Македонските иселеници во царска Русија 1751-1783 и Македонскиот полк

Резиме

Овој краток труд ги обработува причините и контекстот во кој се појавуваат поимите „Македонец“, „Македонска нација“ и „Македонски“, во документи на Руското царство, во периодот од 1750 - 1783. Покажувам дека особеноста „Македонец“, во документите јасно одделена од народностите Бугарин, Србин, Грк, Влав и слично, се однесува на словенски православни досленици од Македонија. Иако 18-тиот век е сеуште рано да се говори за „Македонска Нација“ во модерна смисла, оваа терминологија свесно се употребува од православните доселеници од Хабсбуршkа Австрија, а истата ја прифаќа Рускиот двор и Сенат. Зачуван е и еден список со имиња на доселеници означени како членови на „Македонска нација“, а добар дел од истите се блиски до модерните македонски имиња. Од горенаведеното, јасно е дека овие православни досленици од 18-тиот век, ги сметаат Македонците за „народ/нација“ различен од другите тука споменати (Срби, Бугари, Грци, Власи). Македонските доселеници ќе бидат инспирација и за именувањето на еден хусарски (коњички) полк - „Македонски“, кој со еден прекин постоел од 1759 до 1783. 

Abstract

This short paper deals with the reasons and the context in which the terms "Macedonian"and "Macedonian nation" appear in documents of the Russian Empire, in the period from 1750 to 1783. I will show that the distinction "Macedonian", shown in documents and clearly separated from the terms Bulgarian, Serb, Greek, Vlach, refers to Slavic orthodox peoples native to Macedonia. Although it is still too early (18 century) to speak of a "Macedonian Nation" in the modern sense of the word, this terminology was consciously used by the orthodox settlers originating from Habsburg Austria, and it is accepted by the Russian court and its Senate. A list of names - marked as members of the "Macedonian Nation" has been preserved, and a good part of them are similar to modern macedonian names. It is clear that these 18 c. Orthodox immigrants, considered Macedonians as a separate people/rase from the others mentioned: Serbs, Bulgarians, Greeks, Vlachs etc. These Macedonian settlers will also be an inspiration for the naming of one Hussar (cavalry) regiment - "Macedonian", which is mentioned in historical sources between 1759 and 1783.

Позадина

Одсекогаш постоеле врски меѓу православното население на Балканот и Руското царство. Но, во 17-тиот век тие врски се засилиле. Првата причина се случувањата на Балканот, 1683-1699 Австро-Турските војни, 1689 Карпошевото востание во Македонија и 1688 Чипровското востание во Бугарија. Втората причина е јакнењето на Русија во времето на Петар I Велики (1682-1725). Под негово водство Русија се шири на запад (во војните против Шведска), а на југ, во војните со Турција за прв пат се пробива до Црното Море кај градот Азов (1696). Тоа го зголемило моралот кај балканското православно христијанско население, кое во Русија почнало да гледа надеж за ослободување од Османлиската власт. На пример, се споменува посета на скопскиот митрополит Јефтимиј во Москва (за време на Австро-турските војни во 1687 година), каде барал заштита на православното население од потенциалното покатоличување од Хабсбурзите.

Отприлика на пол-пат од долгите (1683-1699) Австро-Турски војни, како и по споменатите востанија, османлиската војска започнала една успешна контра-офанзива, и постепено ги протерала Австријците од Балканот. При повлекувањето на австриските војски во 1689 (и по познатото палење на Скопје од ген. Пиколомини) се повлекува и голем број на население од јужна Србија и Македонија, и тоа под водство на српскиот патриарх Арсение III. Имено, печкиот патриарх бил сојузник на Австријците, и заедно со српските милиции земал активно учество во војната против Турција. Затоа при турската контра-офанзива, поради страв, Арсениј го напуштил Пеќ, и се упатил на север преку реката Дунав. Српските историчари пишуваат дека му се придружиле околу 37.000 семејства. Главно се населиле во јужните делови на Хабсбуршката монархија, односно во Унгарија (чија круна била во владение на Хабсбурзите), меѓу домородно католичко население. Денес тоа се регионите на Војводина, Јужна Унгарија и западна Романија, каде се населило голем број на православно население, во кое сигурно имало и досленици од Македонија. 

Императорот Леополд I, го признал Арсениj за духовен водач на сите православни верници во царството, и му ја доделил титулата заменик-војвода (еден вид на самоуправа). Царската повелба ја дефинирала слободата за самостојно организирање на црквата. Арсениj исто така во голема мера ги организирал српските пешадиски и хусарски полкови, потребни за војните против Турција. Се смета дека од Арсениевата втора титула - војвода, потекнува и името на регионот Војводина. 

