стационира конечно во Лондон, каде што го основува “Националниот комитет за автономија на Македонија и на Албанија” што во 1902 год. го издава својот орган “Л Аутономие” и пројавува разновидна активност до 1905 год. Во тоа време (1887) охриѓанецот Темко Попов го напишува својот национално-политички текст на македонски јазик “Кој је крив?”, а на својот пријател во Белград му пишува од Солун дека “националниот дух у Македониа до такво дередже денеска је стигнал, штото ни сам Исус Христос ако слезит од небоно не можит да го уверит Македонеца, оти тој је Блгарин или Србин”.
Таа македонска свест ја натера српската пропаганда да испрати најкомпетентни мисионери и на самото место во Македонија да го почувствуваат пулсот на народот и да ја усогласат својата дејност. Токму тогаш Ст. Новаковиќ и предложи на српската влада да тргне по стапките на бугарската пропаганда (од пред дваесет години) и преку употреба на бараниот македонски јазик во училиштето и во пишаната реч да влезе во Македонија. Така беа создадени некои почетни учебници на еден внимателно србизиран јазик, на кој беа печатени и календарите “Вардар” и “Голуб”. Новаковиќ и предложи на својата влада да се објави на македонски и Новиот завет, но беше оценето дека тоа може да одигра пресудна улога за афирмација на македонскиот јазик и на македонската национална посебност и предлогот не беше прифатен.

Скоро, меѓутоа, и самата српска пропаганда увиде дека со македонскиот јазик во училиштата и во печатот само уште повеќе ги распалува македонските национални чувства и ја зајакнува националната свест, поради што го отфрли тој пат и продолжи со чистиот српски јазик и со јасната српска национална програма да гради србомански оази во Европска Турција.

Таквата македонска свест најде рефлекс и надвор од Балканот. Во 1886 год. рускиот конзул во Турција И. С. Јастребов во руската престолнина го објави својот зборник, во кој Македонците ги претстави како Срби. Тоа предизвика бурна “етнографска расправија” во балканскиот и во рускиот печат. Истовремено, тогаш вратениот егзархиски преподавател во Солун бесарапскиот Бугарин и руски славист Петар Драганов, како личен сведок, започна да ги објавува резултатите од своите двегодишни научни истражувања на Македонија и Македонците од историски, етнографски, јазичен, литературен и фолклористички аспект, поставувајќи ја основата на македонистиката во Русија. Уште во писмото од 29. VIII 1886 год. од Солун до својот професор и ментор В. И. Ламански тој меѓу другото вели:

“Благодарејќи на тоа што живеам во класичната земја на словенската филологија, јас уште во првиот момент по своето пристигнување во татковината на Светите Кирил и Методија со големо задоволство се зафатив да ги студирам особеностите на акцентот, гласовите, формите и речникот на македонските говори во споредба со бугарските или тракиско-мизиските, од една страна, и со српските, хрватските и словенечките, од друга; со прилог на дијалектографска карта на Балканскиот Полуостров”.

9. Македонците не се ни Срби, а уште помалку Бугари

Драганов со особено задоволство ја прифатил темата што специјално за него ја распишал Ламански на конкурсот на Петербуршкото словенско благотворно друштво: “Проучувањето на Македонија во етнографски, дијалектолошки, историски и археолошки однос”, а во тие рамки и посебно: “Карактеристика на говорите на словенското насление во современата Македонска провинција”. Оваа тема Драганов веднаш почнува да ја обработува и осознава дека сите претенденти на Македонија “истовремено и исклучувајќи се еден со друг ја сметаат Македонија за своја земја, и присоединувањето нејзино кон својата сопствена митрополија го сметаат како обврска на некакво историско право”. Тој имал полна претстава за состојбите во Македонија, зашто, вели: “Долго пред Српско-бугарската битка јас решив на самото место да го проверам степенот на основаноста на српските и бугарските претензии за јазикот и народноста на тамошното македонскословенско население”. Во врска со оживената полемика помеѓу српските и бугарските претенденти на Македонија, Драганов уверено му пишува на Ламански дека, “независно од извесни погранични влијанија, сестраното проучување на предметот, покрај убедувањата од разните Милоевиќи, Среќковиќи, Алексовиќи, Баџовиќи, Веселиновиќи, Новаковиќи, од една страна, Петковичи, Верковиќи, Богоровци, Поповичи и Дриновци, од друга, и меѓу нив мноштвото весникарски бесрамници, адапти на големите политички идеи – српската и бугарската, кои, се разбира, не може да имаат ништо заедничко со идејата на науката за словенската филологија, сето тоа постепено ме убедуваше во самостојноста и на позицијата на јазикот на словенското население на современа Македонија, којшто Бугарите толку се навикнале да си го викаат наречје (???) на својот единствен и неразделен бугарски јазик…”.

