Автор: академик Иван Катарџиев
Текстов претставува избрани извадоци од реферат поднесен од акад. И. Катарџиев на симпозиумот ,,Школството, просветата и културата во Македонија во времето на преродбата“ одржан од 22 до 24 XII 1977 во Титов Велес и Штип. Подоцна публикуван во ,,Школството, просветата и културата во Македонија во времето на преродбата“ МАНУ Скопје, 1979, стр. 295-316.
...Двата народа (ред: се мисли на Бугарскиот и Македонскиот народ во 1870-тите) во борбата против големогрчката пропаганда биле упатени на меѓусебно помагање, интензитетот на кое зависел од степенот на нивната економска развиеност. Во тој момент бугарскиот народ имал поразвиена граѓанска класа, и според тоа повеќе можности да му помогне на македонскиот народ во заедничката борба.
Меѓутоа, заедно со помошта што му ја укажувала бугарската буржоазија на движењето во Македонија се зголемувале и нејзините аспирации кон Македонија,.. изразени преку наметнувањето на бугарската култура, јазик и национално име.
Имено, колку повеќе се развивала антипатријаршиската борба во Цариград (бугарската интелигенција против Патријаршијата), како центар, а потоа во Бугарија и Македонија, толку повеќе доаѓале до израз стремежите за централизацијата на таа борба, за концентрација на нејзиното раководство во рацете на богатата бугарска група во Цариград. Колку повеќе тие стремежи се реализирале, толку поотворено се манифестирале напорите борбата да добива и исклучиво бугарски карактер. На тој начин уште во почетокот на заедничката борба на македонскиот и бугарскиот народ против фанариотската пропаганда се изразиле две димензии: едната да се елиминира грчкото влијание во Бугарија и Македонија преку откажувањето од Патријаршијата и отстранувањето на нејзините институции од овие две земји, и втората, трајно да се наметнува бугарското влијание во Македонија преку ставањето под свое раководство на црковните и просветни институции (ред: преку поставување на раководители од Бугарија), и нивната употреба како медиуми за ширење на бугарската култура во Македонија.
...Со создавањето на Егзархијата (1870), таа станала основен носител на големобугарската политика во Македонија. За извршувањето на оваа задача Егзархијата изградила посебни механизми,... чија основна задача била ,,за распространување на училишното образование во застрашените од грчка и српска пропаганда населби во Македонија.“ 29
...Прашањето за јазикот воопшто како и во конкретните околности, независно од името со кое се именува македонскиот преродбенски процес (ред: бугарски), било едно од најважните прашања. И тоа, покрај борбата за црковна независност од цариградската Патријаршија се поставувало како примарно прашање, отпрвин како еднакво, рамноправно со бугарскиот јазик, а подоцна како единствено наставно и говорно средство во Македонија.
Настаните во Серско, Мелничко, Неврокопско и Солунско, се фокусот на овој текст на акад. Катарџиев
...Возбуден од едностраното наметнување на бугарскиот јазик, познатиот преродбеник Никола Поп Филипов на 6 декември 1848 год. се обраќа со писмо до бугарскиот општественик Најден Геров во кое луто протестира против наметнувањето на бугарскиот јазик (ред: во Серската област) барајќи да се земе предвид и (локалниот) јазик при создавањето на општиот литературен јазик. Тој вели:
,,Не можев да трпам и да молчам и да го прифатам правописот, образувањето на зборовите на преводите на сегашните нови бугарски писатели кога гледам дека ни го расипаа правописот на јазикот. Се водат од старите ракописи, кои ги видоа и прочитаа и малите деца. Го направија потежок за учење и од грчкиот и словенскиот. Едно дете само него треба да го учи три години, а кога да се учат други науки? Зошто толку попусто се губи време? Зар за една таква безвредна работа". Протестирајќи потоа против воведувањето на еровите (ред: бугарски ъ, ь) и јусовите (ред: бугарски ю, я) во правописот тој вели: ,,За таквото пишување на еровите, јусовите и зборовите кои се употребуваат само во некои градови и села во Источна Бугарија, никојпат нема да се согласи западната наша Бугарија. Тие затоа што помагаа да се прероди бугарската писменост, сакаат и мислат таа да се развие на нивното наречје а не на еден општо бугарски јазик кој да прилега на целата нација од кој да се ползуваат сите Бугари, а не само тие да се просветуваат" 30
Залагајќи се за афирмацијата на македонскиот (корекција локалниот) јазик, односно за еднакво третирање на македонскиот и бугарскиот врз чија база треба да се гради новиот бугарско-македонски литературен јазик, дваесет години подоцна тој ќе објави писмо во весникот ,,Македонија“ (на Славејков) во кое меѓу другото ќе напише:
,,Мнозина од нашите сонародници Македонците, откако го исфрлија елинскиот јазик од богослужбата во црквите и го заменија со црковно-словенскиот малку полза имаат од тоа или, подобро да речам, воопшто немаат полза бидејќи толку го разбираат него колку и елинскиот... Многу ми е чудно зошто до денеска некои од нашите учени не обрнале внимание на таа работа та да ја исправат. Зар не е познато дека од тоа зависи нашето духовно и морално воспитание, како да не знаат што зборува апостол Павле во своето послание до Коринќаните: којшто зборува (пее или чита) на туѓ јазик, тој зборува на ветер“.