Но православната самоуправа не била секогаш добредојдена, а доселениците често доаѓале во конфликт со домородните католици. Треба да имаме во предвид дека во 17-тиот век луѓето пред сѐ се идетификувале со црквата, а не со етникумот. Следствено, теолошките и црковните прашања биле чест извор на конфликти. Затоа црковниот живот бил и строго управуван од империјата. Така, православната самоуправа во голема мера зависела од императорската заштита, која според внатрешните и надворешни прилики и политики, Србите ги гледала или како сојузник или како проблем. На пример, запишан е извесен епископ Ефрем од Тетово, кој заедно со српскиот архиепископ Арсениј III, прво се доселил во Унгарија (во областа Mohacs, Szeged, Pécs, во истоимената епархија), а поради несогласување со католиците, во 1699 морал да емигрира во Русија (каде бил митрополит на Суздаль и Јурјев, до 1718).1)

Токму тоа незадоволство на православните верници од католичката Хабсбуршка управа, ќе го користи рускиот двор во свој интерес. Петар I, за време на неуспешниот Прудски поход на Молдова, го издава познатиот манифест од 03.03.1711, во кој ги повикува „сите христијани од грчки и римски закон, во Србија, Славонија, Македонија и Босна и Херцеговина“ да учествуваат. Според српски извори, околу 19.000 православни граничари од Унгарија биле спремни да се придружат, но нивниот премин преку Влашка (денешна Романија), го оневозможил влашкиот господар Бранкован. Сепак се спомнува учеството на извесен капетан Јован (Иван) Албанез (според некои Србин од Подгорица) со мал одред на војници. 

По покана на руските цареви

Како што веќе спомнавме, Петар I успеал да го прошири царството на југ до Црното море, на огромни и релативно пусти пространства (денешна централна Украина). Овие краеви на југ се граничеле со агресивни татарски племиња и со Османлиска Турција. На запад пак, со кралството Полска. Русија таму имала потреба од стационирана воена сила која ќе ја брани јужната граница, но и од верни поданици кои би стопанисувале во празните краеви. Затоа политиката на царска Русија од 18-тиот век била имиграциона. Во 1723 гореспоменатиот Албанез, од Петар I добива „позивна грамота“ да наврбува неколку хусарски (коњички) полкови и да ги распореди во Новоруските градови. Тој успеал да досели над 1000 Срби, а сигурно меѓу нив имало и други православни народи. Од тие доселеници, во 1727 е основан Српскиот хусарски полк, на чело со командантот Иван Албанез. Во 1737 им се придружиле уште 500 доселеници. Во 1740 тогашната царица Ана издава проглас за доделување на земја на „православни верници од Унгарија“.

Во 40-тите години политичката ситуација на православното население во Унгарија се влошило, а централната власт во Виена се повеќе се наклонува кон унгарското население како подобен сојузник во внатрешните работи на монархијата. Растело незадоволството кај српските граничари од регионите по реката Муреш и Тиса каде претходно била државната граница, но по осовојувањата сега се поместила на југ. Како последница на тоа, Хабсбуршката монархија во 1741 година, со указ ги укинала Моришката, Потиската и Дунавската краина (самоуправни области). Следствено, се омасовуваат миграциите од овој регион кон Русија.

Во тоа време, руски амбасадор во Виена бил грофот Михаил Петрович Бестужев-Рјумин, клучна личност во процесот на емиграција на православните воени единици во Руското царство. Бестужев-Рјумин ја запознал царицата Елисавета Петровна со ситуацијата на православните хусари во Унгарија, и во склад со политиките поставени уште од Петар I, предлага, односно активно агитира, за нивна преселба во Русија. Во 1750 година, грофот Бестужев-Рјумин го известил рускиот двор дека „православните народи – Срби, Македонци, Бугари и Власи – сакаат да ѝ служат на нејзиното Императорско Величество со крв и оружје“.2) Во неговте препораки запишал и  дека „...во мирно време, овој корпус составен од Срби, Македонци и Бугари – православни и еднородни нам народи – по храброст му се познати на целиот свет,...“. 3)

Еден полковник од Моришката милиција, со име Јован (Иван) Хорват (Јован Самоилович Хорват), прв стапува во контакт со Бестужев-Рјумин, добива дозвола од царицата Марија Терезија (јуни 1751) да отстапи од автриската војска и да се исели во Русија. Отпусница и пасош за патување добиле и други, а тука ги споменуваме Јован Шевчиќ и Рајко Прерадовиќ. Под водство на овие три офицери, започнала најмасовната и најпознатата селидба на православно население во Русија. Меѓу тројцата офицери ќе настане и големо ривалство за придобивање на доселеници под нивна команда, оти за нив добивале големи дотации за издршка, како и благонаклоност од рускиот двор.


Воените колонии „Ново Сербија“ и „Славеносрбија“


На сликата со портокалова боја се прикажани границите на Ново Србија (лево) и Словеносрбија (десно), во склоп на денешните граници на Украина.

Првите 218 доселеници од Австрија во Русија (официри, војници, цивили со своите семејства и слуги), заедно со Хорват пристигнале кон крајот на Септември 1751. Со цел уредување на новите православни населби, Хорват бил повикан во Петроград, каде во царскиот двор го претставил својот проект. По наредба на царицата Eлисавета Петровна, Сенатот го разгледува и во истиот ден го озаконува проектот (24. декември 1751 година). Во него е запишано дека „православните народи Српски, Македонски, Бугарски и Влашки“, сакаат да преминат во руско поданство, и на царицата да и служат со „оружје и крв“. 4)

Слика: Извадок од Полное собрание законовъ Российской империи ..., Том. 13, док. бр. 9919, стр. 556. Во првиот дел е крајот од еден допис од Гроф Бестужев-Рјумин (28.09.1751), а во вториот дел е почетокот од приложениот проект на Јован Хорват.