МАКЕДОНСКА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА ВО 19 ВЕК

Како професор во Бугарската гимназија во Солун, Драганов го подготви својот огромен зборник “Материјали за етнографијата, статистиката и дијалектологијата на современата Македонска провинција” што самиот го наречува “Македонска енциклопедија”.
Како најзначаен претходник и учител на Мисирков, П. Д. Драганов не можеше да не се искаже јавно и за “прашањето за населението на современа Македонија”, па во врска со јазикот пишува:
“Обете војувачки страни, без обзир на јавните уверувања пред целиот свет, и пред Русите посебно, за својата племенска љубов кон Македонија, на самото место, т.е. во самата Македонија се однесуваат со најголема омраза спрема месното наречје и спрема основните потреби на месното население. Тоа пак особено се однесува за бугарскиот и српскиот учителски персонал во Македонија. Нивната омраза спрема потлаченото, угнетувано и прогонувано месно македонскословенско “наречје” не знае граници. Последново со необична усрдност се прогонува од македонскословенските училишта, како од Бугарите така и од Србите, кои сега во Македонија исцело ги имаат в раце судбините на месната словенска просвета. Меѓутоа, ова наречје, повеќе од кое и да е друго од дузината постојни словенски наречја-јазици, може, со поголема или со помала претензија, да ги слее благородните потомци на некогаш знаменитиот кирило-методиевски јазик. Ние би можеле да наведеме долга редица сведоштва од високоавторитетни научници и пред се од родени Македонци од доброто старо време, како документарни докази дека македонскословенското наречје е повеќе или помалку самостојно и автономно во однос на бугарскиот и српскиот “јазик”. Овие сведоштва се однесуваат кон две категории:
1) Таканареченото македонско наречје си има свои сопствени особености и во акцентот,
и во гласовите и во формите…, и во синтаксата и особено во речникот.

2) Месните македонскословенски учители од доброто старо време, уште на наша памет, се до крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години, т.е. уште спроти големата Ослободителна војна од 1877-1878 година, си печатеа свои училишни учебници громко изјавувајќи дека македонскословенското население, откако си ја извојува црковнословенската литургија од грчкото управувачко свештенство, нема ни најмала желба да се откаже од интересите на својата народност, т.е. да се побугарува и да се посрбува, наречувајќи ги притоа Бугарите со омаловажувачкото име “Шопје”.”

Бесарапскиот Бугарин Петар Драганов како личен сведок пишува: “Речиси сите учители во средните, неретко дури и во вишите школи во Македонија, барем до 1887 година, се
назначуваа во функцијата на агитатори задолжително отаде границата, имено од Кнежевството Бугарија или од Кралството Србија, како лица понадежни и попогодни за овие цели. А пак месниот македонскословенски учителски елемент е допуштен во тамошните училишта само како агенти на пропагандите…”.

