Pro et contra - колумна на Марин Гавриловски - одлична хронологија на настаните во Македонија 1941-1945

Следува, според мене, одлична и кратка анализа (може да се каже и хронологија) на настаните во Македонија за време на Германската и Бугарската окупација 1941-44. Како и последователните АСНОМ и бугарското преминување на страната на комунистичкита, анти-фашистичка борба.

Pro et contra

од Марин Гавриловски

Објавено 11.12.2020 на Слободен печат

Терминот што најреално би го претставил присуството на бугарската држава, полиција и војска во Македонија од април 1941 до септември 1944 година, би бил: профашистичка окупаторска администрација. Не сум сигурен дека оваа дефиниција би била прифатлива за властите во Софија или за бугарскиот дел од Историската комисија.

Дури ни добрите познавачи на односите помеѓу Македонија и Бугарија не очекуваа дека на прагот од почнувањето на пристапните преговори со Европската Унија работите ќе се комплицираат до овој степен. Договорот за добрососедство беше потпишан, Бугарија го даде својот глас за нашиот влез во НАТО, Историската комисија пополека почна да ги затвора прашањата… И, одеднаш идиличната слика за нашата взаемна љубов (необременета од „стегите на Југославија“) се распрсна како меур од сапуница едно облачно брисeлско утро.


Првата, очигледна, причина за оваа постапка на нашиот источен сосед се повеќемесечните протести против владата во Софија и изборите што во март Борисов и неговите коалициски партнери најверојатно ќе ги изгубат. Старото добро правило на Балканот е: штом имаш внатрешни проблеми, заостри ја националистичката реторика. На тоа Балканците сè уште се „палат“ (па дури и оние европеизираните). Но, добро упатените прогнозираат дека догодина ова време Борисов или ќе одговара на прашањата на бугарските истражни органи или, пак, Груевски ќе има нов цимер.

Втората, не толку очигледна причина, можеби е тоа дека, како Историската комисија полека ги затвора спорните прашања, така историскиот часовник се приближува до времето на Втората светска војна. Основното прашање што се наметнува во разговорите е како ќе се именува периодот на бугарското воено присуство во Македонија. Она што ние го викаме фашистичка окупација, а тие, период на бугарска администрација. Прашање чиј одговор нема многу да ѝ се допадне на официјална Софија.
Пред фактите и историчарите (треба да) молчат

Но, да почнеме со ред. Со цел да ѝ се додвори на Германија, во зимата 1940 година, бугарскиот парламент го носи Законот за заштита на нацијата. Законот предвидувал мерки за дефинирање, идентификација, сегрегација и економска и социјална маргинализација на Евреите. По неуспехот на италијанската инвазија на Грција, нацистичка Германија побара Бугарија да се приклучи кон Тројниот пакт, со цел да обезбеди слободен пристап и движење на своите трупи накај Грција. Бугарскиот премиер Богдан Филов на 1 март 1941 година во Виена го потпишува пристапувањето кон пактот.

Два дена по капитулацијата на Југославија, на 19 април 1941 година, дивизии на бугарската втора и петта армија навлегуваат во Македонија со цел, како што вели царот Борис Трети, „да го одржат редот и стабилноста на териториите заземени од Германија“. Навлегувањето на бугарските трупи во Македонија само по себе не значело и припојување на оваа територија кон Царството Бугарија. Хитлер сè уште немал одлучено дали Македонија и Тракија ќе ѝ бидат „за винаги“ дадени на Бугарија како воен плен за нејзината послушност. Бугарската влада очекувала тоа да се случи по конечната победа на силите на Оската, па веднаш отпочнала постапка на бугаризација со цел „бугарската природа на териториите да биде неповратна“. Во Скопје бил отворен универзитет што го носел името на царот, училиштата биле интегрирани во бугарскиот образовен систем, а учителите морале да бидат обучувани наставата да ја држат на бугарски јазик.

На 11 октомври 1941 година група млади луѓе (во која бил и мојот дедо, Драган Спирковски-Максо) извршиле повеќе напади на објекти на бугарската администрација, полиција и војска во Прилеп, со што ја отпочнале вооружената борба за ослободување на Македонија. Оваа мала група, која кон крајот на 1941 година броела вкупно 1.000 души, до 1944 година прераснала во завидна воена формација од околу 60.000 партизани.

Во март 1943 година, бугарската администрација, полиција и војска депортирале повеќе од 11.000 Евреи од окупираните територии на Македонија и Тракија, од кои повеќето биле убиени во концентрациониот камп Треблинка. Бугарија успева да не депортира ниту еден Евреин од територијата на т.н. стара Бугарија. За време на Втората светска војна на територијата на Македонија животот го губат повеќе од 24.000 луѓе.