Со грамота на Воениот Колегиум, од 11 Јануари 1752 година, Иван Хорват е прогласен за „генерал-мајор“ на 2 хусарски (коњички) и 2 пешадиски полкови. 5) Полковите го добиваат името Хорватов полк. До пролета 1752, бројот на доселениците се зголемил на околу 1000 души.

Областа во која се населиле, денeшен Кировград - централна Украина, го добила името „Нова Сербија“. Таа била директно потчинета на Рускиот Сенат и Воениот Колегиум. Нејзин центар бил градот Новомиргород. Со указ на рускиот Сенат (19. Октомври 1752), во „Нова Сербија“ можеле да бидат примени “въ подданство и въ службу Ея Императорскаго Величества“ само нови доселеници „од народов ...Сербскихъ, Македонскихъ, Болгарскихъ и Волоскихъ“ (влашки). 6) Насловот на истиот Сенатски указ (10.037) е слично ограничувачки: „За дозволата да се доселат во Нова Сербија староседелци само од Молдавија, Влашка, Македонија и Србија, а не од било кои други народи“.

Нешто подоцна, во 1752 во Киев, со група доселеници доаѓаат и австриските офицери Јован (Иван) Шевиќ, и Рајко Прерадовиќ, и таму дознаваат дека треба да  бидат бидат под команда на Ј. Хорват во Нова Србија. Незадоволни од предлогот, тие издејствувале со нов царски указ од 29. Мај 1753 година, да добијат друга територија, која ја нарекле „Славеносрбија“ и таму да организираат свои полкови (Шевичев и Прерадовичев). 7) Денес „Славеносрбија“ се лоцира во регионот Луханск - источна Украина (види мапа). Со указот од 1753, двајцата добиваат чин „генерал-мајор“ и дозвола да се населат заедно со „српската, македонската и другите православни нации.“ 8)

Во еден рапорт до рускиот сенат, од генерал Јован Хорват (01. Декември 1754 година), за националната припадност на полковите во „Нова Сербија“, пријавени се 289 доселеници од „Македонска нација“ (македонской нацей). Во истиот документ има и доселеници од Српска, Бугарска, Полска и Арнаутска нација. Извор 9). (види табела)

КАКИХ НАЦЕЙГУСАРСКИЙ ПОЛКПАНДУРСКИЙ ПОЛКВСЕГО ВНОВЬ ВЫШЕДШИХ
 м. п.ж. п.м. п.ж. п.м. п.ж. п.вместе
сербской202152107202309354663
македонской816042106123166289
болгарской362313474970119
польской, мунтянской, арнаутской144211246611321210324454548
из выхрещенных католического и лютеранского исповедования, вышовших из Цесарии2612518313061
Итого178713718281694261530655680

Табеларен статистички преглед на националностите, во „Нова Србија“, од рапортот на Хорват до рускиот сенат (1754). Под мунтянской се мисли романска, а за арнаутской, албанска.

Во друг указ од Рускиот сенат (04.12.1755), на Генерал Мајор Хорват, му се дозволува да уреди нов гарнизон од 300 луѓе, на земја надвор од границите на Нова Сербија, и „таму да смести староседелци Срби, Македонци, Бугари и Власи“. 10)

Од полкот на ген. Шевиќ (Славеносрбија) е сочуван список на луѓе, кои потекнува од 1756 година. Тој содржи повеќе податоци (име, членови на семејство, писменост, и т.н.), меѓу кои најголемо внимание привлекува колоната национална припадност. Во полкот освен Срби имало запишано и лица од „греческую“ „венгерскую“ (унгарско), „болгарскую“ и „волоскую (влашка) нацию“. Тука, 74 лица се декларирале како дел од „Македонской нацией“. Запишани се нивните имиња, старост, писменост, јазици и семеен статус. 11) (види слика)


Извадок од книгата на А. Матковски - статистички преглед ан жителите од „Шевићевиот“ полк (1756)

Со указ од 10. Мај 1759. година на Иван Хорват му е наредено да формира уште два „непоселенние полеве“ полкови со име „Македонский“ и „Болгарский“. За времето кога се оформени овие два полка опширно пишува Симеон Пишчевиќ во неговите мемоари - т.е. пишува главно за контроверзите околу ген-мај. Хорват. Пишчевиќ, тогаш млад и амбициозен капетан од Славонија - етнички Србин, во Русија се преселува со силна желба да служи на царството и да биде меѓу своите „едноверни браќа“. Во моментите кога Хорват се обидува да го придобие во своја служба, Пишчевиќ ќе запише „(н.з. Хорват) зборуваше како сега кај него ќе се оформат два воени хусарски полкови, со име Македонски и Бугарски, во кои ќе се соберат од своите татковини како Срби, така и Власи, Грци и Моладавци, и тоа сѐ млади и неженети луѓе со поголема желба за учество во поход и војна, одколку за економија во (воените) населби.“12) Пишчевиќ, запишал дека во двата полка влегле и Црногорци (кои на едно место во книгата ги дефинира како Срби). Тој во своите мемоари не споменува ниту Македонци, ниту Бугари, а претпоставуваме дека истите ги сметал за Срби. Една индикација за неговите национални ставови е и тоа што својот мајчин јазик го дефинира како „словенски“, но себе си како Србин. Треба да се земе и предвид дека фокусот во неговите мемоари е ставен на неговата војничка кариера и животни згоди/незгоди, а многу оскудно ги опишува другите луѓе во полковите. Во неговите мемоари двата полка ги опишува како необучени, со хроничен недостаток на луѓе, та од нужда често се регрутирале Молдавци и Полски Малоруси (Украинци) па дури и католици. Тоа укажува на една шареноликост на народности кои земале учество во овие два полка. 