СТАРИНСКОТО ИМЕ МАКЕДОНЦИ

Нагласувајќи дека во Македонија го дигнало гласот староседелското население што “се наречува со старинското име Македонци”, Драганов профетски укажува:
“Според нашето лично мислење, би било просто праведност да се поддржи барем морално ова многубројно племе што зборува на посебно словенско наречје и си има своја стара историја (од VI до XV век), не помалку интересна од историјата на Бугарите и на Србите. Македонците се исто такви христијани, притоа православни, како што се и Србите и Бугарите… Поддршката од страна на Русија и, би рекол, од целата христијанска Европа… на Македонците (ги имаме предвид познатите параграфи од решенијата на Берлинскиот конгрес што и гарантираат автономија на Македонија и на целото нејзино население), би било не само акт на политичка праведност, туку и мудрост: Македонија на опашката на Бугарија и на Србија (како составен дел на последниве) секогаш ќе биде елемент за општ пожар на Балканскиот Полуостров, ако не и во цела Европа… За Русија и за Русите треба да бидат важни мислењата за Македонија не на оние Македонци што, откинувајќи се од својата сопствена народност, одамна наживо им се продале на Србите или на Бугарите…, туку само на оние Словеномакедонци што ги поставуваат интересите на својата навистина прогонувана народност највисоко од се, зашто таа се прогонува не само од Турците и од Австро-Унгарија, туку пред се од браќата Бугари и Срби…”.

Дека овие согледувања не биле само на П. Драганов во тоа време покажуваат и статиите на Карл Хрон во “Deutschen Volksblattes” што во следната 1890 год. излегоа и како книга
под наслов “Народноста на Македонските Словени”, каде што за Македонците тој заклучува: “…во секој случај може да се докаже, како според нивната историја, така и според нивниот јазик, дека Македонците не се ни Срби, а уште помалку Бугари, туку се посебен народ, имено директни потомци на оние словенски прадоселеници што го населувале Балканскиот Полуостров уште долго пред српската и бугарската инвазија и кои не се измешале ни со еден од овие два народа”.

Во славистиката веќе им се определи посебно место и на “Македонските Словени” како ентитет што најде одраз и во второто издание на “Карта славјанских народности” што ја
објави С.-Петербуршкото словенско благотворно друштво кон “Руско-Славјански Календар на 1890 год.”. Во руската престолнина полскиот лингвист И. А. Бодуен де Куртене во своите предавања почна да го изделува македонскиот јазик во семејството на словенските јазици, а беше одбранета и првата докторска дисертација за македонскиот јазик од естонскиот лингвист Л. Мазинг што беше и напечатена во две книшки. Сето тоа ја разбранува младата македонска интелигенција, па се појавија бурни бунтови во егзархиските училишта во Македонија што доведоа до масовни бегства на учениците во Белград. Незадоволни од националниот третман и во Србија, овие ученици го напуштија и Белград и преминаа во Софија. Но бидејќи и тука не наидоа на приветлив прием, поголемиот дел се вратија во татковината или одново беа подмамени во Белград. Останатите во Бугарија уште кон крајот на 1890 год. се организираа во една “тајна дружба” што ја даде основата на Младата македонска книжовна дружина во Софија, која од почетокот на 1892 год. почна да го издава и својот орган “Лоза”.



10. Велика Македонија

Членовите на Младата македонска книжовна дружина "сметаат дека нивната татковина е Македонија; дека последнава е населена со посебно словенско племе наречено "Македонци"; дека таму се собрале "севозможни надворешни елементи" и дека "лека-полека ќе ја подготвуваат бугарската јавност за одделување на Македонија од Бугарија и лека-полека ќе воведуваат зборови од охридското поднаречје што ќе биде литературен јазик на идната Велика Македонија, на чие чело ќе дојде некој од редакторите на "Лоза" во својство на Филипа или Александра!?!...