Залагајќи се повторно за тоа врз базата на „сите наречја" да се гради еден општ јазик, тој го заклучува своето писмо со следниве зборови:
,,Учебните книги които са се превеждали на бугарски нарицаем (балкански) јазик до сега малко нешто са били повразумителни нам на Македонците од оние на црковнословенскиот јазик; затоа и полза сосем малко сме продобили од нив" 31
...Овие негодувања по создавањето на бугарската Егзархија уште повеќе ќе дојдат до израз и ќе прераснат во директен судир.
Во Серската област тој судир се изразил во 1873 година околу името на поп Харитон Карпузов, кој бил еден од двајцата кандидати за владика на новоформираната неврокопско-драмско-серско-мелничка епархија. Иако имал полна поддршка на сите црковно-училишни општини - со исклучок на Серската, која под влијанието на Стефан Салганџиев се објавила против неговата кандидатура - поп Харитон не бил ракоположен за владика поради неговата самостојност. Против него во весникот ,,Право" се повела вистинска кампања. Најпосле по десетмесечно чекање и протести бил ракоположен за архимандрит и го испратиле далеку од Македонија за егзархиски намесник во бугарскиот град Берковица.
Во наредната година отпорот против наметнувањето на бугарската црковна администрација, а оттаму и јазик и просвета во цела Македонија, па и во Серскиот санџак се изразила во отворен бунт во акција за отцепување од бугарската Егзархија и премин во унија со католичката црква (во историјата познато како прво од вкупно три унијатски движења).
Се разбира, мотивите ни најмалку не биле од чист верски карактер. Според сознанијата на познатиот бугарски општественик Петко Р. Славејков, кој - штом станала јасна ширината на унијатското движење - на 14 јануари 1874 година, испратен лично до егзархот, пристигнал во Солун, ова движење било продолжение на незадоволството што се пројавило во Македонија против наметнувањето на бугарскиот јазик во неа уште пред да се формира Егзархијата. Доаѓајќи во Солун, Славејков веднаш влегол во акција за да ја открие содржината и целите на масовното антиегзархиско движење во Македонија. Неговите сознанија биле поразни. Во писмата испратени до бугарскиот егзарх од Солун тој без заобиколување констатира дека барањата за „обновувањето на Охридската архиепископија“, што било едно од централните во движењето, не било ништо друго туку повторно истакнување на ,,македонското прашање“, кое на дневен ред избило ,,уште пред дваесет години".
Анализирајќи ја суштината на тоа што се квалификувало како ,,македонско прашање“, Славејков констатирал дека во прв ред тоа го изразувало сознанието дека „Македонците не се Бугари кои упорно без оглед на цената настојуваат да се здобијат со своја одделна црква".