Инаку, Македонскиот хусарски полк (ориг. Македонский гусарский полевий полкь), (полевий значи нестациониран), со еден период на институциално непостоење (бил расформиран со реформите 1763), но со истото име, се споменува најдоцна до 28. Јуни 1773. година.

Според архивските податоци на Централниот господарски воен архив (Ф. 248, хр. 2886 лист 12 б), од 19. Октомври 1759, на барање на Хорват, издадена е наредба за изработка на на печати за Македонскиот и Бугарскиот полк, кои за жал не се пронајдени. Според српскиот историчар Соловјев, сите полкови имале свои знамиња со мотив - грбот од матичната земја, земен од книгата Стематографија на Христофер Жефаровиќ (1741). 13) Меѓутоа, Соловјев не навел од каде потекнува овој податок, а академик Александар Матковски во своите истражувања не успеал да го потврди истото. Јован Јоновски, од Грбословното друшто на Р. Македонија, има направено обид за негова реконструкција, прикажан подоле. 14)

Како што кажавме, при формирањето на двата полка, Хорват се обидувал да го врбува младиот Пишчевиќ во своја служба, ветувајќи му потполковнички чин и команда на Македонскиот полк. Пишчевиќ прифаќа, со надеж дека на чело на Македонскиот полк брзо ќе замине во војната со Прусија. Но Хорват го преварува, и со сенатски указ на чело на полкот го поставува мајор Алексеј Костјурин. На Пишчевиќ пак исто со указ на Сенатот, му се доделува под команда Бугарскиот полк, во кој немало ниту еден војник. Сепак Пишчевиќ, за една година успева да го пополни и спреми Бугарскиот полк. Во меѓувреме, мајор Костјурин се соочува со недисциплина и дезертирања во Македонскиот полк. За да го реши проблемот, Хорват ќе посегне по уште една измама. Тој го обновува своето ветување за потполковнички чин на Пишчевиќ и командата на Македонскиот полк, а во исто време тајно за потполковник го промовира Костјурин, притоа барајќи од Пишчевиќ да префрли 150 најдобри хусари од Бугарскиот, за да го пополнат Македонскиот полк. Кога овој тоа го исполнува, Хорват веднаш ги испраќа Костјурин и пополнетиот Македонски полк во поход на Прусија, оставајќи го Пишчевиќ со празни раце. Историчарката Здравева 15) смета дека презимето Костјурин е поврзано со градот Костур, па не се исклучува дека Хорват имал повеќе доверба кај своите земјак, а не кај Пишчевиќ. (За семејното потекло на Хорват подоле во статијата).

Од другите документи поврзани со Македонскиот полк, ја спомнувам наредбата (3. Март 1759) за вклучување на новодојденецот, благородник од Унгарија, македонецот Александар Димитријев. Понатаму, на барање на Хорват од 10. Септември 1759 година издадена е наредба за трансфер на неговиот роднина Ѓорѓи Хорват Дајамбурски во Македонскиот полк, со чин капетан.

За жал, не се зачувани други документи за лицата кои земале учество во Македонскиот полк. Една од причините е што овој полк бил нестациониран, односно постојано бил испраќан во поход. Друга можна причина е што Македонскиот полк долго не ја задржал првичната форма според кој бил замислен. Веќе на 26 Јули 1761 кон него се припојува Бугарскиот полк, и настанува еден поголем Македонски полк. Причината е недоволниот број на војници во двата полкови.

Книгата „Мемоари“ од Симон Пишчевиќ е извор на информации за секојдневниот живот во двете колонии

Добрата среќа на двете колонии и нивните полкови нагло се менува со доаѓањето на царицата Екатерина Велика на рускиот престол (1762). Таа ја засилува имиграционата политика, но со значајна промена. Со Манифест (од 04. 12. 1762 година) царицата ги кани „сите странци“, без никакви ограничувања „да дојдат во Русија и да се населат каде сакаат“. Со тоа Словеносрбија и Нова Србија, засекогаш го губат правото на избор на дослениците. 

Од друга страна, после првичниот бран на преселби на хабсбуршки офицери, Виенскиот двор воведува забрана за натамошно иселување на офицери (Казнен Патент од 19.06.1752). Тоа создава големи проблеми во регрутирањето кај двете колонии, и брзо се забележува недостаток на регрути за новите полкови, што пак резултира со поголемо користење на Молдавци, Полски Бугари и Украинци (Полски Малоруси) за пополнувања на овие недостатоци. Тоа секако дека било забележано од Царскиот двор и Сенатот.