Бидејќи списанието ("Лоза" н.з.) се печатеше со една реформирана "македонска" ортографија и со графија што се разликуваше од официјалната бугарска азбука, па се лансираа и некои "македонизми" во фонетиката, во морфологијата и во лексиката што му даваа специфичен белег на "лозарскиот" јазик, во бугарската јавност се крена дотогаш најголема бура што најде највпечатлив израз во бугарскиот официоз "Свобода", кој со редакциска статија меѓу другото напиша: "Луѓето овде имаат други цели - да создадат нов литературен македонски јазик... Следствено, прашањето се сведува кон стремежот да се воведе литературен сепаратизам што природно го влече по себе и политичкиот". Поставувајќи го движењето во еден историски контекст, Редакцијата на "Свобода" потсетува: "Впрочем, не се јавуваат за првпат меѓу Македонците ваков род политички и литературни флугери. Ако не не изневерило помнењето, г. К. Шапкарев едно време, уште на самиот почеток на преродбата на националната идеја на Македонците, беше почнал да пишува книшки на македонското наречје. Неговиот план да создаде посебна македонска писменост пропадна... Кај старите дејци што не учеле во бугарски училишта, ами во грчки, каде што црпеле само омраза против бугарското име, - кај таквите луѓе појавата на идејата за сепаратизам во нивните глави е појава снисходлива, строго не можеш да ја осудиш. А овие господа Шаховци што се групирале околу Лоза, - за нив што да мисли човек? Неодамна, пред 6-7 години, друг еден познат по политичките серсамлаци Македонец, прочуениот Гулапчев, и тој беше почнал да го проповеда сепаратизмот меѓу Македонците, и тој излезе со едно книжуле напишано на македонското наречје". Весникот се лути: "Усилбите на целата интелигенција, на целиот бугарски народ засега се насочени кон глува, бесшумна борба за бугарско национално единство; се арчат и пари, и сили и народна енергија во таа борба со Србите и Грците; не се штеди ништо за да победи идејата дека Бугаринот од Македонија, Тракија и Мизија е син на една и иста мајка Бугарија, дека тој има еднакви обичаи, нарави, јазик, политички стремежи и идеали, - и при сето тоа во предвечерјето на оваа засега неравствена борба во отворена војна, во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија, излегуваат луѓе што настојуваат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби, да докажат дека македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи!"

СЛОВЕНСКО ПЛЕМЕ НАРЕЧЕНО "МАКЕДОНЦИ"

Во друг, потпишан напис, против "лозарите" се прави и паралела со слични појави во словенскиот и несловенскиот свет во Европа: "Русите - вели авторот - пишуваат на московското наречје, исто така недостапно за другите Руси и уште повеќе за Белорусите и Малорусите. Истата појава се забележува во Германија, Франција и во сите европски држави и особено во Белгија, каде што Фламанците не го разбираат францускиот, или Шкотите и Ирците - англискиот и Баварците - прускиот јазик". Авторот согледува дека членовите на Младата македонска книжовна дружина "сметаат дека нивната татковина е Македонија; дека последнава е населена со посебно словенско племе наречено "Македонци"; дека таму се собрале "севозможни надворешни елементи" и дека "лека-по-лека ќе ја подготвуваат бугарската јавност за одделување на Македонија од Бугарија и лека-полека ќе воведуваат зборови од охридското поднаречје што ќе биде литературен јазик на идната Велика Македонија, на чие чело на ќе дојде некој од редакторите на "Лоза" во својство на Филипа или Александра!?!...".

Со жестоки погроми, апсења и земање во бугарската војска Дружината беше разбиена во Софија. Остана духот на "лозарите" и фонетскиот правопис со чувствително македонизи-
раниот бугарски јазик. Уредникот на "Лоза" П. Попарсов во дијалозите во својот расказ "На Мокров" ги употребува посебните графеми за македонските палатални согласки к', г' и н' што ги користеше уште во 70-тите години велешанецот Ѓ. Бојаџиов и кои по една деценија ги кодифицира К. П. Мисирков и конечно беа озаконети во 1945 год.

Манифестациите на националната свест сред емиграцијата најдоа одзив и во самата Македонија. Тоа дојде особено до израз при новото унијатско движење што го поведе скопскиот егзархиски митрополит Теодосија Гологанов во 1891 год. со отфрлање на Бугарската егзархија и истакнување на македонската национална програма со обнова на Охридската архиепископија како унијатска автокефална црква, со македонската нација и македонскиот јазик. Но Бугарската егзархија, пак со помошта и на руската дипломатија и со големи поткупи на турската администрација, успеа да го доведе Теодосија во Цариград и потоа да го конфинира во еден манастир во Бугарија. Во 1892 год. и во Црковно-училишната егзархиска општина во Костур се појавило едно "интелектуалистичко движење меѓу месните учители, кое настојува да бидат отстранети грчката и бугарската пропаганда, а во училиштата да се воведе македонскиот јазик како јазик на наставата". Општината решила во учебната 1892/93 година да биде воведен македонскиот наместо бугарскиот јазик, заради што требало да се подготви програма за предавањата и да се состави граматика со речник на македонскиот јазик. Меѓутоа, и овојпат Егзархијата успеала привремено да го задуши движењето. Уште во 1903 год. К. П. Мисирков, кој и самиот беше близок до "лозарите", оценува дека тие ја поставиле основата на "новото движење" во Македонија, а избеганите македонски интелектуалци во Македонија, како што сведочи и Ѓ. Петров, во 1893 год. станале основачи на Македонската револуционрена организација што по една деценија го организира Илинденското востание и "направи епоха во нашата историа". "По нивна инициатива - пишува Мисирков - се образува во зафатоко на деветдесетите години едно национално сепаратистично движејне со цел да се одделат интересите на македонците од бугарцките со возведуајне на једно од македонцките наречија на степен на литературен jазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистско движејне на Македонците во Бугарија беше журналот Лоза. Но тоа дуовно движејне на Македонците не се ареса на бугарцкото стамболовцко праителство, које забрани да се издаат Лоза и зафати да гонит Македонците сепаратистии.