Опишувајќи ја ширината на антиегзархиското движење, Славејков во своите писма подвлекува дека тоа се проширило во поголем дел на земјата, а се манифестирало како незадоволство од едностраното решавање на црковното прашање. Тој пишува:
,,Поради неразумните проповеди на македонските патриоти дека црковното прашање е разрешено само во полза на Бугарите кај народот се разбудило нерасположение кон епархиите во Дунавскиот и Одринскиот вилает и завист поради поранешното пробудување на Бугарите. Особено се чувствува голем отпор против источно-бугарскиот говор во литературата. Општ впечаток е дека месните луѓе сметаат оти Македонците се навредени од разрешувањето на црковното прашање во полза на крајдунавските и тракиските Бугари. Ова расположение веќе прерасна во недоверба кон Егзархијата и кон нејзината висока хиерархија и е оформено мислење дека треба месното наречје да се издигне како литературен јазик за создавање на македонската хиерархија“.
Наведувајќи ги основните елементи на антиегзархиското движење во Македонија, истакнувајќи дека едно од ,,најтешките прашања“ во односите со Егзархијата ,,било околу назначувањето владици од македонско потекло, а особено за хиротонијата на дело Харитон", на искусниот бугарски општествен и културен работник,... не му било тешко да сфати дека суштината на целото движење во Македонија била борба за развој и афирмација на македонската национална самобитност, сместена, во зависност од условите - во црковни рамки, за стекнувањето на своја македонска црковна независност. Тој сосема јасно го констатира тоа свое сознание во своите писма „Македонското прашање на црковна основа", вели тој, всушност ги изразувало „сепаратистичките тенденции кај Македонците“ кои настапуваат преку „униjата да се создаде една нова етничка област“. „Веќе и во комуникациониот јазик на македонските дејци се зборува за ,,македонско движење“ под кое треба да се разбира независно национално и црковно ослободување. Сепаратизмот се шири од црковна на поширока основа.“ 32
Ете тоа била суштината на антиегзархиското движење што во 1873/74 година ја зафатило Источна и Јужна Македонија кое под формата за создавањето на унијатска црква во Македонија се борело за афирмација на македонската национална самобитност. Движењето било силно. За неговото задушување - Славејков тоа го сфатил - не бил доволен неговиот и на Егзархијата авторитет поради што во своите писма упорно го барал личното ангажирање на рускиот амбасадор во Цариград грофот Игнатиев. Само тој со своето влијание можел да го разбие движењето и да го поврати авторитетот на Егзархијата во Македонија.
Нема сомневање, развојот на црковно-просветното движење во Серскиот санџак во XIX век до револуционерните движења на Балканот 1875-76 година и Руско турската војна, било израз и функција на националното движење на македонскиот народ што се изразувало во напорите за неговото културно индивидуализирање. Треба да се истакне дека борбата за културно осамостојување во Македонија воопшто и посебно во Серскиот санчак ни најмалку не била наивна. Во таа борба македонскиот народ требало да го совладува отпорот на турската државна власт, жестокиот притисок на фанариотската пропаганда, која со сите средства се борела да ја задржи својата предоминација, и во исто време да го отстојува својот културен и политички идентитет од големобугарските настојувања за неговото обезличување.
Пречките биле огромни. Тие доаѓале од сите страни, па дури и оттаму од каде што најмалку се очекувало: од панславистичката политика на рускиот царизам, од неговата пробугарска определеност. Под форма да се зачува единството на словенскиот отпор на Балканот, тој настојувал да се задуши секоја појава што не одговарала на панславистичките сфаќања. Затоа и борбата за културна афирмација на Македонецот е од огромно значење.
(Крај)
Наводи:
(29) Чилингиров СТ., цит. кн.
(30) "Из Архивата на найден Геров, кн. ПI, под редакцията на Панчев. док. 270. София 1914, стр. 658-659. Текстот е цитиран главно на современ македонски јазик.
(31) Весник „Македония" год. 1, бр. 19, Цариград, 6 април 1868 год. стр. 4. Писмото е испратено на 21 март 1868 год.
(32) Славко Димевски, Две писма на Петко Рачев Славејков за македонизмот. Разгледии, в XIV, бр. 5, Скопје, 1972, стр. 557-566. Види и: Кирил Патриарх Български, Екзарх Антим (1816-1888), София 1956, стр. 542/43.
Comments
Post a Comment