Како добар повод за акција од страна на Рускиот двор, било искористено зачестеното незадоволство на доселениците од апсолутистичкото владеење на Иван Хорват. Имено, Хорват не бил искрен кон Сенатот за начинот на трошење на владините пари наменети за нови доселувања. Власта ја концентрирал во Новомиргород, владеел деспотски и на високи позиции често поставувал членови на своето семејство. Во хрониката е запазен и бунт на војници, поради глад.

Одкако вестите за корупцијата на Хорват допираат до рускиот двор, во 1762 сенатот испраќа комисија на чело со полковник Спичински, да ги истражат овие злоупотреби. По негативниот извештај на комисијата, со указ од 11. 07. 1763, Хорват е лишен од сите чинови и испратен во заточеништво на север. Српскиот историчар Љубивоје Церовић, дава свое видување на политичката позадина на одстранувањето на Хорват: 16) „...Генералот Јован Хорват создаде територија со пет полкови, со организирана извршна и судска моќ.... Стоејќи на чело на цел корпус, со апсолутистичка моќ, и со широки овластувања од рускиот двор, тој всушност создава држава во држава. Сметаше така дека со својот висок авторитет, може да ги застапува српските интереси пред рускиот двор. Тој подреди сè на крајната цел - ослободување на татковината на неговите предци со помош на моќната Руска империја. Но... Хорват не успеа. Тој беше обвинет за злоупотреба на службената положба и корупција и сменет - иако со своите постапки многу не се издвојуваше од другите руски генерали... Рускиот двор, со цел да го спречи креирањето на едно српско национално јадро, на чело на истите полкови поставува еден Русин - генерал Меjугунов.“

Горе-наведенитот извештај на Спичински предлагал да се укинат автономијата на Нова Србија и на Славеносрбија. Тоа е прифатено од Екатерина Велика, и на 22. Март 1764 со указ се укинува Нова Србија како војничка област. Официјалната причина за укинувањето пак на Словеносрбија, (Со указите од 09. и 11. јуни 1764. година), е малиот број на платени граничари - тогаш броеле само 1264 лица. 26)

Према историчарот Кабузан, во 1762 година, во Нова Србија и Славеносрбија престојувале околу 25.000 балкански доселеници. Веќе следната деценија, тие стануваат малцинство, а со текот на времето се претопуваат во домородното украинско/руско население. Доста иронично, но со тоа се остварува предвидувањето на австрискиот генерал Енгелсхофен, дека „србите меѓу руското словенско и православно население брзо ќе се претопат.“ Тоа го забележал Симеон Пишчевиќ во своите мемоари, во моментот кога бара да биде отпуштен од австриската војска. Германскиот генерал, во тирадата на прекори и неодобрување на селидбата на младиот Пишчевиќ, пророчки ќе ја предвиди српската асимилација. И навистина, сите балкански доселеници се претопиле и потполно се изгубиле. Само неколку географски топоними сведочат за нивното постоење. Овде пренесуваме дел од нив, кои очигледно се Македонски: 

  • Skopivka, Ivano-Frankivsk Oblast, Ukraine
  • Skopiivka, Kirovohrad Oblast, Ukraine
  • Makedonivka, Luhansk Oblast, Ukraine, 92033
  • Makedonivka, Donetsk Oblast, Ukraine
  • Makedony, Kyiv Oblast, Ukraine
  • Kumanivka, Kozeatîn, Vinnytsia Oblast, Ukraine
  • Kumanivtsi, Vinnytsia Oblast, Ukraine
  • Александар Матковски во својата книга ги пренесува следниве етноними: Македонов, Македоновка, Македони, Скопиевка, Куманово, Малаја Каратовка, Новиј Полог.

Не е целосно јасно колку години постоел македонскиот полк. Според Матковски, тој се задржал до 1773 година. Според украинскиот историчар Владимир Милчев, но и според руски документи, војниците од македоснкиот полк на 05.10.1763, се прелеваат во Молдавскиот и Српскиот полк, и со тоа тој престанува да постои. 24) 25)

Од руските документи се гледа дека нов „Македонски полк“ е креиран 26.12.1776, а се задржал до 28.06.1783, кога со нова реорганизација, Македонскиот и Далматиснкиот полк се слеваат во нов Александријски полк. Овој втор македонски полк, имал и свој грб кој е зачуван во книгата „Гербы Полевых и поселенныхъ Гусарскихъ полковъ с 1776–1783 г.“ Но тој грб не е истиот, како во описот од првиот Македонски полк.