На почетокот на септември 1944 година, во филмски сплет на околности, Отечествениот фронт (контролиран од бугарските комунисти) ја презема власта, а бугарските војски се повлекуваат од Македонија. На 7 септември, Бугарија ѝ објавува војна на Германија, малку порано, истиот ден, Советскиот Сојуз ѝ објавува војна на Бугарија. На 8 септември Бугарија, истовремено е во војна со Германија, САД, Велика Британија и со СССР. Истиот ден Црвената армија влегува во Бугарија, со што завршува нејзината улога како член на Тројниот пакт и почнува нејзината улога како земја сојузник. Со дозвола на Тито (чијашто визија за балканска федерација била посилна од тесното национално размислување) бугарските војници кои само пред неколку недели се повлекле од Македонија, сега преоблечени во униформи на Отечествениот фронт, со црвени петокраки на капите повторно влегуваат на територија на Македонија, за под будното око на Црвената армија да пристапат кон разбивање на германската група армии Е која се повлекувала од Грција. За оваа епизода доволно илустративно говори беседата на бугарскиот генерал и политичар Добри Терпешев, кој како гостин на бугарската влада и партија присуствувал на Второто заседание на АСНОМ, во Скопје, на 28 декември 1944 година. Во својот говор, тој вели:„…Ете, во таја борба ние, Бугарите, ама веќе отечественофронтовски Бугари, не старите, сакавме да влеземе. Старите неотечественофронтофски Бугари кои беја три години джандари на Хитлера на Балканот ни нанесоа срам и ние сега и секога кога се јавуеме пред вас, секјаваме некое стеснение и покрај това што сме рамо до рамо против секакво надирање на фашизамот и за слободата и братството меѓу сите балкански народи. Ама и покрај това ја секјавам кривицата на бугарскиот народ што тој позволи на својот внатрешен непријател да се сојузи со германскиот фашизам и да му служи како слуга на Балканот. Ете, това е нашето стеснение и ете за това ние сакаме да ги избришиме сите тие дејствиа на нашите фашисти за да започне едно вистинско политичко единство и за да се оствари братството меѓу тие народи. Затова ние посакавме от маршал Тито да ни позволи да се бориме рамо до рамо со вас против општиот непријател…“

Ете и самите Бугари својата власт за време на Втората светска војна ја нарекувале фашистичка. Јас не би се сложил во целост со таа констатација. Имено, Бугарија била монархија во која царот владеел како диктатор, а освен Законот за заштита на нацијата, немало други карактеристики на нацизам или фашизам, па затоа можеби поточна дефиниција за режимот во Софија би бил профашистички, наместо само фашистички.
Окупација или администрација?

Од друга страна, дали присуството на бугарската власт, полиција и војска во Македонија е окупација или администрација? Според член 42 од Хашката конвенција од 1907 година „одредена територија се смета за окупирана кога е ставена под контрола на непријателска армија“. Кога оваа дефиниција ќе се преслика во реалноста, го добиваме следниот резултат: територијата на Македонија (како дел од Кралството Југославија) во април 1941 година е ставена под контрола на бугарската армија, која во тој момент, како сојузник на нацистичка Германија се сметала за непријателска армија. Според, пак, речникот на Кембриџ, зборот администрација, во политичка смисла, значи: „период на владеење на луѓе што се на власт“. Според мое мислење, ниту терминот администрација не може да се исклучи кога зборуваме за присуството на бугарската власт во Македонија за време на Втората светска војна. Имено, нивното владеење е администрација.

Да резимираме – терминот што најреално би го претставил присуството на бугарската држава, полиција и војска во Македонија од април 1941 до септември 1944 година, би бил: профашистичка окупаторска администрација. Не сум сигурен дека оваа дефиниција, колку и да е таа реална и сеопфатна, би била прифатлива за властите во Софија или за бугарскиот дел од Историската комисија.

Затоа е јасно зошто тогашната бугарска влада била профашистичка, оваа денешнава е против отпочнувањето на нашите пристапни преговори за членство во Европската Унија.

Но, едно е прашањето кое треба да го решаваат две суверени држави како резултат на билатерални преговори, а друго е прашањето кое Европа треба да си го постави самата себеси: дали вредностите на европската цивилизација градени и преку антифашизмот, борбата за слобода, еднаквост и заемно уважување ќе бидат посилни од желбата на националните влади да туркаат свои индивидуални агенди спротивни на генералната политика на Европската Унија? Европа ќе биде силна само кога ќе биде обединета. Ако тоа „старата дама“ не е способна да го разбере, ќе мора, во април, вујко Сем да дојде и за казна на новиот бугарски премиер да му даде задача 100 пати да напише: билатералните проблеми се решаваат надвор од процесот на интеграција! И да ја реши работата.

Comments