ЃОРЧЕ ПЕТРОВ: ДА СЕ ЗДРУЖИМЕ

Самиот идеолог на илинденската револуција Ѓ. Петров беше соработник во петтиот број на продолжението на сп. "Лоза" што го обнови во мај 1894 год. Младата македонска дружина во Софија. Под наслов "Да се здружиме" и со потписот Николаев, Ѓ. Петров меѓу другото пишува:

"Положбата за нас Македонците во текот на овие последни години уште повеќе е влошена. Од една страна најинтелигентното и најзаможното население од Македонија се губи чувствително под несносниот ред и се голта од соседните слободни земји; од друга страна, секоја година со десетици илјади работни раце - неслободни за да си ги обработуваат своите земјишта, си ги напуштаат домовите, оставаат пусто се и заминуваат во странство, од каде што најмалку половината веќе не се враќаат дома; од трета страна, многубројни убиства речиси секој ден се извршуваат таму од незаузданите разбојници. ... Сето ова е една доста јасна слика што ни ја покажува безизлезната положба на нашата мила татковина - Македонија...".

Затоа: "Нашата должност кон својата татковина не се запира само до сувото апелирање. Ние треба да зафатиме една систематска борба и да објавиме војна против нашите тирани... ние сме должни да започнеме една систематска дејност што ќе ја изнесе пред надворешниот свет нашата лоша положба и ќе го постави повторно македонското прашање и прашањето за Одринскиот вилает на зелената маса. Но за една таква дејност е потребно здружување на сите Македонци; ние сите треба да се обединеме и здружено да дејствуваме" (Гане Тодоровски, Македонската книжевност во XIX век, Наша книга, Скопје, 1990, 321-323).


11. Трите вилаети на Македонија: Косовскиот, Битолскиот и Солунскиот

По разгромот на Младата македонска книжовна дружина во Софија, уште во следната 1893 год. во Белград македонските ученици и студенти ја формираа Ученичката дружина "Вардар" што, според Правилата, имала програмска цел "да работи врз испитувањето и запознавањето на својата татковина во земјописен, народностен и историски поглед". Меѓутоа, надлежните српски власти скоро ја согледале националната македонска тенденција на Друштвото и уште во следната година го задушија. "Но со растурајнето на другарството - пишува членот-основач на "Вардар" К. П. Мисирков - не се изменија чувствата и стремежите на Македонците во Србија. Они зафатија да следат револуционата организација, создадена од Македонци со бугарцко-србцко образуајне, као и односот на Србите кон неја. Они сет и главните негои последуачи. Мегу ним имат луге со висок патриотизм и со здрао разбирајне на националните македонцки интереси".
Но македонската национална мисла континуирано се развива сред младата македонска интелигенција. Во 1901 год. почнуваат подготовките за формирање Македонски клуб со читалиште во Белград, кој во следната година почнува да го издава и својот орган "Балкански Гласник".

МАКЕДОНИЈА СО ПОСЕБЕН ДИЈАЛЕКТ

Уште во уводникот на првиот број се вели: "Ако има народ што се наоѓа во најнесреќна положба на земјината топка, тоа е македонскиот народ. Историјата не памети за друг таков пример, кога еден и ист народ по традицијата, јазикот и верата се разделува на разни спротивни правци, еден од друг потуѓи, а кога ќе се додаде кон ова личната и имотната несигурност, гнилата турска управа, која од своја страна ги помага делбата и порокот на народот, можете да си замислите каква мрачна слика претставува онаа Македонија, чиишто разни претенденти ја гледаат во неа својата моќ и величина".