Дел од офицерите имаат македонско потекло

Како што пишавме, прво помасовно селење во Русија е организирано од полковникот на моришката милиција Јован (Иван) Хорват, за кого се смета дека е со потекло „из Македонији Цинцар“.17) Поточно семејното потекло се лоцира во селото Арвати (Хорвати, Р’вати, Арвати), Долна Преспа, каде неговите предци имале земја уште од времињата на српските владетели Немањичи. Дедо му, Марко Хорват се преселил во Австрија во втората половина на 17. век, каде се бавил со трговија. Семејното презиме го земал од родното село 18). Таткото, Самоил Хорват, се определил за војничка кариера, се истакнал во борбите кај Велики Варадин (Орадеа - Романија), по што е поставен за командат на утврдувањето. Како ВеликоВарадински војвода, во 1689, од австрискиот имератор Леополд I, добил благородничка диплома „де Куртич“ (по името на поседот во околина на Арад, денес. Романија). Синот, Јован завршил воена школа и како мајор се истакнал во битка, а во 1745 со чин подполковник е стациониран во Печка (ден. Романија, близу Арад). По укинувањето на Поморишката краина, го продава целото свој имот во Куртич, и со дозвола од царицата Марија-Терезија заминува за Русија. 

Заедно со Хорват, дозвола за истапување од Австриската војска добиваат и капетанот Никола Штрба, кој во Русија го викаат Чорба. 19) Сигурно е дека негови браќа се Теодор Штрба (Чорба, Csorba) и Јован Чорба. Во списоците на офицери кои сакале да заминат за Русија, испратени од австрискиот амбасадор во Петроград до владата во Виена (01.09.1971), се и следниве имиња: Johan Chorwath ..., Michael Chorvath, Nicola Chorba ... Teodor Chorba, ..., Lazar Serezlin, Luca Popovitsch, Kir Popovitsch, ..., Maxim Chorba, ..., Georg Popovitsch, ... сите со семејствата.20) Акад. Александар Матковски смета дека семејството Чорба е со потекло од Охрид, каде и денес се среќава ова презиме. Тој смета дека заедничкото потекло од Македонија, ги поврзува со семејството Хорват, и затоа делувале заедно. Презимето пак на споменатиот Лазар Серезли, укажува дека капетанот (барјактар) Лазар е со потекло од градот Сер. Историчарката Здравева смета дека македонско потекло имаат и споменатите Лука Попович, Кир Попович и Георг Попович. 21)

Повторно ги споменуваме капетанот на Македонскиот полк - Алексеј Костјурин, по претпоставка, од Костур. А го споменаваме и името на македонецот Александар Димитријев, благородник новодојденец од Унгарија, кој со наредба од Хорват (3. Март 1759) е повикан да се упати на Македонскиот полк. 

Прашањето на етничката припадност

Академик Александар Матковски во својата книга „Македонскиот полк во Украина“, објаснува дека со термините „македонской нациеи“, „македонской, „македонская“ треба да се подразбираат сите имигранти од Македонија, без разлика на нивното етничко потекло. Тој продолжува дека „во 18-тиот век е премногу рано да се говори за македонска нација како што ја разбираме денес“.  

Сепак не може да се заобиколи еден општ впечаток: Во руската документација, Македонците се запишани како посебен народ, различно од споменатите Срби, Бугари, Власи, Грци, Арнаути. Како што покажав погоре, првото пишано сведоштво доаѓа од грофот Бестужев-Рјумин, кој на царицата и препорачува да се примат во руска воена служба православните балкански народи: Грци, Власи, Албанци, Срби, Македонци и Бугари, со нагласок дека последните три народи се еднородни со Русите. 22) Таквите разлики кај балканските народи, Бестужев ги воочува по неговите контакти со православните достојници во Виена, сигурно и со Хорват. Во доставениот Хорватов проект до Царицата и Сенатот, од 1751, јасно се дефинирани народите: Срби, Македонци, Бугари и Власи, па со сигурност можеме да кажеме дека таа дефиниција е став и на самиот Јован Хорват. Рускиот Сенат ја превзема истата дефиниција и наредните години се издаваат серија на укази кои дефинираат дека само доселеници „од народов ...Сербских, Македонских, Болгарских и Волоских (влашки)“  можат да се населат во двете српски колонии. 4) 5) Од истите укази, потекнува и обврската, Хорват и Шевчиќ да рапортираат за бројот и народниот состав на полковите. Веќе споменавме два зачувани извештаи (во 1754 од Хорват - Ново Сербија и 1756 од Шевиќ, Словеносербија), каде меѓу другото се запишани војници со потекло од „Македонска нација“. Во едниот, се зачувани имиња, кои се со сигурно словенско потекло, но и се многу слични со имињата кои се среќаваат во денешна Р. Македонија.

Јасна е мотивацијата на рускиот двор да го ограничи доселувањето на само православни семејства, со цел да се придонесе во црковното еднообразие и силата на царството. Тука интересите на Хорват и неговите српски доселеници, се совпаѓаат со тие на Руското Царство. Мотивите се главно практични - заради зачувување на единството во самите полкови; но и политички - создавање на едно јадро во руското царство кое ќе се застапува пред рускиот двор за интересите на поробените народи во Османлиска Турција, се разбира, под водство на бројниот српски елемент. Тој идеал за ослободување од Османиската власт е една константа кај доселениците.

Идеалот за слобода е и силна мотивација за организирање на доселениците во полкови од сродни по вера, и јазик, народи. Тој идеал Хорват и Шевчиќ го користат како алатка во нивната агитација за масовни доселувања, за што, мораме да напоменеме, добивале и издатни финансии (по глава) од Рускиот Сенат. Следствено, и себеизјаснувањето на доселениците „Македонска нација“ може да се смета како еден вид манифестација на тој идеал за слобода. Во спортивно, тие не би имале причина да ги запишуваат Македонците во посебна графа. Доколку македонските досленици го сметале тоа за неприродно, тоа сигурно ќе било демотивирачки за доселувањата, и контрапродуктивно за Ново Сербија и Словеносербија.

Бугарскиот историчар Иван Тјутјунџиев (Иван Тютюнджиев) ги анализира Македонскиот и Бугарскиот полк како бугарски воени формациии, под еден началник - мајорот Симеон Пишчевиќ. Според него, Власите кои преовладувале во Македонскиот полк, доселеници од Македонија, им дава за причина на руските канцеларии, кои ги третираат Власите од Македонија како „македонци“, да го разграничат Македонскиот од Бугарскиот полк. 23) Не можеме да се согласиме со овие гледишта, затоа што 1. Уште од писмата на гроф Бестужев е јасно дека Македонците се народ еднороден со Русите - а Власите не се тоа; 2. Во листата со имиња на војници кои се запишале како дел од Македонската нација, како и командниот апарат на Македонскиот полк, преовладуваат имиња од словенско потекло; и 3. многу се оскудни податоците за војниците во Македонскиот полк, за да може да се заклучи дека во него преовладувале Власи.23)

Македонскиот и бугарскиот полк се објект на истражување и од украинскиот историчар и истакнат булгарист, од националниот универзитет во Запорожје - Владимир Милчев. Двете воени формации ги смета за полкови со бугарско присуство, во системот на државна воена колонизација во јужна Украина. Според него, неколкуте украински и странски историчари кои ги проучуваат двата полкови се едногласни во нивниот опис. Сепак, погрешна е изјавата на А.Матковски, кој смета дека македонскиот и бугарскиот полк имаат трајни населби со голем број жители, претежно од македонска националност. Според украинскиот историчар, погрешен е и ставот дека сите војници во двата полк се Бугари, и дека не може да се игнорира постоењето на терминот „Македонска нација“ во оригиналните руски документи 24) стр. 156. Всушност, идејата за создавање на овие полкови, продолжува Милчев, се јавува од порано и не била формулирана како проект за појава на национални воени единици. Пример во врска со ова е вклучувањето на голем број Црногорци во македонскиот полк 24). Се согласувам со Милчев дека самите полкови биле не-стационирани, и се согласувам со констатацијата дека во истражувањата на бугарските историчари недозволиво е да се игнорира појавата на термините „Македонска нација“ и „Македонци“.

Една заедничка особина на бугарските историчари, кои на оваа тема пишуваат многу помалку од Српските и Македонските, е тенденцијата да се разработува појавата на Македонскиот и Бугарскиот полк - самостојно, без да се стават истите во контекст на двете српски колонии. Но како што покажавме, термините Македонци и Македонска нација, најчество се јавуваат во периодот пред оформувањето на конкретните два полкови. 


Цитати:

1)    Г. Занетовъ, Българските колонии в Руссии, Периодическо списание на Българското книжовно дружество, Година 9, Книжка 37–38, Средец 1895, 178–9; Д-р Мита Костић, Српска насеља у Русији: Нова Србија и Славеносрбија. Српски етнографски зборник, Српска краљевска академија Књ. 26, Насеља и порекло становништва Књ. 14, Београд 1923, 11–2.; Политические и културние отношения России с Югославянскими землями в XVIII в., Документи, ИИ АН СССР, Москва 1984, 66–70.

2)    Занетовъ, Г. (1891). “Българскитѣ колонии въ Руссия.” Периодическо списание на Българското книжовно дружество въ Срѣдецъ, г. VIII, кн. XXXVII-XXXVIII, 381.

3)    Полное собрание законовъ Российской империи съ 1752 года, Т. 13, 566–588, док. бр. 9919 - http://nlr.ru/e-res/law_r/search.php ; Занетов (1891), 182.

4)    Полное собрание законовъ Российской империи съ 1752 года, Т. 13, 552–558, док. бр. 9919 и 570-577, док. бр. 9921 - http://nlr.ru/e-res/law_r/search.php ; Др Мита Костић, Српска насеља у Русији ..., 54–6; Александар Матковски (1985), Македонскиот полк ..., 173–4. Матковски је дао факсимил од део Указа царице Јелисавете узет из књиге Петра Кепена „Хронологический указатель материаловъ для истории инородцевъ европеиской России“, Санктпетербургъ 1861; Занетов (1891), 182.

5)    Хронологический указатель материаловъ для истории инородцевъ европеиской России. Составленъ подъ руководствомъ Петра Кепена, Санкпетербургъ, 1861, 421–423. Др Мита Костић, Српска насеља у Русији ..., 56–7; Александар Матковски, Македонскиот полк ..., 174–7.

6)    Полное собрание законовъ Российской империи съ 1752 года, Том 13, док. бр. 10037, стр.716 - http://nlr.ru/e-res/law_r/search.php ; цит. по Александар Матковски, Македонскиот полк ..., 221.