Весникот бара "да и се даде на Македонија автономија и да и се признае нејзиниот словенски македонски дијалект", зашто Македонија "си има свој посебен дијалект" што "може да се служи со фонетскиот правопис". Одговарајќи на нападите од белградскиот и софискиот печат, весникот подвлекува дека "словенскиот елемент во Македонија, за да претставува една целина и да има надмоќност над другите народности, треба да си го усвои за литературен јазик својот местен дијалект". "Балкански Гласник" тргнува од фактот дека во Македонија, во рамките на предвидуваната словенска балканска "неутрална федеративна држава", основната маса од народот е словенска што по обичаите, традициите и минатото претставува една етнографска целина, но која, за жал, денеска е распарчена на неколку делови".

Во српската јавност се крена голема врева, со остри закани. Кога весникот најави дека е подготвен меморандум до големите сили потписнички на Берлинскиот договор и дека ќе биде испратена "и една делегација што лично ќе им ја изложи неподносливата состојба на своите сонародници", а во меморандумот се тврдело дека "Македонија е засебна земја што ни етнографски ни географски не и припаѓа на Србија и дека Македонците не се ни од српската, ни од бугарската народност, па според тоа и Македонците што живеат во Србија, во согласност со оние што живеат во Бугарија, бараат автономија на Македонија", - српските власти не само што не го регистрираа Македонскиот клуб, туку го забранија и "Балкански Гласник" и ги изгонија редакторите од Србија. "Тије Македонци - пишува во следната година К. П. Мисирков - и дадоа израз на својите убедејна за македонцкото прашајне со издаајнето во Белград во 1902 година ноината "Балкански Гласник". Издајнето на таја ноина не можеше да се аресит на србцките шовинисти, за тоа србцките ноини подигнаа шум против издаајнето на "Балкански Гласник", обвинуајки негоијот редактор во сочувство на македонцките комитети, во резултат на које тој беше претеран от Србија".

Прогонетите редактори Стефан Јакимов Дедов и Дијамандија Трпков Мишајков, со посредство на рускиот амбасадор во Белград, отидоа во Русија. На Петербуршкиот универзитет уште на 12. XI 1900 год. беше основан еден Таен македонско-одрински кружок. Претседател на оваа конспирација во тоа време беше оставениот на постдипломски студии Крсте Мисирков. Многу брзо македонската младина во руската престолнина се собра околу дојдените изгнаници од Белград и на 28. Х 1902 год. со потписите на 19 членови, врз основа на платформата што веќе беше афирмирана од Македонскиот клуб во Белград, е основано Македонското научно-литературно другарство.

На 12. XI 1902 год. Дедов и Мишајков, од името на Другарството, го предаваат подготвениот Меморандум до руската влада и до Советот на С.-Петербуршкото словенско благотворно друштво. Тоа е првата комплетна и комплексна македонска национална програма, во која меѓу другото се констатира:
1. дека во Македонија поголемиот дел од целото население се Словени;
2. дека ова население би можело да игра највидна улога во оваа земја во таков случај ако кај него постои единство на националната свест;
3. дека тоа единство е нарушено од соседните балкански држави што сакаат на сметка на наследството од "болниот човек да си создадат свои "големи" Бугарија, Србија и Грција;
4. дека единство на националната свест не е возможно да се постигне само од Македонците, без помош отстрана;
5. дека оваа помош не може да ја укаже ни една од балканските држави, самата, без согласност на соседните заинтересирани држави".


ПРИЗНАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ СЛОВЕНИ

Затоа Другарството инсистира "да се помага ослободувањето на Македонија во политички, национален и црковен однос". Имајќи ги предвид катастрофалните резултати од националните и религиозните пропаганди на соседите во Македонија, во Меморандумот се нагласува: "Под национална слобода ние подразбираме отстранување на националните пропаганди од Македонија и наместо тоа воведување на едно од македонските наречја на степен на општ македонски литературен јазик", зашто "сите македонски наречја претставуваат една целост". Затоа потписниците образлагаат: "Ние сметаме дека македонските наречја, кои Бугарите исцело ги признаваат за бугарски, Србите за српски, всушност ја претставуваат средината помеѓу говорите на денешните Бугарија и Србија, но не и на другите српски области, и како такви, во случај еден од нив да се издигне на степен на литературен јазик, можат да послужат како обединителна алка помеѓу сега непријателските Бугарија и Србија". При крајот на Меморандумот потписниците заклучуваат:
"Единствените засега подобрувања што може да се направат и за кои треба да се согласат и балканските држави се сведуваат, според нашето мислење, кон следново:
1. признавање на Македонските Словени од страна на Турција како одделен народ со одделен литературен јазик што рамноправно со турскиот станува официјален јазик во трите вилаети на Македонија: Косовскиот, Битолскиот и Солунскиот, и признавање на самостојна црква;
2. назначување на еден генерал-губернатор и еден негов помошник од овие три погоре спомнати вилаети. Генерал губернаторот може да биде турски поданик од мнозинската народност во овие три вилаети земени заедно, а неговиот помошник од помалку застапените народности;
3. месно изборно народно собрание и дарување на Македонија органски статут од Неговото Императорско Величество Султанот;
4. спроведувањето во живот на правата на Македонија подарени од Н. И. В. Султанот се гарантира од европските големи држави итн. итн.".
На крајот во Меморандумот се предвидува Македонија да биде "Пиемонт за обединување на балканското словенство и православје" за создавање на една федерација на соседните држави како единствено можно решение на македонското национално прашање во тие околности.

12. Македонскиот јазик првпат официјално службено употребен во 1903 година!

Во Уставот на Другарството од 16 декември 1903 год., се рефлектирани целите и задачите (што веќе беа афирмирани во претходните македонски асоцијации):

а) да ја развива националната свест меѓу Македонската колонија во С. Петербург;
б) да ги проучува јазикот, песните, обичаите и историјата на Македонија во етнографски и географски поглед;
в) да ги помирува и да ги обединува сите Македонци, без разлика на нивното образование и убедување, во името на нивното исто потекло и единството на нивната татковина, и
г) да го популаризира сето што е кажано горе меѓу Македонците во Македонија и надвор од нејзините граници (во странство).
Овие цели и задачи, според чл. 2 од Уставот, ќе се реализираат со:
а) организирање собранија и предавања;
б) читања, реферати, раскази, стихотворби и др.;
в) собирање народни творби (умотворби) и историски споменици за Македонија;
г) духовна поткрепа на своите сотатковинци, особено при нивното прво доаѓање во Русија, и
д) помагање и развивање заемни односи со другите словенски друштва и кружоци, како и со одделни словенски дејци.

ЗА МАКЕДОНЦКИТЕ РАБОТИ


Посебно е значајно што со чл. 12 од Уставот првпат официјално се воведува македонскиот јазик во службена употреба:
"Разговорот во Другарството ќе се води на македонски јазик (на словенскомакедонскиот); рефератите и протоколите ќе се пишуваат исто така на овој јазик".

Врз основа на ваквата концепција Другарството ја развива и целокупната своја дејност во наредниот период. Практичната реализација на одредбите од Уставот и од Програмата наоѓа израз и во првата книга објавена на современиот македонски литературен јазик и правопис "За македонцките работи" од К. П. Мисирков во 1903 година и во првото научно-литературно списание на овој јазик и правопис "Вардар" што го отпечати Мисирков во Одеса во 1905 год. Со тоа беше извршена основната кодификација на македонскиот стандард. Исто така, беа направени подготовки за отворање училишта со учебници и настава на македонски јазик во Македонија и организирани посебни јадра во земјата и во странство.

Сето тоа го покажува степенот на развитокот на македонската национална свест што во натамошниот период само се доразвива и организационо се разгранува, па низ историските преломи и континуирани борби доведува до полната афирмација на македонската нација и култура што завршува со формирањето на првата македонска национална држава во 1944 година (макар и само на еден дел од етничката територија) и нејзиното полно осамостојување во 1991. Тоа е историскиот развиток на еден народ што со автохтони процеси стигнува до својата полна национална и меѓународна афирмација како рамноправен субјект на драматичниот по својата историја Балкан.

МАКЕДОНСКАТА ПИСМЕНОСТ

Уште во 1951 година англискиот славист Риџиналд де Бреј својот монографски преглед за македонскиот литературен јазик го започна со мислата дека, по иронија на историјата, јазикот чиј говор стана прв писмен јазик на сите Словени во одреден период, кој најде израз во т.н. Охридска книжевна школа и одраз во т.н. македонска рецензија и на којашто беше создадена една богата за времето богомилска литература, не успеа да се издигне и да остане на нивото на писмен јазик до XIX век, а литературен - се до 1944 година. Сепак, македонската, како "литература со традиција", не е останата и "без континуитет", макар и со нерамномерен и "задоцнет" развиток, ниту без литературни пројави и вредности во сите овие векови - се разбира, погледната "низ призмата на историскиот и поетичко-естетскиот систем на кој му припаѓа, од кој произлегува и во кој се вклопува". Во овој поглед македонскиот литературен процес многу наликува на белорускиот литературно-историски развиток и еден сериозен компаративен истражувачки пристап би покажал вонредно интересни и научно значајни сознанија за општиот процес на создавањето, развитокот и афирмацијата на словенските, па и на европските литератури и литературни јазици. Секоја национална литература си има специфичен развиток, но македонската литературна и културно-национална историја бездруго си има еден посебно своевиден и атипичен развоен пат - и во словенски и во европски релации. Зародена во кирило-методиевскиот период и утврдена со Климентовата и Наумовата литературна дејност уште во втората половина на ИЏ и почетокот на Х век, македонската литературна реч го поминува патот низ почетниот период на сите словенско-православни литератури, но самата дојде до конечната афирмација низ тешки премрежија, со крвави борби и масовни народни востанија дури по Националноослободителната борба во текот на Втората светска војна (и тоа само во едниот од четирите дела на распарчената земја). Иако Македонија изгради моќна своја држава уште кон крајот на Х и почетокот на XI век, иако се направија повеќе обиди за нејзино обновување уште во XI и XII, а се постигнаа определени државни формации и во XIII и особено во XIV век, Македонците првата своеименска државност ја засноваа дури со Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944, а првата наполно самостојна суверена држава, сегашната меѓународно призната Република Македонија, ја извојуваа дури со референдумот од 8 септември 1991 година. Тоа се глобалните историски рамки и на македонскиот литературен процес до неговата полна афирмација. Независно од државниот дисконтинуитет и бројните дегенеративни и дезинтегративни процеси во историјата на македонскиот народ, ако се проследи линијата на литературно-уметничката и јазично-уметничката традиција низ вековите, треба да се констатира еден несомнен литературно-историски континуитет од старомакедонскиот период со пишаната оригинална и преводна продукција (IX-XVIII в.), но и со перманентниот развиток на усната народна литература како паралелен и наполно континуиран процес, па се до литературниот фонд од новомакедонскиот (1802-1944) и од современиот период (1944-1991) - укажува на континуитетот на еден специфичен етно-културен и јазично-литературен интегритет.

Дм. С. Лихачов веројатно има право (а тоа го потврдува и К. Ќулафкова) кога констатира дека (особено кога се работи за источните и јужните Словени во средновековјето од В до ЏВИИИ век) "може да се зборува за отсуство на јасни национални граници", па дури и дека "можеме да зборуваме за заеднички развиток на книжевностите на источните и на јужните Словени", дека имало "една единствена писменост и единствен литературен (црковнословенски) јазик" и дека диференцијацијата и европеизацијата на словенските литератури започнува дури од почетокот на ЏВИИИ век. Но треба притоа подебело да се подвлече дека во тој период, особено во неговиот почетен стадиум, токму јужнословенската и посебно македонската писменост и јазична култура го имаше првичното влијание врз појавата и развитокот на источнословенската писменост и христијанска култура.

Фељтонот има уште продолжетоци, но тие не го обработуваат 19-тиот век. Можете да ги прегледате тука ЛИНК

(Крај)

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата “Македонска енциклопедија”. Издавач на двотомното историско дело е “ТРИ”

Comments