7)    Н. С. Державин, Болгарския колонии въ России ..., 8, 29;

8)    Матковски, А. Македонскиот полк во Украина, Скопје, 1985, стр.191

9)    РДАДА, ф. 248, оп. 39, спр. 2815, арк. 750 – 752. од книгата: Пивовар А. В. Поселення задніпрських місць до утворення Нової Сербії в документах середини XVIII століття. Київ, 2003. https://web.archive.org/web/20170826003049/http://library.kr.ua/elib/pivovar/pivo58.html ili http://old.library.kr.ua/elib/pivovar/pivo58.html

10) Полное собрание законовъ Российской империи съ 1752 года, Том 14, док. бр. 10488, стр. 484-485; Петр Кепен „Хронологический указатель материаловъ для истории инородцевъ европеиской России“, Санктпетербургъ 1861, стр.423

11) Фонд 1413 опис 1 зб. 6 и зб. 15/3 јанваря 1759. из Централний державний исторический архив“ у Кијеву

12) Симеон Пишчевић, Мемоари, ..., Београд 1963, 360.

13) Др. Александар Соловјев, Југословенски пукови у руској војсци 18. века. стр.73

14) Јован Јоновски, Сонцето и лавот како симболи во хералдиката...., Скопје, 2019, стр. 54

15) Здравева Милка, Пресељеници из Македоније у руско царство средином 18 века, in Сеоба Срба у руско Царство половином 18 века, Нови Сад 2005, p. 135–145.

16) Љубивоје Церовић: "Јован Хорват - вођа прве сеобе Срба у Руско царство",

17) Душан Вуксан, Преписка митрополита Василија, митрополита Саве и црногорских главара, Споменик LXXXVIII, Други разред 69, Београд 1938, 75; Глигор Станојевић, митрополит Василије Петровић и његово доба (1740–1766.), 155;

18) Александар Матковски, Македонскиот полк ..., 166. 

19) Др Мита Костић, Српска насеља у Русији ..., 44

20) Др Мита Костић, Српска насеља у Русији ..., 44-45

21) Здравева Милка (2005), Пресељеници из Македоније…, 139

22) цит. по Александар Матковски, Македонскиот полк ..., 257; Полное собрание законовъ ..., Т. 13, 566–588, док. бр. 9919,

23) Тютюнджиев, Ив. Български военни формирования в Украйна през XVIII век. – В: Българите в Северното Причерноморие. Т. 4. В. Търново, 1995, с. 131–136.

24) Милчев, В. Два хусарски полка с българско участие в системата на държавната военна колонизация в южна Украйна (1759–1762/3). – В: Исторически преглед, София, 2002, № 5–6, с. 161.

25) http://www.gusa.ru/pasha3.html

26) Петр Кепен „Хронологический указатель материаловъ для истории инородцевъ европеиской России“, Санктпетербургъ 1861, стр.425


Користена литература

Матковски, А. Македонскиот полк во Украина, Скопје, 1985

Здравева Милка, Пресељеници из Македоније у руско царство средином 18 века, in Сеоба Срба у руско Царство половином 18 века, Нови Сад 2005, p. 135–145: https://www.rastko.rs/rastko-ukr/istorija/2003-ns/mzdraveva.pdf

Galin Dimitrov, The creation of so-called Macedonian Regiment in Ukraine in Bulgaria, the Bulgarians and Europe - Myth, History, Modernity, 2019, Volume 13, Issue 1, Veliko Tarnovo University

Јован Јоновски, Сонцето и лавот како симболи во хералдиката...., Скопје, 2019

Македонска нација - Македонци во Руското царство: 
https://www.mn.mk/aktuelno/7905-Ke-go-zemam-vo-zastita-makedonskiot-narod
http://mn.mk/komentari/8855-Makedoncite-se-iseluvaat-vo-Ruskoto-carstvo-vo-18-vek
http://mn.mk/komentari/8876-Makedonski-naselbi-vo-Ruskoto-carstvo-vo-18-vek
http://www.mn.mk/komentari/8900-Makedoncite-doagaat-vo-Ruskoto-carstvo-vo-18-vek-2-del

http://rgada.info/ Российский государственный архив древних актов

https://cdiak.archives.gov.ua/spysok_fondiv/  Центральний державний історичний архів України, м. Київ (ЦДІАК України)

Списание штит Македонскиот полк: http://www.morm.gov.mk/wp-content/uploads/2011/10/15-Shtit.pdf

Essays on the history of Slavic Colonization in Novorossiya in the18th century. Serbian military settlements. 
http://old.library.kr.ua/elib/pivovar/pivo58.html
http://old.library.kr.ua/elib/zagorovski/zagor.html
http://old.library.kr.ua/elib/gavriil/gavriil.html
http://old.library.kr.ua/elib/arseniy/ars1.html
http://old.library.kr.ua/elib/pashutin/pash2.html
Примечание Александра Пишчевича на новоросийский край http://old.library.kr.ua/elib/pishevich/pishevich2.html
грци: http://old.library.kr.ua/elib/krayvisnyk/krayvisnyk_2009.pdf

Историја Донецк крај: https://studfile.net/preview/5922691/page:4/

Makedonci vo sreden vek matkovski http://www.unet.com.mk/mian/terms.htm 


Униформи:

Comments